0_Web_Актуелно0_Македонија.ПорталВидео изјаваПолитички партии

Пратеничката Калеска-Ванчева нов координатор на Форумот на жени на СДСМ, избрани и претседателите на партиските комисии

Снежана Калеска пратеничката во Собранието на РСМ е избрана за нов координатор на Форумот на жени на СДСМ, а комплетиран е и раководниот кадар на партиските комисии како стручни тела, на вечерашната седница на Централниот одбор на партијата.

Скопје, 18 јули 2019 (МИА) – Снежана Калеска-Ванчева, пратеничката во Собранието на РСМ е избрана за нов координатор на Форумот на жени на СДСМ, а комплетиран е и раководниот кадар на партиските комисии како стручни тела, на вечерашната седница на Централниот одбор на партијата.

– СДСМ покажа дека има капацитет перманентно да се менува во интерес на граѓаните на забрзување на напредокот на нашата земја. Во таа насока ЦО на СДСМ денеска ги комплетираше првите луѓе на своите партиски комисии, изјави по состанокот генералниот секретар на партијата Љупчо Николовски.

Тој информира дека за претседател на Комисија за внатрешни работи е назначаен Зоран Верушевски, на Комисија за европски прашања Бојан Маричиќ, на Комисија за економија Кирил Колемишовски, Комисија за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, Комисијата за здравство Венко Филипче, Комисија за земјоделство Зоран Атанасов, Комисијата за труд и социјална политика Милан Живковиќ, за култура Роберт Алаѓозовски, за образование и наука Елизабета Наумовска. Комисијата за надворешни работи ќе ка предводи актуелниот министер за дијаспора Едмонд Адеми, Драган Николиќ ќе ја води Комисијата за одбрана, Златко Николовски Комисијата за правда, Благој Бочварски  Комисијата за транспорт и врски, Фатмир Бекиќи Комисијата за финансии, Драган Гоцевски ќе ја води Комисијата за информатичко општество  и администрација, Дејан Павлевски Комисијата за локална самоуправа и Митко Андреевски ќе ја води Комисијата за енергетика.

Со одлука на ЦО, рече, се воведува и нова Комисија за спроведување на политиките на „Едно општество за сите граѓани“. Во наредниот период, додаде Николовски, останува да се компетираат секторите и секретаријатите на комисиите коишто, вели, ќе  работат интензивно на креирање нови мерки и политики и на реализација на ветувањата дадени кон граѓаните.

-Задоволство ми е што имаме многу нови луѓе, млади коишто се спој на искуство и стручни луѓе на авторитет и одговорност, коишто ќе дадат нов квалитет во делувањето на СДСМ, особено во делувањето и креирањето на политиките на партијата. Во овој период артикулиравме на централно и локално ниво 700 нови луѓе во извршните одбори на општинските организации, во партиските комисии и како претседатели на општински организации на СДСМ процес којшто е целосно завршен, рече Николовски.

Како генерален секретар на партијата тој информирал на ЦО за новиот систем на работа и делување на СДСМ, како и за тековните анализи на реализираните програми на нивните градоначалници, на централната и на локалната власт, и на согледувањата од терен на нивните тимови и раководните лица кои секојдневно се на маалски и урбани средби со граѓаните. Најави дека на следниот Централен одбор ќе бидат донесени пакет мерки коишто се од интерес на граѓаните.

На овој ЦО кој заседавал во проширен состав со сите пратеници, градоначалници, претседатели на општински организации, министри, заменици, форумот на жени, претставници на младината, сепак, според Николовски, најмногу се дискутирало и едногласно е донесена новата декларација со којашто се дава поддршка на партиското раководство коешто е истовремено на високо раководство и во државата и во Владата, да продолжи со бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата во државата за сите предмети од целиот период, како и за јакнење на правната држава преку создавање услови за целосно владеење на правото во дражвата.

Нов состав на Извршниот одбор партијата доби на седницата на ЦО во Охрид на 16 минатиот месец, а беа именувани и организациски секретар, секретар  за меѓународна соработка и директор на Центарот за истражување и анализа на СДСМ. За целосно заокружување на кадровските промени останува уште изборот на потпретседатели, кои не беа тема на вечерашната седница. вг/ац/

 

Back to top button
Close