Сторија

Мачки и Цуцла: Таргет ни се опинци во чевли „прада“

Не си новинар ако не ги знаеш Мачки и Цуцла. Вака би го почнала тесктот. Дури, би му ставила и таков наслов. Но, некој ќе „промрчи“, претенциозно е.

Скопје, 9 јули 2019 (МИА) – Не си новинар ако не ги знаеш Мачки и Цуцла. Вака би го почнала тесктот. Дури, би му ставила и таков наслов. Но, некој ќе „промрчи“, претенциозно е.

Добро. Еве, ќе се обидам поинаку.

Градски, урбани ликови. Од „оноа“ нашето, старо Скопје. Шегобијци. Спонтани. Отворени. Директни. Двајцата бренд на Македонската телевизија. Професионалци. Последни мохиканци во снимателската фела.

Мачки и Цуцла.

Ако сте новинар, од „повозрасните“, сигурно ги знаете. Но, и да сте од генерацијата „гуштери“ што уште го пече занаетот, нема утка.

Без нив нема избори, гласања, прес-конференции, дебати, протести,… Постојано се на најактуелните случувања. Во Владата, Парламентот, министерствата, општините,…

Не го сакаат денешниот лик на родниот град. Изобличен е, велат. Нагрден. „Просељачен“. Го уништија оние што од опинци директно влегоа во чевли „прада“ или од комбајн и мотокултиватор во џип од 100.000 евра.

Избегнуваат да поминуваат покрај Кејот на Вардар и на Плоштадот. Нивниот втор дом е „Идадија“.

За професијата, за тоа како беше порано, а како е сега во „снимателството“, во кој правец движиме, каде одиме, какви се генералните случувања, поразговаравме едно јунско пладне, откако завршивме со работните обврски.

Приоритет, секако, имаше кафеаната. Од тука почнавме.

– Ние сме еснафи, ја сакаме кафеаната. Таа ни е верски објект, институција, нешто најсвето. Доаѓаме речиси секој ден и остануваме по најмалку осум часа, колку што ни е работното време. Кога ќе седнеме на маса, не разговараме за професијата. Сакаме да се релаксираме, не да филозофираме, да бистриме политика. Тераме сеир. Праиме бајлак, партал муабет. Таргет ни се опинци што влегле во чевли „прада“. Кога ќе видиме „прада“ кондура, ставаме „во машина“. Мелницата тера, на центрифуга. А, фала богу, во Скопје, не да има типови во „прада“ чевли, колку сакаш. Е, тие ни се локум, курбанчиња. И одма се познаваат, со лиени бандаши. Од мотокултиватор влегле во џип од 100.000 евра. Сељачизам – ново општествено уредување. Ние во наше време, со фиќовци ги вртевме најубавите девојки во Скопје. Немавме „прада“ чевли, само знаевме што е „Пеко“, „Адидас“, „Словенија спорт“….не како денешните „копита“. Туку, јасно е се кога на некој му се „плафон“ Грција, Халкидики и гиро во Солун, вели Цуцла.

-Сите како да се во филм, со мобилните, во одела и очила за сонце, „дотерани“. По најново, и со тротинет и ранче на грб. Вакви се „фраери“ во државата, а сигурно се некои курири во Општина, додава Мачки.

Се навративме на надимаците. Кога и како ги добиле.

Цуцла (Трајче Илиевски) од својот другар Гаго, а Мачки (Зоран Капетановски) надимакот го наследил.

-Јас сум поранешен играорец. И денес фолклорот ми е во срце. Отсекогаш сум ја сакал етнологијата, а чувството за уметност можеби ми отиде во снимателството. Првиот видик кон светот ми го отвори фолклорното друштво „Металски завод – Тито“, во 1982 година. Како тинејџер, тогаш, на 15 – 16 години одевме на фолклорни фестивали низ Европа. По еден концерт во Италија, „на екс“ испив едно шише пиво позади сцена. Во тој момент, еден мој друг рече „о, цуцло една, што му напраи на пивото, 660 милилитри“. Гаго другар ми, од Козле. Од тој момент ме завикаа Трајче – цуцла. Надимакот го оправдав низ годините, раскажува Цуцла.

На Мачки надимакот е семеен, во Дебар Маало присутен 80 години. Се пренесува на генерации. Му останал од татко му.

