Некатегоризирано

Викендов фестивал на отворено „Азот 2019 мтб предизвик“

Викендов во селото Богомила, во регионот на Азот се одржува голем фестивал на отворено „Азот 2019 мтб предизвик“ кој по петти пат го организира велосипедско здружение „Велес Бајкинг“ и Општина Чашка.

Велес, 25 мај 2019 (МИА) – Викендов во селото Богомила, во регионот на Азот се одржува голем фестивал на отворено „Азот 2019 мтб предизвик“ кој по петти пат го организира велосипедско здружение „Велес Бајкинг“ и Општина Чашка.

Како што информира за МИА, Зоран Јаневски од „Велес Бајкинг“ околу 300-те учесници денеска на првиот ден имале велосипедска прошетка од село Богомила до село Бистрица каде попладнево го посетиле Етно музејот и локалниот манастир. Се одржа и натпревар во велосипедски техники за најмладите учесници- велосипедисти.

Тој информира дека меѓу бројните учесници биле и претставници од Германската и Словачката Амбасада како и двајца гости од Израел.

-Задоволство ми е како организатор да констатирам дека бројот на учесници од година во година расте, со што Богомила и останатите села од живиписниот реон на Азот заживуваат и се преполни со посетители, вљубеници во велосипедизмот, пешачењето и прекрасната природа, информира Јаневски.

Тој најавува дека утре е предвиден за возење велосипед низ преубавите пејсажи на регионот Азот. Во поглед на патеките, предвидени се три патеки кои  во потполност треба да ги задоволи сите оние кои сакаат да учествуваат на „Азот 2019 Мтб Предизвик“ и тоа: голема патека: 53.5 km +1805 која е вистинскиот предизвик за сите, средна патека: 34.5 km +1011 m и мала патека:16.9 km +442 m.

Големата патека поминува низ неколку села од областа Азот и тоа селата Богомила, Црешнево, Капиново, Нежилово, Папрадиште и до Планинарски дом Чеплес  како и низ природни знаменитости: течението на река Бабуна низ селата  Нежилово и Богомила, течението на Чеплеска река што се  влева во Бабуна во селото Нежилово. Во близина се и изворите на  реката Бабуна, поглед кон врвот Солунска глава ( 2451 мнв). Највисоката висинска точка на која поминуваат велосипедистите е 1.435 мнв. Планинарскиот дом Чеплес е на надморска височина од 1410 метри. Средната и малата патека се вклопени во големата.

Тој појасни дека освен велосипедизам, оваа година е предвидено и планинарење во должина од 16,5 км со извонредни живописни предели.

Јаневски  потсети дека во изминатите четири години на овој велосипедски фестивал како директни учесници имало преку 1200 велосипедисти од земјава и  други држави, а голем дел од учесницитите доаѓаат секоја година.

Тој воедно ги повика сите велосипедисти и вљубеници на природате и пешачењето кои денеска не отидоа во Богомила да им се приклучат утре на вториот ден. Зборното место е дворот на ООУ „Петар Поп Арсов“ во село Богомила. ад/вг/

Back to top button
Close