Интервју

Љупчо Николовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство

Ред во електронското наддавање за земјоделско земјиште за превенирање на можни манипулации, поголем фонд на земја за земјоделците што ќе овозможи поголемо производство и поголем приход, легализација на стотина земјоделски објекти со цел повеќе инвестиции. Тоа се дел од очекувањата на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски изнесени во интервју за МИА во кое ги претставува предложените измени на Законот за земјоделско земјиште.

Скопје, 1 јуни 2019 (МИА) – Ред во електронското наддавање за земјоделско земјиште за превенирање можни манипулации, поголем фонд на земја за земјоделците што ќе овозможи поголемо производство и  поголем приход, легализација на стотина земјоделски објекти со цел повеќе инвестиции.  Тоа се дел од очекувањата на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски  изнесени во интервју за МИА во кое ги претставува предложените измени на Законот за земјоделско земјиште.

– Со предложените измени и дополнувања на Законот за земјоделско земјиште, што ги оценивте како најголеми и најхрабри досега, најавувате правилна и транспарентна распределба на земјоделското земјиште под закуп и ставање во функција на целокупното земјоделско земјиште. Кои се главните измени со кои ќе се отстранат пречките што ја забавуваа или блокираа распределбата и колку од земјоделското земјиште не е искористено воопшто?

-За почетекот морам да кажам дека овие измени беа предмет на една опсежна анализа во која беа вклучени сите чинители, вклучително и јас, и на која заеднички работеше специјално формиран тим од Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство, експерти и земјоделски здруженија. Нашата цел беше да се направат измени во постоечкиот Закон што ќе бидат во целосна функција на сите заинтересирани кои сакаат да се занимаваат со земјоделско производство. Искрено, очекувам дека сите овие измени што ги направивме ќе дадат позитивни резултати во однос на правилна и транспарентна распределба на државното земјоделско земјиште под закуп кај вистинските земјоделци и агробизнисмени, што ќе придонесе за зголемување на земјоделските обработливи површини, а со тоа и на производството. Со новите измени ќе го ставиме во функција целокупното расположливо земјоделско земјиште преку отстранување на сите пречки во делот на електронските наддавања, склучувањата и раскувањата на договорите, ставањето во владение на договорите и се друго што со постоечкиот закон не било регулирано, а создавало проблеми. Предмет на јавен повик за доставување понуди за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост отсега ќе може да биде и земјиште со насад кој не е подигнат од страна на поранешен корисник на земјоделско земјиште врз основа на договор, односно од непознат сопственик, а за кој нема други правни товари. На овој начин ќе се придонесе за поефикасна распределба на земјоделското земјиште. Досегашниот закон не дозволуваше доделување на земјоделско земјиште на земјоделци кои веќе имаат склучено договор за закуп, иако тој договор може да е само за 1, 2 или 3 хектари. Со сегашните измени им овозможуваме на овие земјоделски стопанства да аплицираат на огласи за закуп се до обезбедување на површини од 10 хектари. Со оваа измена практично содаваме услови за окрупнување на земјоделското земјиште, им овозможуваме на земјоделците да достигнат поголем фонд на земја, а тоа секако значи поголемо производство и крајно поголем приход за земјоделците.

– Кои се новините во делот на електронското наддавање за земјоделско земјиште во насока на заштита на манипулации? 

Со новите законски измени ставаме ред во електрoнското наддавање, веќе нема да може да се лицитира со нереални цени и потоа да не се склучува договор, а вистинските инвеститори кои планираат сериозни инвестиции од вакви нереални наддавање да не може да добијат земја. Конкретно, се овозможува склучување договор со второрангираниот понудувач доколку избраниот понудувач не го склучи договорот за закуп или не достави банкарска гаранција за квалитетно и навремено извршување на работата во законски предвидениот рок. Избраниот понудувач кој нема да го склучи договорот за закуп и нема да ја достави банкарската гаранција со новото законско решение покрај активирање на гаранцијата за учество ќе биде задолжен да плати и надомест на штета во висина на понудената годишна закупнина. Со ова се очекува да се превенираат можните намерни манипулации при електронското наддавање со цел да се спречи доделувањето на одредено земјоделско земјиште кое е предмет на јавниот оглас.

Најавувате создавање услови за окрупнување на површините и за зголемување на производството. Каква е состојбата сега и која е проекцијата за резултатите по примената на законот?

-Република Северна Македонија има природен потенцијал и извонредни климатски и почвени услови за квалитетно и конкурентно земјоделско производство, што претставува добра основа, но не е доволна за да се постигне поголемо производство, поквалитетни производи со додадена вредност и намалување на увозната зависност од одредени производи. Неповолната структура на земјоделските стопанства, малите и расцепкани земјоделски парцели оневозможуваат примена на современа технологија и инвестиции за развој, а следствено на тоа, не ги даваат посакуваните резултати. А од друга страна, зголемениот конкурентски притисок од либерализацијата на трговијата со земјоделски производи, претставува сериозен предизвик за најголемиот дел од македонското земјоделско производство. Затоа, еден од нашите клучни приоритети во делот на земјишната политика се токму мерките за окрупнување на земјоделското земјиште. Секако, кога ги подготвуваме измените на зконот, тоа беше ставено и како една од приоритетните цели. Со новите измени очекуваме дека ќе се зголеми површината на земјоделско земјиште во државна сопственост по земјоделско стопанство, која сега согласно постоечката законска регулатива едно земјоделско стопанство не може да учествува во постапки за доделување на земјоделско земјиште во државна сопственост доколку веќе има склучено договор за закуп кој најчесто е со површина до три хехтари. Со измените овозможуваме едно земјоделско стопанство да учествува во постапки за доделување на земјоделско земјиште се до обезбедување на фонд од 10 хектари независно од тоа во колку постапки ќе успее тоа да го обезбеди. Очекувањата се дека со оптимална површина, земјоделските стопанства значително ќе го зголемат потенцијалот за исплатливо земјоделско производство и поевтино обезбедување сточна храна.