– Нема дебар маалец што нема надимак. Само кажи фамилија Мачки, Мечка, Биљбиљ, Палче,… скромно открива Капетановски.

Мачки е снимател 37 години, а Цуцла 18.

– Ние кога почнувавме беше многу поразлично. Камера во рака не смееш да земеш одма. Прво си асистент на снимателот. Одиш на терен. Постојано. Со тебе: новинар, тонец, мајстор за светло,… Цела екипа. Носиш статив, ти покажуваат кадри, раскадрирање. Гледаш како се работи на документарци, играни филмови, фестивали,… И тоа трае. Учиш. Учиш. Учиш. Асистентската работа е всушност најбитна за снимателот. Сега децава веднаш земаат камери и велат дека се сниматели. Затоа влегуваат во дупки што никој не може да ги исправи. Не бе душички, не сте сниматели. Снимател не е само да одиш и да снимаш прес-конференции, глави, туку многу поинаква, покомплексна професија, се присетува Мачки.

Снимател станал сосема случајно, седејќи во „Идадија“ со тогашните врвни имиња на „Вардар филм“.

-Седевме на астал со почитуваниот Кирил Ценевски. Ме праша шо праам, ја: ништо, се шлаам. Вика, да дојдеш во МТВ, ионака си само за на улица. Кога таму, Зоран Милосављевиќ, тогаш директор на продукција, инаку мој прв сосед. И Диме Костовски – Циго, втор човек во МРТВ. Кога ме виде, се зачуди. „Што е работава?“ Итно да го примите, рече Ценевски. Дебар маалец во студио, нема шанси. Само надвор. Не камерман, туку снимател. И така почнав. Како асистент го печев занаетот четири години и многу сум задоволен зашто ептен научив од постарите колеги, Гањо, Драги Таневски,… Постојано одевме на терен, по месец до месец и пол на „Охридско лето“. Работевме многу. И на олимпијади. Тоа па беше вид награда. Во Атина 2004 година. Огромна е разликата кога снимаш настани од таков калибар и секојдневни прес-конференции. Таму многу доаѓа до израз подготвеноста на снимателот, неговиот занает, вештината,.. Искуството тоа го налага, да може да се справиш со таков голем настан, раскажува Мачки.

Како сега го памти снимањето на документарниот филм за белоглавите орли во 1988 година кој се уште го има во архивите на МРТ. За да снимат само еден кадар, чекале по 12 часа.

-Тоа беше многу добар проект. Генерално, порано, во времето на Југославија, МРТ беше многу јака. Белоглав орел има само во Демир Капија и во Тиквешијата и мал дел на Црна река во Мариово. Двајца или тројца сниматели се менуваа, јас бев асистент. Го работевме документарецот година и кусур, на етапи, за да го опфатиме целиот циклус, од парење на орлите до полетување на младите орлиња. Неверојатен, перфектен документарен филм кој го заобиколи целиот свет. Наутро ќе станевме во 4:30 часот и се качуваме каде што се тунелите на Демир Капија. Тука беа гнездата. Демневме по 12 часа. Чекавме. Кадарот беше само гнездото. Го чекавме орелот, малото орле исто чека, бара храна. Значи, 12 часа седиме на едно место, метар и пол на метар и пол. Чекавме да дојде орелот да го нахрани. Но, неколку дена неуспешно. По два месеца, повторно отидовме на Црна во Мариово. Направивме шатори, да не не види орелот и повторно чекавме. Овојпат имавме к’смет. Дојде орелот, вртеше кругови, беше многу претпазлив. А ние, со крилото шаторско затворено и две филмски камери. Откако орелот виде дека орлето не е вознемирено, почна да го храни. Тоа беше и поентата, зашто се друго имавме, само тој кадар ни фалеше, хранењето од клун на клун, истакнува Капетановски.

Трајче фатил камера во рака на 24 години. Ментор му бил исклучително почитуваниот меѓу снимателите, Соколе Јосифовски.

