Дописници МКДОпштински вести

Во Велес се средуваат старите и се уредуваат нови зелени површини

Екипи на ЈКП „Дервен“ деновиве интензивно работат на средување на зелените површини кај комплексот згради „УЗУС“ и позади ССОУ „Коле Неделковски“, каде запуштениот училишен простор од 6.000 квадратни метри го преуредуваат во нова зелена површина.

Велес, 8 мај 2019 (МИА) – Екипи на ЈКП „Дервен“ деновиве интензивно работат на средување на зелените површини кај комплексот згради „УЗУС“ и позади ССОУ „Коле Неделковски“, каде запуштениот училишен простор од 6.000 квадратни метри го преуредуваат во нова зелена површина.

Од Општина Велес информираат дека на овој простор во завршна фаза е и изградбата на пешачка патека од 370 метри, внатрешни патеки од 300 метри и 20 канделабри, а  потоа ќе се подигне ново зеленило и ќе се постави урбана опрема.

Воедно, во населбата Комплекс „УЗУС“  веќе е извршена  реконструкција на зеленилото,  кое со години не беше одржувано и беше целосно запуштено. На тој простор се изврши кроење и кастрење на неорганизираното зеленило, поставување на систем капка по капка и засадување на површините со трева.

Овие две зелени површини, велат од општината, ќе ги користат учениците во средното училиште  и околу две илјади жители од населбата „УЗУС“, во новиот дел на Велес.

Уредувањето на зелените површини е во согласност со Годишната програма за подигнување на нови зелени површини во градот за Велес, а од Општина Велес најавуваат дека се предвидени и нови зелени површини во градот, како и средување на веќе постојните. ад/вј/

Back to top button
Close