Дописници МКДОпштински вести

Јапонската амбасадорка во прва посета на Делчево

Амбасадорката на Јапонија, Кеико Ханеда и државниот секретар во Министерството за здравство, Владимир Милошев заедно со градоначалникот на општина Делчево, Горан Трајковски и директорката на Здравствениот дом, д-р Марија Глигоровска денеска направија увид во медицинската опрема, која беше добиена како донација од страна на јапонската амбасада.

Штип, 19 јули 2019 (МИА) – Амбасадорката на Јапонија, Кеико Ханеда и државниот секретар во Министерството за здравство, Владимир Милошев заедно со градоначалникот на општина Делчево, Горан Трајковски и директорката на Здравствениот дом, д-р Марија Глигоровска денеска направија увид во медицинската опрема, која беше добиена како донација од страна на јапонската амбасада.

Амбасадорката истакна дека пријателството на Делчево со јапонскиот народ ќе продолжи и во иднина.

-Ова е моја прва посета на Делчево и имав можност да разговарам со градоначалникот Трајковски за убавите релации меѓу Јапонија и Делчево и се договоривме да ја продолжиме и во иднина оваа соработка. Ова не е прва соработка со Општина Делчево и Јапонија и нема да е последна, јапонските народ е среќен да ги види подобрени здравствените услуги за граѓаните на Делчево. Сакам да се заблагодарам на сите граѓани на Делчево за пријателството со јапонскиот народ и со овие проекти ќе се зајакни пријателството и во иднина, рече Ханеда.

Владимир Милошев државен секретар во Министерството за здравство истакна дека Министерството за здравство ги поддржува ваквите активности на Амбасадата и здравствениот дом.

-Согласно со политиките на Минситерството за здравство работиме на обезбедување кадар за непречено функционирање на ваквата опрема. Во таа насока за 2019 Министерството даде согласност за 16 нови вработувања во Здравтсвениот дом во Делчево и две специјализации, по интерна медицина и неврологија. Свесни сме за проблемите од недостатокот на кадар во малите здравствени домови, но во оваа прилика сакам да истакнам дека во тек се промените во Законот за здравствена заштита со кои ќе обезбедиме специјалистички кадри од поголемите центри да доаѓаат во помалите места кои ги немаат овие дејности, така што пациентите во своето место ќе ги добиваат потребните здравствени услуги, рече Милошев.

Директорката на Здравствениот дом-Делчево, д-р Глигорова го потенцираше значењето од новата медицинска опрема со што се подобрува дијагностиката на кардиоваскуларни заболувања и се подобрува квалитетот во здравствената заштита.

Амбасадорката на Јапонија, Кеико Ханеда посетата на Делчево ја започна со средба со градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски на која се разговараше за актуелните проекти во општината, локалната економија и соработката со соседна Бугарија. Градоначалникот Трајковски изрази благодарност за пријателството со Јапонија и јапонскиот народ и донациите кои Делчево ги добива преку Програмата за мали грантови на Јапонија со што се овозможуваат поквалитетни услуги за граѓаните.

– Ми претставува посебна чест што денеска Делчево е домаќин на амбасадорката од пријателска Јапонија, г-ѓа Кеико Ханеда. Ова е првпат, амбасадор од оваа далечна земја да го посети Делчево што за нас, како релативно мала општина, е посебно значајна, бидејќи имавме можност да оствариме заедничка работна средба со амбасадорката од една светски позната економска сила која е синоним за напредна технологија, ефикасност и прецизност и директно да информираме за перспективите на Делчево, можностите за инвестиции, нашите заложби и актуелни проекти, истакна Трајковски.

Јапонската амбасада преку Програмата за мали грантови досега реализирала три донации кои беа наменети во реконструкција на санитарните јазли во ООУ „Ванчо Прке“, во набавка на нов рендген апарат и последната донација во вредност од околу 35.000 евра за набавка на апарат ехокардиограф. вдј/ир

Таг
Back to top button
Close