-И јас почнав сосема случајно. Во 1990 година. Имавме дома мини прослава, а кривецот зошто сум снимател е Соколе. Дојде на прославата кај нас, со полупрфесионална камера М7 „панасоник“. Едно време ми вика: „Ај дете, земи снимај ти“. До тогаш немав фатено камера. Така ме навлече. Соколе го виде материјалот и вика: „Овој добар е, ќе го биде. Да го земеме на обука во МТВ“. Три месеци бев на обука за камера, во студио. Така ми влезе чивијата. Соколе почна да ме зема со него, ме завикаа „на Соколе внукот“, а мене сопругата негова ми е тетка. Полека со него, лево-десно, долги години му бев асистент „на улица“. Секаде каде што тој не можеше да постигне, јас го покривав. Се пробивав со негова поддршка. И така до 1999 година кога во „Скај нет“ бараа сниматели. Се јавив на огласот, ме примија. Останав до 2002 година. Потоа конкурирав во МТВ и 2002 – 2003 ме примија. Од тука почна мојата официјална снимателска кариера. Како дојдов во МТВ,  ја оправдав довербата со моето професионално однесување и снимање. За разлика од Мачки, јас до денес 80 отсто сум снимател во информативната програма. Сум имал теренски снимања, репортажи, кратки документарни филмови, но генерално покривам дневни настани за вестите: пресови, гужви, тепачки, протести, лоши и добри моменти, изгласување влади и премиери, министри, претседатели, градоначалници,… Директно сум бил вклучени во многу немили случки, со полиција, обебзеудвања… За конфликтот во 2001-ва секој ден бев на терен, вели Цуцла.

По природа е човек што купува. Откако на некој настан во Варшава ги видел снимателите од Италија, околу Берлускони, се воодушевил од нивниот стајлинг. Дотерани, во одела, со бели кошули и вратоврска.

-Беа вистински салонски сниматели. Снимател, тонец, асистент, сите од РАИ дотерани, избричени, потшишани. Светат. Со тегет одела. Си реков, па чекај бе. Ене во чаршија има одела, машна. Отидов кај еден мој другар што тогаш го држеше „Вартекс“. Му викам, Драгче, дај ми нешто „на сале“ (попуст). Тегет одело со златни копчиња. Машна, кошула. Ме пратија со Црвенковски во Израел. Службата за безбедност максимална. Прва зона, втора зона, рендгени,… Јас дотеран како од „Бурда“. Камерата (бета) спуштена. Го следам Бранко. Тој оди напред, ја по него, до обезбедувањето. Тој седнува во прв ред, ја ја вадам камерата. Веројатно сите мислеа дека сум дел од делегацијата. Немаше друга камера. Минута и пол снимив, толку колку што треба, ги фатив најубавите кадри. Дури потоа „ме фатија“ да ме изнесат. Но, завршив работа. МТВ доби супер снимка, ексклузивна, иако средбата од затворен тип.  Слична случка имав и со Илинка Митрева. Тоа што го купив од РАИ, го применив, нагласува Цуцла.

И продолжи. – Немаме едукација. Тоа многу ни фали. И за снимателите и за новинарите. Секаде во светот има протокол. Не може како параспур да влезеш кај Папата на пример. Се знае, има ред. Не е секогаш се во парите. Кога ќе ги видам младиве сега, во Влада, на прес-конференција, со слушалките, со мобилните со патиките, спуштени пантолани,….И добро, можеби е тоа мода, но, за на улица, не за на работа. Не може така, влегуваш во институции. Мора да се има респект. Ако ги почитуваш институциите, си ја почитуваш државата.

Мачен е разговорот за професијата. Не е ценета, платите се ниски, а и секој денес се дрзнува да биде или да се нарече снимател, веднаш штом ќе земе камера во рака. Стандарди нема одамна.

– Денес, во секоја месна заедница има телевизија. Се импровизира. Кој било може да земе камера и да се нарече снимател. За жал, стандарди веќе нема. Не постојат. Ако во земјава дојде некоја фудбалска репрезентација, не сме кадарни да направиме саглам пренос. И да се собереме сите телевизии, нема да успееме да „покриеме“ како „Еуроспорт“ на пример или како што прават Англичаните, Германците. Не можеме, не сме способни, најмногу поради техничка неопременост, но и организациски. Во однос на продукцијата сме најнеписмени на цел Балкан. Од нас се подобри Албанија, Косово, Бугарија, Србија, Хрватска,…, констатираат двајцата.

Ништо, велат, не може да помогне околу квалитетот на снимките се додека телевизиите, почнувајќи од јавниот сервис, прават пиратерија. Редакции си дозволуваат да симнуваат снимки од јутјуб и да ги пуштаат во етер. Тоа е и законски казниво.

