0_МИА Истражува.ПорталИзбрано

Ел Чапо е само мит, а господарите на кокаинот продолжуваат недопрени

Еден наркобос оди на доживотна робија. Но судењето во Њујорк не го ни допре вистинското прашање - кој ја движи дрогата низ светот и врти милијарди? За ДВ пишува Анабел Хернандес, мексиканска истражувачка новинарка.

23 јули 2019

Дојче веле

Во средата светот го обиколи веста за пресудата против мексиканскиот наркобос Хоакин Гузман Лоера, познат како Ел Чапо. Меѓу мнозинството, не толку бројни и добро упатени набљудувачи на овој процес, се рашири задоволство: Ел Чапо е осуден на доживотна казна затвор плус уште 30 години, а треба да врати 12,6 милијарди долари, колку што наводно заработил во текот на дведецениската криминална кариера.

„Процесот на векот“ беше следен како ТВ-новела. Ел Чапо три месеци седеше на клупата за обвинети во Бруклин, Њујорк. Слушаше 14 поранешни партнери и подредени, како и неговата поранешна љубовница и мексиканска конгресменка, кои го раскажуваа бизарниот историјат преполн со насилство, одмазда и суровост. Адвокатите му наложија на Ел Чапо да молчи, бидејќи секој збор само би ги влошил неговите изгледи. Последните зборови што славниот наркобос ги изговори пред изрекувањето на пресудата не беа особено славни: „Тука нема правда“, рече и се пожали на „нечовечкиот третман“ во затворот. „САД не се ништо подобри од која било друга корумпирана земја“, се пожали тој.

Тоа беше и крајот на еден мит што го создадоа властите во САД и Мексико, а медиумите го пренесоа низ светот. Приказната за селанецот од планината Синалоа, генијалниот криминален ум со неспоредлив шарм, човекот кој едвај знае да чита и пишува, но сепак стана еден од најбогатите луѓе во светот. Дејвид Коперфилд на кокаинот кој треба само да кликне со прстот и дрогата од еден крај на светот ќе се појави на друг.

Сето тоа со помош на мал број соучесници, но и некои високи државни службеници од системот на поранешните претседатели на Мексико, Фелипе Калдерон и Енрике Пења Нието. Тука е и поранешниот висок функционер на тајната служба Ѓенаро Гарсија Луна, во чиј случај исказите на сведоците останаа тајна.

Вистинското прашање не е поставено

Од почетокот на процесот американскиот судија Брајан Коган стави вето на испитувањето на деталите од коруптивниот систем на картелот Синалоа во Мексико и надвор од него. Не е мексиканската власт на обвинителната клупа, рече Коган во ноември на сослушувањето затворено за јавност. Јас сепак стигнав до транскриптот.

Според Коган, требало само да се разјасни дали Ел Чапо е виновен за десет злосторства што му се ставаат на товар: производство и меѓународно растурање дрога, перење пари, користење огнено оружје итн.

Но, како воопшто можат да се објаснат злосторствата на Ел Чапо и нивните последици, а да не се зборува за корупцијата во Мексико и пошироко? За корупцијата што на наркобосот, но и на многу други им овозможи да извезуваат наркотици низ целиот свет? Како да се објасни тоа што картелот заработува милиони долари на секој тон дрога, а да не се спомене правниот систем што овозможува тие валкани пари да се исперат? Како да се објасни тоа што картелот Синалоа и натаму игра улога во глобалната трговија со дрога иако Ел Чапо веќе две години е во строг затвор во Њујорк?

По 14 години истражување за историјатот, структурата и начинот на работа на Синалоа добро знам дека заднината е многу подлабока и покомплексна одошто ни се претставува со сведувањето на процесот на Ел Чапо.

Според Институтот за анализа на безбедноста, тинк-тенк што го советува американското Министерство за одбрана, картелот на Ел Чапо е застапен на 80 проценти од Земјината топка: на целиот американски континент, во земји како Велика Британија, Франција, Италија, Холандија, Шпанија, Германија, на западот на Африка, во метрополите на Кина и Индија, па сè до Австралија и Нов Зеланд. Територијалната застапеност на картелот и импресивните количества пари од трговијата со дрога бараат работата да се набљудува поинаку.

Според еден книговодител, чие сведочење во овој процес помина речиси незабележано, картелот во Колумбија, Перу и Боливија купува килограм кокаин за 2.500 долари. Истиот килограм во Мексико има големопродажна цена од 15.000 долари. Една четвртина или петтина од пазарната цена се доволни за да ги покријат бруто-трошоците за производство, вклучително и транспортот. Останатото е профит. Без разлика каде во светот ќе заврши кокаинот, картелот има профит меѓу 300 и 400 проценти од набавната цена.
Бројките се интересни кога килограмот дрога патува понатаму. Во Лос Анџелес на големо се продава за 20 илјади долари, во Чикаго за 25.000, во Њујорк – 35.000. Во Италија достигнува и 55.000 долари, а во Австралија дури 140.000.

Пет полначи и три телефони

Овој бизнис сеприсутен го прават парите, а не криминалниот талент на Ел Чапо. Дали кој било сериозен може да поверува дека бизнис-моделот со вакви маржи може да се запре така што Ел Чапо ќе заврши во затвор? Што ќе се случува тогаш со овие профити? Тоа е прашање на кое требаше да одговори процесот против Ел Чапо. Но, никој не сака да одговори на тоа.

Бројките треба да се стават во врска со најчуваните тајни на мексиканската власт: колку недвижности, фирми, банкарски сметки, накит и пари биле запленети од Хоакин Гузман Лоера, неговото семејство или блиски лица од 2006 до крајот на минатата година? Значи во време на шестгодишниот мандат на претседателите Калдерон и Нието кои најавуваа „силна“ и „немилосрдна“ војна против трговијата со дрога?

Барав, врз основа на мексиканскиот закон за транспарентност, новите власти на левичарскиот претседател Лопез Обрадор да ми ги достават овие податоци. Тие одбиваа повикувајќи се на истрагата што е во тек и на националната безбедност.

На крајот сепак ги добив податоците. Одговорот гласи: запленети се три рачни часовници, една парцела, пет парчиња огнено оружје, 171 патрон, пет полначи, еден компјутер и три мобилни телефони. Смешниот список и неговото срамно држење во тајност говорат за себе.

Големата игра на моќта во вид на трговија со тони дрога во САД и на други места ќе продолжи и без Гузман Лоера. Вистинските господари и натаму играат. Хоакин Гузман Лоера е само шаховска фигура во оваа партија.

Пресудата против Ел Чапо во Њујорк ќе предизвика само лажно чувство на правда. Но, нема да ги заплаши ни оние кои одлучуваат да бидат шрафови во непрегледната машинерија на меѓународната трговија со дрога, а не пак вистинските босови и другите големи профитери во системот. Ел Чапо не е еден од нив. Вистинските виновници не се во затвор.

Новинарката и писателка Анабел Хернандес со години ги истражува и пишува за наркокартелите и корупцијата во Мексико. По повеќе смртни закани ја напушти татковината и сега живее во Европа. Годинава ја доби наградата на ДВ за слобода на говорот.

Таг
Back to top button
Close