0_Македонија.ПорталДописници МКД

Жбогар најави нов проект „Чисто, како дома исто“

Амбасадорот на Европската Унија, Самуел Жбогар и раководителот на Одделот за соработка во Делегацијата на ЕУ, Никола Бертолини денеска престојуваа во Виница како дел од караванот „ЕУ за тебе“.

Кочани, 22 мај 2019 (МИА) – Амбасадорот на Европската Унија, Самуел Жбогар и раководителот на Одделот за соработка во Делегацијата на ЕУ, Никола Бертолини денеска престојуваа во Виница како дел од караванот „ЕУ за тебе“.

За време на посетата, амбасадорот Жбогар учествуваше на дебата со ученици од средните училишта за „Визијата на младите за Европската Унија“, а потоа се придружи на велосипедското родео, што како спортско-рекреативна активност ја организираа младите.

– Со учениците имавме одлична и многу интересна дискусија, а можам да кажам дека охрабрувачки е колку мудри млади луѓе има овде, колку тие се посветени на својот град и својата земја, визијата кон иднина и подобрувањето на состојбата во државата. Една од темите за кои разговаравме беше животната средина и токму од овде имам чест да најавам дека следната недела почнуваме со нов проект „Чисто, како дома исто“ со кој сакаме да ја подигнеме свеста кај граѓаните за важноста од чистата околина. Сметаме дека токму младите ќе бидат оние кои ќе го прифатат овој активизам и ќе се залагаат за одржување на животната средина, истакна евроамбасадорот Жбогар.

На работилницата со граѓаните, граѓанските организации и бизнис секторот од Виница и регионот, Никола Бертолини од Одделот за соработка во Делегацијата на ЕУ ги претстави фондовите што им стојат на располагање, при што даде насоки за нивна подобра употреба. Пртиоа, тој истакна дека се работи за корисни средби преку кои Унијата се доближува до општините и ги согледува нивните вистински потреби.

Градоначалникот на Виница, Ивица Димитров го запозна Жбогар со проектите што досега се реализирани во општината, а за кои финансиска поддршка била обезбедена од европските фондови. Исто така, се разговараше и за новите инвестирања, пред сè во инфраструктурата и образованието, и можноста соработката со ЕУ да продолжи и во тој правец. та/мс/

Back to top button
Close