Според Цуцла, стандардите почнаа да се спуштаат по 2000 година, но во фелата има и многу клиентелисти.

-Хаосот е направен во медиумите веќе долги години. Не можеш да правиш фотографија без светло, без тон. Се е отидено во аут и не знам дали ќе се врати. Ова одговорно го тврдам. И од улица да земеш некој, дај му шест месеци, па уште шест асистент, да раскадрира кадар, светло, боја,…Најголем проблем, посебно во МРТ, е што не поделија на подобни и неподобни. А во нашиот кафеански жаргон, лингури и нелингури, луѓе со став и без став. Општ хаос е, со години, децении. Професијата не е ценета, платите се ногу ниски. Секој може да биде снимател за 15.000, а ние порано од снимателските плати си ги исшколувавме децата. Тоа е еден проблем. Сосема друго е што сега, има куп портпароли кои не си ја знаат работата и дополнително комплицираат се. Не прават разлика меѓу прес-конференција и давање изјави. „Ајде сеа снимателите нека влезат. Имаат една минута да прават швенкови и зумови“. Слушнале нешто ама не доразбрале. Такви портпароли, необучени, за да им се додворат на своите шефови прават таков хаос, што после нам ни се одразува. Не е ова прес со две-три телевизии, сега има 15 телевизии, уште толку портали, се гужваат камерите. Други па портпароли, на пример, се експерти за кадар. Ти продваат памет каде да застанеш, „би-би-си така праеле“. Ама  би-би-си носат два шлепера светло, објаснува Цуцла.

-По нас веќе нема генерација што саглам се обучува. МРТ денес во споредба со регионот (Хрватска Србија, Косово) е 20 години поназад, а порано, во времето на ЈРТ, бевме најнапред, посебно во документарните филмови. Кога одевме во Неум, Македонија земаше прво место. Бевме неприкосновени во документарци, се надоврзува Мачки.

Овие недостатоци, и тој и Цуцла сметаат дека некој треба да ги препознае.

Мора да се разграничи и што е снимател, а што камерман. Луѓето обично ги мешаат овие две професии. Снимател е репортер, оди на терен, работи надвор од студио. Може и сам да направи добра приказна. Без новинар. Практично, да биде автор. Камерман, пак, работи исклучиво во студио и е врзан со режисер. Нема ништо авторско. – Тоа не е лошо да го истакнеме во муабетов, сериозен е Цуцла.

„Во поново време“ се почесто се користат термините „камераш“, „камерист“, а помладите новинари знаат да речат и „пушти ми камера“. Овие изрази, смета Трајче, не се баш соодветни.

Додека мезевме ќебапчиња во „Идадија“, пиво постојано ни носеше Славе, долгогодишен пријател на Мачки и Цуцла. „Наше кутре“, како што знаат да кажат. Падна и по некоја песна. Мачки откри дека омилени му се „Доџи ако нечеш“ и „Кад падне први снег“ од извесна Сузана од Прекодолце кај Владичин Хан. „Украла си ми дете док сам лепио тапете, или ми врати дете или чу да исчупам тапете“, во аланфордовски стил пееше Мачки. Дали Сузана е вистински лик и колку текстов на песната не е измислен, читателите нека оценат сами.

Цуцла и Мачки можат да раскажат куп приказни, да споделат пикантерии. Имало ситуации кога на исклучително сериозни средби со политичари им снемувало ленти или материјалот поради застарена технологија не можеле да го пратат, им се случувале лични пехови, промашувале возила што требале да ги однесат на аеродром, но сепак стигнувале да го фатат авионот,…

Муабетот со нив нема крај. Кога ги прашавме како им почнува работниот ден, Мачки во неговиот специфичен, „лабав“ стил, одговори: „Доаѓаме у редакција, пиеме кафе и почнуваме да рониме пченка“.

По ова, секако, следуваше бурно смеење, а „ронењето пченка“ стана наша интерна лозинка.

Муабетот го финиширавме малку посериозно. Со активностите на Здружението на сниматели формирано неодамна, пред околу три месеци, во рамки на Здружението на новинари. Целта е, како што нагласи Цуцла, професијата да се дигне на повисоко ниво, да се стави во правна рамка. Во моментов снимателите работат на брошура за етика.

Мирјана Чакарова

фото Фросина Насковиќ

 

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close