Дописници МКДОпштински вести

„Треш фешн“ модна ревија во кривопаланечката гимназија

Десет креации од рециклирачки материјали дело на учениците во средното општинско училиште „Ѓорче Петров“ Крива Паланка продефилираа во холот на гимназијата вечерва на годинашната „Треш фешн“ модна ревија.

Крива Паланка, 13 мај 2019 (МИА) – Десет креации од рециклирачки материјали дело на учениците во средното општинско училиште „Ѓорче Петров“ Крива Паланка продефилираа во холот на гимназијата вечерва на годинашната „Треш фешн“ модна ревија.
Ревијата од отпадни рециклирачки материјали се одржува по осми пат во ова училиште, а координатор на истата е професорот по ликовна уметност, академскиот сликар Роберт Цветковски.
– И годинава учениците се надмудруваа со идеи за што покреативни идејни решенија за моделите на креациите. Учествуваа десет тимови од по тројца ученици од сите четири наставни години, а жири-комисијата ја одбра како најдобра „The queen“, рече професорот и ментор, Роберт Цветковски.
Победничката „Кралица“ ја изработил тимот од три ученички од прва година – Нела Ристовска, која воедно и го претстави и го носеше моделот, Неда Величковска и Натали Митровска.
– Работевме на креирање и реализација на идејата околу еден месец, од собирање, сечење и составување на конечната форма на моделот. Сакавме да создадеме нешто уникатно и досега невидено,а во изминатите години немаше многу креации од лимена амбалажа, па ги одбравме лименките како најголем процент за состав на
фустанот. Изработен е од околу 330 лименки и многу малку еко-хартија и декоративна тантела, информира тимот кој го работеше моделот „The queen“.
Професорот Цветковски рече дека средното општинско училиште „Ѓорче Петров“ осми пат ја организира „Треш фешн“ ревијата, има ист толкав број учества на државното натпреварување во организација на Здружението на граѓани ОХО.
Досега претставниците на оваа училиште имаат освоено едно прво место,една специјална награда и две трети места на државниот „Треш фешн“ натпревар што годинава ќе се одржи на 23 мај во МКЦ, Скопје. ид/нд/

Таг
Back to top button
Close