Biznis.SlajderГраѓански секторТема

Нови можности за поголема видливост на жените експерти

Мрежата на жени за нови политики неодамна лансира база на податоци за жени експерти. Зачленувањето во оваа база е на доброволна основа, а целта е да се зголеми видливоста на жените експерти во сите области. Преку оваа база поставена на ekspertki.ednakvi.mk, компаниите, граѓанските организации, медиумите, консултанските фирми, политичките партии и сите оние кои ќе имаат потреба ќе можат на едно место да побараат експертки или соодветен кадар.

Скопје, 20 јули 2019 (МИА) – Мрежата на жени за нови политики неодамна лансира база на податоци за жени експерти. Зачленувањето во оваа база е на доброволна основа, а целта е да се зголеми видливоста на жените експерти во сите области. Преку оваа база поставена на ekspertki.ednakvi.mk, компаниите, граѓанските организации, медиумите, консултанските фирми, политичките партии и сите оние кои ќе имаат потреба ќе можат на едно место да побараат експертки или соодветен кадар.

Тања Томиќ од Мрежата на жени за нови политики, која е и поранешна пратеничка, вели дека базата е креирана откако пред околу три години ги виделе резултатите од истражувањето за застапеноста на жените во медиумите, кога било констатирано дека во дебатните емисии на националните телевизии жените биле застапени од 14 до 19 отсто и оти и тогаш едвај успевале да искористат 30 – 40 отсто од времето што им било дадено на располагање.

– Слична е состојбата и во политичките партии во државата, односно онаму каде што има квоти жените се застапени, онаму каде што нема квоти воопшто ги нема жените, како што се градоначалнички и министерки. Генерално изговорот и на уредниците и на политичките лидери беше дека нема жени кои имаат знаење во одредена област што им е потребна во моментов, што е нешто со кое не се согласуваме како организација и она што е значајно за нас е да докажеме дека во земјата има жени со експертиза во различни области, меѓутоа можеби не се доволно видливи, посочува Томиќ.

Оттука, појаснува таа, тргна иницијативата да се креира база на жени експерти, која е направена волонтерски од страна на студенти од ФИНКИ и ставена на веб-страницата на организацијата ednakvi.mk.

– Во базата засега можат да се најдат приближно шеесетина жени експерти од различни области. Намерата ни е, без разлика дали треба експерт од област на земјоделство, здрава исхрана, во област на градежништво, во која било област во која може да треба некој тип експертиза, да може на многу лесен начин да се најде жена експерт. Воедно и самите жени експерти кои се регистрирани во базата може да се чувствуваат доволно сигурно да имаат јавни настапи, вели Томиќ.

Пред неколку месеци Мрежата организира обука со поддршка од Македонско-американската алумни-асоцијација за 20 жени експерти регистрирани во базата за јавно говорење и јавен настап. Целта била, според неа, да бидат обезбедени „меки“ вештини за жените експерти да можат да се чувствуваат посигурно и да се најде начин тие да станат повидливи во јавноста.

Томиќ најавува дека откако во базата ќе бидат регистрирани стотина жени, организацијата планира линкот од базата да го испрати до компании, граѓански организации, политички партии, медиуми…

– Сакаме да стигнеме до одреден таргет од сто жени експерти во различни области, по што планираме да го доставиме линкот од дата базата до сите државни институции, политички партии, здруженија на граѓани, компании…, за да може секому кому му е потребен експерт тука да го пронајде, вели Томиќ.

Регистрацијата во базата на жени експерти може е многу едноставна.

– Треба да се отвори веб-страницата ekspertki.ednakvi.mk каде што може да се направи регистрација со основни податоци, да се одбере основна и поширока експертиза и да се остави своја биографија или профил што жената го користи за да можат да се видат нејзините професионални карактеристики, појаснува таа.

Елена Стојановска, која е експертка за односи со јавност и приватност/пристап до информации, вели дека базата на жени експерти ја гледа како можност за промоција, меѓусебно поврзување и соработка на жените од различни области на експертиза.

– Верувам дека поголемиот дел од жените кои се вклучени во базата се добро познати и признаени во средините во кои работат, но поврзувањето преку оваа база истовремено им обезбедува и колективен глас за поголема видливост и вклученост во општественото живеење. Се надевам дека во иднина во оваа база ќе се вклучат поголем број жени и ќе докажеме дека знаењето и искуството, а не полот, ги одредуваат вредностите на една личност, посочува Стојановска.

Жените се еднакво успешни како мажите, и тие се докторки, професорки, влијателни и дома – и во меѓународната политика, политичарки, машински инженерки, вели Мерал Мусли Тајроска, експертка за насилен екстремизам и радикализам и активистка за родова еднаквост.

– За прв пат во земјава, а по пример на соседна Србија, од страна на ednakvi.mk се воведе една база на жени експерти во сите области. Кога Тања Томиќ прв пат ми спомна за идејата, веднаш прифатив, бидејќи сметам дека ни беше потребна платформа што ќе ги собере сите жени професионалци на едно место, а на таков уникатен начин граѓаните и инстутициите би имале богат дијапазон на располаѓање. Лично за мене е привилегија да се биде во ист кош со жени експерти кои ме инспирирале во секојдневниот живот, вели Тајроска.

За жените експерти да станат повидливи во нивната област треба, пред сè, како што посочува таа, да продолжат да бидат упорни во тоа што го прават и да не се плашат од нови предизвици.

– Иако жените сè уште се соочуваат со родова дискриминација при вработување или унапредување на работното место, сметам дека политичарите, институциите и медиумите можат да помогнат во промовирање родова еднаквост, така што ќе ја подигнуваат јавната свест во земјата, потенцира Тајроска.

Мажите сè уште доминираат во политичките партии, во јавниот и политичкиот живот, а иницијативите за родова еднаквост се сведуваат сè уште на социјални прашања, се наведува во Извештајот од самопроценката на родовата сензитивност на Собранието промовиран минатиот месец.

Земјава има постигнато одреден напредок во унапредувањето на родовата еднаквост, но сепак жените остануваат недоволно застапени во политиката на сите нивоа на донесување одлуки. Родова квота има само во изборот на пратеници, но и покрај тоа политичките партии ги ставаат жените на пониски недобитни позиции.

Елизабета Вељановска Најдеска 

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close