Дописници СветСветСвет.Портал

Олдрин: Луѓето да се вратат на Месечината и да одат на Марс

Американскиот астронаут Баз Олдрин, кој точно пред пет децении заедно со Нил Армстронг и Мајкл Колинс полетаа кон Месечината во историската мисија „Аполо-11“, повика Вашингтон да ги надмина политичите и лоби интереси и да испрати луѓе на Месечината и на Марс.

Вашинтон, 21 јули 2019 (МИА) – Американскиот астронаут Баз Олдрин, кој точно пред пет децении заедно со Нил Армстронг и Мајкл Колинс полетаа кон Месечината во историската мисија „Аполо-11“, повика Вашингтон да ги надмина политичите и лоби интереси и да испрати луѓе на Месечината и на Марс.

Во интервју за „Вашингтон Егзаминер“, објавено синоќа по повод големиот јубилеј, тој укажа дека кога првпат стапнал на Месечината, клучната изјава на Армстронг „ова е мал чекор за човекот но џиновски скок за човештвото“, досега не е реализирана.

– Се уште го немаме направено тој голем џиновски скок. Оттогаш немаше ниту една голема програма како „Аполо“ да се постигне тој скок, истакна Одлрин.

Според него, САД не треба да запрат на Месечината, туку да бидат првата земја која испратила нова генерација колонисти во вселената како постојани населеници на Марс.

– Да, тоа е патување во една насока и треба да се сфати како такво, му се допаѓа тоа некому или не. Тоа е миграција и создавање населби, изјави тој.

Смета дека токму првите колонизатори, оние кои заминале и останале ќе се запаметат во историјата.

– Тие се пионери за својата земја и за човештвото. А оние кои отишле, се вратиле, напишале една или две книги, ќе бидат заборавени, и екипажите го знаат тоа, убеден е Олдрин. Неговата визија за следните 50 години, не е да се испрати мисија на Марс со 50 луѓе за тие да бидат „заглавени таму“.

Според него, САД поседуваат технолошка супериорност и можат да ги надминат проблемите со вселенското патување, но дека постои децениска фрустрација поради неуспехот на Владата и лидерите на земјата да се изведе таков план за враќање на Месечината и патување до Марс.

Олдрин е убеден дека САД потклекнале пред Русите на кои им ја препуштиле предноста во програмата за префрлање луѓе и опрема во орбитата „бидејќи нашиот шатл не беше безбеден како што мислевме па сега единствен начин да одиме горе (во орбитата) се Русите. Тоа не е премногу умно (решение)“.

Неколку вселенски програми како „Констелејшн“, „Патување на Марс“ и изградбата на вселенскиот брод „Орион“, на поранешните претседатели Џорџ Буш и Барак Обама, биле напуштени поради „преоптовареноста или преголемата енергија“ и требало „многу повеќе пари, комплексен распоред за изведување, и можеби не се толку безбедни“.

Според него, патување до Месечината треба да се реализира со транзитно летало што се движи меѓу земјината и лунарната орбита. Во ниската орбита на Земјата треба да се изведе платформа од каде ќе се испраќаат вселенски летала кон Месечината и евентуално кон Марс, а во меѓувреме да се изградат три посебни вселенски лаборатории за научно-технолошки истражувања, микрогравитација и вештачка гравитација.

Олдрин е убеден дека естабилишментот и привилегираните групи и лобисти во Вашингтон, кои ги претставуваат интересите на големите компании како „Локхед Мартин“ или „Боинг“, се причина за отфрлање на свежите идеи. Тој ги пофали основачите на „Спејс Икс“ и „Блу Ориџин“ на Елон Маск и Џеф Безос, за нивната „независна мисла“.

Тој смета дека само коалиција од владини агенции, приватни компании и останати земји кои сакаат да учествуваат во освојување на вселената, е клучно за успешната реализација на патување и израдба на постојана колонија на Марс. кб/гт/

Таг
Back to top button
Close