0_Web_Избор на уредникот0_МИА Истражува.ПорталSvet.SlajderБалканБалкан.ПорталДописници СветТема

МИА во џамијата во Атина, три месеци пред да се одржи првата молитва

На мала оддалеченост од центарот на Атина, во специјално уреден простор, со голем двор со детско игралиште и фонтана, со капацитет во внатрешноста да прими 350 лица (300 мажи и 50 жени), но без минариња, грчката престолнина по многу години и по низа бирократски пречки, добива џамија, која вратите за верниците ќе ги отвори во септември.

Атина, 8 јуни 2019 (МИА) – На мала оддалеченост од центарот на Атина, во специјално уреден простор, со голем двор со детско игралиште и фонтана, со капацитет во внатрешноста да прими 350 лица (300 мажи и 50 жени), но без минариња, грчката престолнина по многу години и по низа бирократски пречки, добива џамија, која вратите за верниците ќе ги отвори во септември.

Вратите вчера беа отворени за министерот за образование и религија на Грција, Костас Гавроглу, за муслиманите присутни на настанот, како и за новинарските екипи.

При влезот, како што е правило во џамиите, од сите, беше побарано пред влезот да ги соблечат обувките.

Внатрешноста на џамијата, како што јави дописничката на МИА од Атина, е поделена во два дела, едниот поголем со капацитет да прими 300 верници – мажи, другиот, мала просторија наменета за 50 жени.

Во главниот, поголемиот простор се наоѓа и посебниот дел во облик на полумесечина, вгарден во ѕидот што е наменет за имамот, а над него, на арапски е напишан дел од Коранот. Поставен е, верниците, за време на молитвата да гледаат во насока на Мека.

Министерот за образование и религија на Грција, Костас Гавроглу, ја посети џамијата, во име на премиерот и грчката влада, поразговара со верниците, а во изјава за МИА вели дека се горди што конечно Атина ќе има џамија, нешто што значи и исполнување на човековото право на муслиманите.

-Грција добива џамија во Атина. Ова е прва државна џамија, што значи дека целата одговорност и за чување и за целиот простор ја има државата, нешто што е особено важно за нашите сограѓаните муслимани и за посетителите кои доаѓаат. Како што гледате има простор и за деца и за прошетка и е нешто за кое што сме многу сме горди, бидејќи ја финализира можноста на овие луѓе да се молат во нивен простор, а со тоа исполнувајќи и еден длабок елемент што е поврзан со човековите права, вели Гавроглу во изјава за дописничката на МИА од Атина.

Заедно со министерот за образование и религија на Грција, џамијата ја посети и имамот кој е веќе избран меѓутоа се уште не е официјално назначен.

Муслиманите задоволни што конечно Атина добива џамија

Иако првата молитва ќе се одржи во септември кога и официјално ќе биде отворена џамијата, сепак дел од муслиманите кои беа присутни на настанот, ја искористија можноста да се помолат.

Дописничката на МИА од Атина поразговара со Мустафа Ран и со 17-годишната Алиш Базахара, кои веќе неколку години живеат во Атина.

 

Мустафа беше првиот кој се помоли веднаш откако влезе во џамијата.

-Просторот е убав, голем е. Ќе доаѓаме овде да се молиме.

Претходно за молитви одев во еден протор во подрум, таму се собиравме околу 20 луѓе. Сега ќе бидеме сите заедно, вели тој.

Алиш Базахара е од Пакистан и живее веќе четири години во Грција, вели дека претходно, со нејзиното семејство оделе во импровизираните приватни и мали џамии, а сега е среќна што имаат простор каде што, како што потенцира, може да ги прославуваат нивните празници.

-Ова е многу добра вест за нас дека грчката влада направи нешто за муслиманите, за нашата заедница. Сега можеме да доаѓаме тука, да се молиме, да ги прославуваме нашите празници. Просторот е навистина убав и дизајнот и се.

Навистина ми се допаѓа, вели 17-годишната Алиш Базахара во разговор со дописничката на МИА од Атина.

Атина беше единствената европска престолнина што немаше џамија, а сега станува првата европска престолнина во која ќе функционира државна џамија.

Муслиманите кои живеат во Атина, верските ритуали досега ги извршуваа во импровизирани простории од кои, само пет се легални, како што минатиот месец, објасни за МИА, генералниот секретар од Министерството за образование и религија на Грција, Јоргос Калаѕиас.

Тогаш, тој рече дека според нивните податоци и информации, во Атина живеат околу 200 илјади муслимани, без да бидат вклучени бегалците и мигрантите кои неодамна дојдоа. ср/ссм/

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close