0_Web_Избор на уредникот0_Web_Насловна-слајдерMakedonija.SlajderДописници СветИнтервју

Пендаровски: Северна Македонија е најстабилната држава на Западен Балкан

Важно е македонската јавност да знае дека ако не добиеме датум сега во јуни или јули, ако го добиеме на есен, тоа нема да биде затоа што не сме подготвени за тоа. Нема ниедна земја членка која вели дека Северна Македонија треба да заврши други работи, организиран криминал, корупција, реформи во медиуми, администрација, дури ни законот за СЈО не го споменуваат како услов. Сите велат сѐ направивте. Би било поради внатрешната политичка динамика на некои земји и поради распоредот на работа.

Брисел, 14 јуни 2019 (МИА) 

Дали мислите дека одиме кон одвојување на Северна Македонија и Албанија за датумот за преговори во јуни или јули, особено по гласањето на холандскиот Парламент?

– Не сум сигурен дека одиме кон раздвојување, затоа што другите парламенти кои треба да решаваат сѐ уште се немаат изјаснето по тоа прашање. Франција и Германија сѐ уште не се изјасниле, а од нив зависи целата динамика на процесот. Инаку има писмо на тринаесет земји членки кои заговараат почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија, останатите други земји не кажале ништо во однос на тоа, мислам дека во вторава половина се земјите кои не сакаат да се разделат. Холандскиот Парламент исто така гласаше за враќање на визите за државјаните на Албанија, и тоа беше прв знак дека не се спремни да и дадат датум на Албанија сега. Така што второво гласање не е изненадување. Франција и Германија ќе бидат најважни на крајот. Ланскиот заклучок од Самитот во Софија со Западен Балкан, каде пишува дека ќе ни дадат во јуни е направен поради барањето на Франција да завршат евроизборите.  А сега во последните недели, распоредот на работа во германскиот Парламент и некои внатрешни прашање во однос на владината коалиција ги диктира одлуките во однос на нас.

Важно е македонската јавност да знае дека ако не добиеме датум сега во јуни или јули, ако го добиеме на есен, тоа нема да биде затоа што не сме подготвени за тоа. Нема ниедна земја членка која вели дека Северна Македонија треба да заврши други работи, организиран криминал, корупција, реформи во медиуми, администрација, дури ни законот за СЈО не го споменуваат како услов. Сите велат сѐ направивте. Би било поради внатрешната политичка динамика на некои земји и поради распоредот на работа.

Но, нам ни беше дадено ветување минатата година за датумот…

На тоа се реферира Туск вчера, вели не е до вас, до нас е, тоа значи дека ќе биде критика за нив, Туск го кажа тоа и внатре на средбата дека тие ќе имаат потешкотии да објаснат зошто не ги почитуваат сопствените заклучоци од лани. Легитимитетот и кредибилитетот на ЕУ е во прашање.

Дали кај нас политичката стабилност е во прашање?

– Не, ние сме политички најстабилната држава на Западниот Балкан. Ние сме единствена држава во регионот каде опозицијата е внатре во институциите, а не надвор на улиците. Ние имаме неколку закони, на пример за ОТА, кој е двотретински, за кој учествуваше и опозицијата, го гласаа ВМРО ДПМНЕ, не само осумтемина. Има други законски проекти кои се гласани и поддржани и од власта и од опозицијата, тоа е единствен пример на Западен Балкан. Од Албанија, Србија, Босна, Косово, опозицијата е на улиците, протестира, така што ние од аспект на политичката стабилност немаме проблем. Има разидувања, но она што е битно е што по 1994, по изборот на Киро Глигоров, по 25 години, ова е првпат кога опозицијата ги призна резултатите од претседателските избори и беше внатре на инаугурацијата, последен пат се случи 1994. Што е исто така важна за политичката стабилност и кохезија. Нема никаква забелешка за нас.

Што ако не го добиеме датумот во јуни или јули, има ли каков било друг ризик за Северна Македонија?

– Внатре во Република Северна Македонија, нема. Ме прашуваа и вчера, јас реков не. Затоа што албанскиот политички фактор е интегриран и во Владата и во институциите. Ниту албанската ниту македонската опозиција не се надвор од институциите, мое предвидување е дека нема да прават проблеми зашто не сме добиле сега. Опасноста за кочење на Северна Македонија доаѓа од надвор. Има избори во Грција на седми јули, сегашната грчка опозиција има потврди ставови кон Преспанскиот договор, од нивен аспект. Има најави дека ќе го почитуваат договорот, но ќе бидат поригидни во имплементирањето. Може да добиеме потврд став, преведено значи дека можеме да добиеме блокада во ЕУ за некој аспект од Преспанскиот договор. Од изминативе неколку недели веќе се случува едно повидливо присуство на забелешки од Бугарија во однос на договорот со Бугарија. Бараат брзи резултати од комисијата на историчари, сакаат да работи побрзо и да има ефект. Тоа што го спомна Захариева, ќе бараат напредок.

Безбедносни тензии во Македонија нема да има сигурно, политички промени се можни во делот на поддршката на проевропските сили. Еве податок, во десетте години на Груевски, во втората половина од владеењето, поддршката за ЕУ и НАТО беше 60 отсто. Пред тоа имавме околу 90 отсто, оваа Влада успеа да ја врати поддршката околу 82 отсто. Ако не добиеме датум сега, луѓето што поддржуваат членство во ЕУ ќе изгубат доверба и тоа ќе се одрази на процентите. Евроскептицизмот ќе почне да расте, политички структури и партии за кои ЕУ не е на прво место ќе добиваат поддршка, тој ентузијазам одвнатре нема да биде толку голем.

Околу Србија и Косово, има ли навистина ризик од дестабилизација?

– Тезите од Приштина и Тирана се според мене многу слични со овие идеи за корекција на граници. Двете работи зборуваат за промена или бришење на границите. Тоа на Балканот по дефиниција е многу опасна работа. Идејата е дека ако немаат европска перспектива треба да се спојат меѓусебно. Европскиот проект контра големите национални проекти. Тоа е многу опасно. Самото зборување за тие идеи покажува дека безбедносната агенда на Балканот е сѐ уште поважна од политичката и интегративната. За овие прашања зборувавме во раните деведесетти и сега жално е после триесет години транзиција да се враќаме на истите работи, за базична безбедност, за граници, и тоа не смее да се случи.

Српскиот министер за одбрана, Александар Вулин, Ве критикуваше поради вашите изјави за корекција на границите, можат ли да се влошат односите со Србија?

– Тие имаат свој став, јас имам свој став. Тврдам дека за мојата држава е катастрофално решение ако почнат да се менуваат границите било каде на Балканот, може да има домино ефект. Прва колатерална штета ќе биде Северна Македонија и Босна и Херцеговина.

Вчера Ве прашаа за ризикот Турција да блокира во НАТО поради барања за екстрадиција на ѓуленистите од Македонија, реален ли е тој ризик?

– Не. Претседателот на турскиот Парламент ми рече дека потпишал за почеток на процедурата во турскиот Парламент за ратификација на протоколот за НАТО и ми рече дека одложувањето досега било затоа што имаат локални избори и вели дека парламентарната динамика не била толку интензивна. Тие ги испорачуваат овие барања, но не ги врзуваат двете работи. Јас не можам да кажам што ќе прави судот или обвинителството, ние мораме да бидеме усогласени со европското законодавство и со надворешната политика на ЕУ.

Тања Милевска

Back to top button
Close