– Дел од законските новини овозможуваат на земјоделско земјиште да се градат угостителски и објекти за спортско рекреативни активности, што заедно со измените на Законот за вина треба да го поттикне руралниот туризам. Каде се најголемите потенцијали за тоа во државава и очекувате ли интерес?

-При подготовката на измени мислевме буквално на се што ќе придонесе за развој на целиот сектор. Земјоделството не може да се гледа без развој на руралните средини и создавањето на услови за работа на земјоделците во тие средини. Со измените се овозможува на земјоделско земјиште да се градат објекти за промоција на земјоделски производи, односно угостителски објекти со површина во основа до 500 метри квадратни и максимална висина од осум метри до хоризонтален венец и изградба на објекти за спортско рекреативни активности. На овој начин, ќе се зголемат инвестициите во ваков тип на објекти од страна на земјоделските стопанства, ќе се зголеми искористеноста на ИПАРД програмата, и ќе се придонесе за развој на рурални средини преку рурален туризам. Воедно, со измените драстично ќе се поедностави постапката и намали времето за добивање на одобрение за градење на ваков тип на објекти. Токму, оваа измена е во корелација со измените на Законот за вино со којшто ги олеснуваат критериумите за физичките лица кои произведуваат вино и за отворање и работа на малите и средни винарници. Сметам дека најголемите потенцијали се во тиквешкиот и повардарскиот регион кадешто лозарството и винарството се најзастапени, а интересот е загарантиран имајќи ги предвид поволностите што ги нудат предложените законски измени кои значат значително побрза и поевтина постапка за добивање на одобрение за градење таков тип објекти на земјоделско земјиште во однос на градењето градежно земјиште овозможена од отстранувањето на потребата од постоење урбанистички план за таков тип на градби на земјоделско земјиште и можноста за градење без таканаречени плаќања на комуналии.

– Што ќе се овозможи со предложениот нов рок – до јули 2020 година за легализација на бесправните оранжерии, помошни и објекти за примарна обработка на земјоделските производи и што беше ограничувањето досега?

-Како што кажав и на почетокот секоја измена е правена во консултација со сите чинители, измената во делот на легализацијата на бесправните оранжерии, помошни и објекти за примарна обработка на земјоделските производи, беше на барање на земјоделците и агроизнисмените, бидјеќи овој процес им е важен во делот на планираните инвестиции. Со измените со кои ќе се продолжи рокот за легализација до јули 2020 година, ќе се овозможи легализација на стотина земјоделски објекти на земјоделско земјиште кои во иднина можат да бидат соодветно адаптирани за современо земјоделско производство преку модернизација на истите и прилагодување на современите технологии, односно земјоделците ќе можат да влезат во инвестиции.

Сето тоа ќе придонесе за поголема искористеност на европските фондови за подршка во земјоделството бидејќи земјоделците ќе имаат можност да конкурираат за мерките од ИПАРД програмата што нудат кофинансирање за разни видови инвестиции и на тој начин да го модернизираат сопственото производство. Крајните ефекти се развој на целиот земјоделски сектор на начин што земјоделското производство ќе стане поконкурентно заради подобриот квалитет и поекономичното производство.

Измените на законот ги промовиравте по најавата за Ваше заминување од министерската функција и неодамнешниот избор за генерален секретар на Социјалдемократскиот сојуз. Кој е предизвикот да ја замените министерската со партиска функција?

Голема чест ми беше да бидам министер за земјоделство,шумарство и водостопанство. Во изминатите две години реализиравме многу важни проекти и најголем дел од изборната програма од 2016, а која се однесуваше на делот во земјоделството. Особено сум горд на веќе распишаниот тендер за зелена нафта, капиталните инвестиции во делот на водоснабдувањето и изградбата на новите брани, големата искористеност на ИПАРД фондовите, како и низа други проекти кои ги реалзииравме за многу краток рок.
 
Сепак, партиската функција и задача Генерален секретар на СДСМ е голема чест за мене, но и голема одговорност и обврска која со задоволство ја прифатив и одговорно ќе ја извршувам. СДСМ како партија е столб на демократијата во земјата, партија која ги решава најголемите и најважните проблеми на граѓаните и која докажа дека работи исклучиво за нивните интереси.
Моја задача ќе биде да го зајакнам капацитетот и процесите во партијата со цел таа и сите функционери на СДСМ да можат уште посилно и подобро да да одговорат на задачите и одговорностите кои ги имаат пред граѓаните.
Знам ова е многу значајно не само за партијата туку и за сите граѓани и за напредокот на земјата во целост. Целиот капацитет на партијата ќе биде насочен кон забрзано подобрување на животот на граѓаните. 

 

 

Лидија Велковска

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close