0_Македонија.ПорталБизнисДописници МКДПолитика

Општините од Југоистокот потпишаа договори за соработка со Министерството за локална самоуправа

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски со градоначалниците од Југоисточниот плански регион потпиша договори за соработка и договор за финансирање на Центарот за развој на овој плански регион за 2019 година.

Струмица, 19 јули 2019 (МИА) – Министерот за локална самоуправа Горан Милевски со градоначалниците од Југоисточниот плански регион потпиша договори за соработка и договор за финансирање на Центарот за развој на овој плански регион за 2019 година.

Според министерот Милевски, и покрај тоа што се доцни со потпишувањето на договорите, сепак не се заборавени и денешниот е прв кој се потпишува со сите плански региони и до крајот на овој месец или почетокот на август ќе се настојува да се потпишат и останатите.

– Ги запознав градоначалниците со измените на законот за рамномерен регионален развој и притоа објаснив дека заврши евалуацијата на досегашната програма и изработката на новата десетгодишна стратегија за рамномерен регионален развој, која треба да стапи во сила од 1 јануари идната година. Ги информирав и за разговорите кои ги имавме во групата што е формирана од Владата за зголемување на ингеренциите на општините или проширувањето на децентрализацијата со зголемени ингеренции и финансиски средства за општините, изјави министерот за локална самоуправа Горан Милевски.

Тој се надева дека до крајот на годината овие процеси успешно ќе се завршат и ќе се имплементираат, а процесот на зголемена децентрализација ќе почне од 1 јануари 2020 година.

Милевски одговарајќи на новинарско прашање рече дека зголемувањето на финансиските средства кон општините ќе оди заедно со зголемувањето на ингеренциите, односно префрлање на ингеренциите во дел на институциите од најразлични сектори.

– Премногу е рано да се дискутира за проценти и кон кои институции. Тука треба да се изјаснат и министерствата за да видиме кои капацитети ги имаат општините за да преземат ингеренции и сето тоа да се усклади со зафаќањата од државниот буџет и дел да се префрли на локалните буџети, истакна Милевски.

Тој додаде дека интенциите и на премиерот и на Владата се да се зголемат ингеренциите на општините и колкав ќе биде опфатот ќе се знае за еден и пол месец и во решавањето на тоа прашање треба да биде вклучена и опозицијата за измена на Законот за локална самоуправа за чија промена е потребно двотретинско мнозинство.

За градоначалникот на Струмица и претседател на Советот на градоначалници на Југоисточниот плански регион, Коста Јаневски, важно е што покрај потпишувањето на договорите се разговарало и за децентрализацијата, која, како што рече, досега била малку закочена.

– Има едно големо расположение на сите чинители да се тргне кон следните чекори на децентрализацијата во областа на социјалната политика и други сегменти кои се значајни, како што е менаџирањето со шумите и патиштата. Тие се некои важни точки кои што во други прилики сме ги зборувале во ЗЕЛС и имаме начелно конкретни чекори кои треба да ги преземеме во текот на овој и наредниот месец, смета градоначалникот Јаневски.

На крајот тој додаде дека веќе се формирани комисии и работни тела, а процесите на понатамошна децентрализација ќе им овозможат на градоначалниците да менаџираат не само со средствата, туку и со плановите за развој на општините. рт/сп/

Back to top button
Close