0_МИА Истражува.ПорталАнализа

Блеф или цврста решеност Велика Британија да излезе од ЕУ без договор

Се погласни се шпекулациите дека новиот премиер Борис Џонсон е подготвен Велика Британија да ја напушти Европска унија без договор

Лондон, 30 јули 2019 (МИА) – Се погласни се шпекулациите дека новиот премиер Борис Џонсон е подготвен Велика Британија да ја напушти Европска унија без договор.

„ЕУ Обсервер“ објави дека Владата во Лондон работи под претпоставка дека ЕУ нема повторно да преговара за Брегзит и се подготвува да излезе без договор.

Но, британските бизнисмени предупредуваат дека во случај на излез на Велика Британија од ЕУ без договор никој нема да може да ги избегне сериозните економски штети.

Конфедерацијата на британската индустрија (ЦБИ), најголемата лобистичка група во земјата соопшти дека ниту Обединетото Кралство ниту ЕУ не се подготвени на Брегзит без договор.

ЦБИ предложи 200 препораки за забрзување на подготовките за Брегзит, вклучително и нови закони, нови информатички системи и договори со кои привремено ќе останат во сила некои заеднички правила.

Според Конфедерацијата во случај на Брегзит без договор на 24 од вкупно 27 сектори на британската економија ќе биде нарушена работата.

– Тоа е како да поставувате вреќи со песок против поплава. Кујната ќе биде под вода, но можеби можеме да ги спасиме спалните соби на катот, истакна шефицата на ЦБИ за преговорите со ЕУ, Никол Сајкс.

Џонсон контра економистите

Економистите предупредуваат дека излегувањето од ЕУ без договор би предизвикало воведување на такси и царински процедури со што би можеле да се нарушат трговските односи помеѓу Лондон и Брисел. Тоа би можело да предизвика пад на вредноста на фунтата и да одведе земјата во рецесија.

 

Според денешните информации од берзите вредноста на британската фунта е на најниско ниво во последните две години.

Според „Гардијан“ инвеститорите реагираат со тревога на ескалирачката реторика на Џонсон, кој го предупредува Брисел дека Лондон ќе излезе од ЕУ без договор ако не биде постигнат компромис за спорните прашања.

Но, и покрај тоа Џонсон тврди дека излегувањето од ЕУ без договор нема да ја чини ништо Велика Британија, ако биде добро подготвена. Тој дури и тврди дека „излегувањето од ЕУ е огромна економска можност да се направат работи кои не сме ги правеле со децении“.

Џонсон стана премиер минатата недела откако беше избран за претседател на Конзервативната партија, по ветувањето дека Велика Британија ќе излезе од Унијата до предвидениот рок – 31 октомври, со договор или без него.

ЕУ постигна детален договор за Брегзит со поранешната британска премиерка Тереза Меј, но Парламентот повеќепати го отфрли договорот.

Џонсон инсистира на некои измени во договорот, меѓу кои и укинување на бекстоп, заштитниот механизам кој треба да гарантира мека граница помеѓу Република Ирска и Северна Ирска, а тоа не го прифаќаат британските пратеници.

ЕУ останува на ставот дека нема повторно да се отвораат преговори за договорот ниту ќе се укине заштитниот механизам – бекстоп.

„Воен кабинет“ за Брегзит без договор

Според одредени британски медиуми инсистирањето на Џонсон за излез на Велика Британија од ЕУ без договор е „блеф“.

Џонсон најави дека ќе ги забрза плановите за Брегзит без договор, вклучително и зајакнување на пограничните мерки и повеќе милиони фунти за информативна кампања за поединци и бизнисмените.

За таа цел Џонсон за време на викендот формира „воен кабинет“ од шест министри кои ќе носат одлуки за Брегзит. „Воениот кабинет“ е составен од британски министер задолжен за подготовките во случај да нема Брегзит, Мајкл Гов, шефот на дипломатијата Доминик Раб, секретар за Брегзит, Стив Баркли, министреот за финансии Саџид Џавид и државниот правобранител Џефри Кокс. Предвидено е тие да имаат средби секој понеделник.

Марина Илиевска

Таг
Back to top button
Close