0_Web_Насловна-слајдер0_Македонија.ПорталВидео изјаваКултураКултура.ПорталОпштествоСцена

Тамара со „Proud“ го освои осмото место на Евровизија

Нашата претставничка Тамара Тодевска со песната Proud („Горда“), се пласираше на осмото место, и го освои највисокиот пласман на земјава досега на Евровизија.

Скопје, 19 мај 2019 (МИА) – Холандскиот претставник Данкан Лоренс со песната „Arcade“, победи на овогодинешниот избор за песна на Евровизија, што се одржа во Тел Авив, Израел. Нашата претставничка Тамара Тодевска со песната Proud („Горда“), се пласираше на осмото место, и го освои највисокиот пласман на земјава досега на Евровизија.

Второпласирана е Италија, а третото место го освои претставникот на Русија. Четвртото место го освои Швајцарија, а петтото Норвешка.

Северна Македонија доби 12 поени од Австрија, Велика Британија, Албанија, Молдавија, Србија и Швајцарија, а Тамара во текот на речиси целото гласање беше на врвот на табелата.

Тодевска гласањето на жирито го заврши на второто место со 237 поени, зад Шведска со 239 бодови, а на крајот по гласањето на публиката се пласираше на осмото место.

Ова е најдобар пласман на земјава откако учествува на Евровизија од 1998 година. Претходно, најдобар пласман земјава освои во 2006 кога се пласираше на 12-то место со претставничката Елена Ристеска со „Нинанајна“.

Aвтори на песната „Proud“ се Роберт Билбилов, Дарко Димитров и Лазар Цветкоски, а текстот е на Коста Петров и Сања Поповска. Придружни вокали се Александра Јанева, Антонија Гиговска и Васил Гарванлиев.

Во финалето настапија 26 земји, а можеа да гласаат сите учесници односно 41 земја.

Прва настапи Малта, а последна Шпанија.

Пласман во финалето од втората полуфинална вечер обезбедија и Холандија, Албанија, Шведска, Русија, Азербејџан, Данска, Норвешка, Швајцарија и Малта, а од првата полуфинална вечер – Грција, Белорусија, Србија, Кипар, Естонија, Чешка, Австралија, Исланд, Сан Марино и Словенија. Директен пласман во финалето покрај домаќинот Израел имаа Франција, Италија, Германија, Шпанија и Велика Британија.

Како специјален гостин на финалната вечер на Евросонг беше 60-годишната поп ѕвезда Мадона, која имаше 20-минутен настап пред публиката. Мадона, во оваа пригода го промовираше новиот сингл, а заработи речиси еден милион долари од нејзиниот настап на Евровизија во Тел Авив.

Тамара Тодевска четврти пат учествува на Евровизија, но првпат како солист. Пред седум години пејачката Калиопи со песната „Црно и бело“ настапи во финалето на 57.Евровизија, што се одржа во Баку, Азербејџан. нд/

 

Таг
Back to top button
Close