Дописници СветСветСвет.Портал

САД со нови санкции кон Русија поради задржаните украински морнари

Во американскиот Конгрес синоќа беше поднесен предлог-закон за нови санкции против Русија поради задржувањето на украинските морнари лани во ноември во Керченскиот Теснец.

Вашингтон, 19 јули 2019 (МИА) – Во американскиот Конгрес синоќа беше поднесен предлог-закон за нови санкции против Русија поради задржувањето на украинските морнари лани во ноември во Керченскиот Теснец.

Санкции се подготвуваат против 24 службеници на високи позиции во руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) и „нивниот круг на соработници“, се вели во соопштението за јавноста на еден од авторите на нацрт-законот, член на Претставничкиот дом.

Како што јави дописникот на МИА, Конгресот го осуди задржувањето на морнарите.

– Го осудуваме нападот на морнаричката флота на Украина и незаконското задржување на 24 морнари. Ова е еден од последните злонамерни акти на Русија за поткопување на демократскиот прогрес во Украина и на меѓународното право, се вели во заедничката изјава на авторите на предлог-законот, Марси Каптур и Мајк Кујгли од Демократската партија и Енди Харис и Брајан Фицпатрик, републиканци.

Конгресмените сметаат дека и останатите земји треба да заострат со казните против Русија се додека морнарите не бидат ослободени. ЕУ, САД, Австралија и Канада во март веќе наметнаа санкции кон Русија поради конфликтот во Керченскиот Теснец. Во списокот на санкции на САД се најдоа шест лица и осум компании.

Во мај пак, Меѓународниот трибунал за морско право на ОН определи дека Русија треба веднаш да ги ослободи морнарите. Неодамна, претседателот на Украина, Володомир Зеленски, се обрати до неговиот руски колега, Владимир Путин, да ги отпушти задржаните.

Лани во ноември припадници на руската воена морнарица задржаа 24 украински морнари и конфискуваа два артилериски бродови и еден моторен чамец, под образложение дека навлегле во руски територијални води. Украинската страна вели дека барала дозвола за премин.

Од руското МНР укажаа дека Москва и Киев разгледуваат можност за размена на украинските морнари со руски лица поврзани со конфликтот во источна Украина задржани од властите во Киев. кб/

 

Таг
Back to top button
Close