0_Web_АктуелноДописници МКДОпштествоРепортажа

Средновековните бисери во Кавадаречко  

Со над сто фотографии, десетици скици и цртежи, во Музеј-галеријата во Кавадарци се претставени средновековните бисери, пештерните цркви „Свети Лазар” во селото Бегниште и „Свети Никола” во селото Драдња.

Кавадарци, 14 мај 2019 (МИА) – Со над сто фотографии, десетици скици и цртежи, во Музеј-галеријата во Кавадарци се претставени средновековните бисери, пештерните цркви „Свети Лазар” во селото Бегниште и „Свети Никола” во селото Драдња.

-Средновековните пештерни цркви и манастири во Кавадаречко претставуваат богата културна, духовна и просветителска ризница. Тие се свидетели за творечките импулси на нашите зографи и градители, за монашкиот живот исполнет со молитва, пост и љубов кон Бога, за значајното религиозно творештво и вековната традиција на источнохристијанската култура проткаена со духовна, верска и уметничка нитка. Знаејќи го огромното значење на пештерните цркви кои датираат од XIV век, нивниот амбиент и локација во која се наоѓаат, целта на изложбата е да бидат достапни пред пошироката културна јавност, односно да се презентира сето она што досега е зачувано од нив, евидентирано, конзервирано и докуметирано по пат на истражувачки проекти под раководство на Весна Ѓорѓиева, виш кустос, историчар на уметност и археолог во Музеј-галерија Кавадарци, велат во кавадаречката културна институција. 

Пештерните цркви, нагласуваат, досега се единствени од овој вид на територијата на Кавадаречко – свидетели за верскиот, социјално–економскиот и уметничкиот живот на нашиот народ во средновековниот период.

Црквата „Свети Лазар” атрактивен туристички објект

Пештерната црква посветена на свети Лазар се наоѓа на околу пет километри југозападно од селото Бегниште, над самиот брег од сегашната акумулација на Црна Река. Лоцирана е во карпест и сув предел на околу 30 метри височина од нивото на Тиквешко Езеро (кое постојано варира), на самиот влез во пештера со пречник од околу десет метри, која веројатно служела за упориште на анахоретите (монаси, пустиножители, кои се оддаваат на осаменички живот посветен на Бога). Пред создавањето на Тиквешко Езеро, по долината на Црна (1964 – 1968 год.) нејзината положба била високо над кањонот на реката Каменица во близина на селото Сопиште, по кое го добила и името Сопишка црква, а некои ја нарекуваат Маркова.

За разлика од минатото, денес до пештерата се пристигнува по земјен пат, што води од селото Бегниште и по водите на Тиквешко Езеро до устието на реката Каменица, а потоа по доста стрмен и карпест предел.

Остатоците од пештерната црква „Св. Лазар“ се видливи доколку сте во непосредна близина и подзастанете со чамец во водите на езерото. 

За историјата на црквата се знае многу малку бидејќи пишани документи и натписи на самата црква не постојат. Врз основа на она што е видливо и досегашните резултати од проучувањата, се смета дека е изградена и живописана во 14 век.

-Од некогашната градба со мали внатрешни димензии 250-260 x 270 сантиметри и надворешни 371 412 сантиметри, денес се зачувани дел од јужниот и источниот ѕид со олтарната апсида, со солидно зацврстен конзерваторски зафат. Западниот, северниот и дел од источниот ѕид се срушени, веројатно поради поткопување и ерозија на земјиштето под овие делови на црквата, појаснува Ѓорѓиева, која е директор на Музејот. 

Таа информира дека по својата архитектонска концепција, црквата претставува еднокорабна градба во чиј состав влегува олтарниот простор, со полукружна апсида одвнатре и истакната однадвор и во продолжение наос. Градена е од кршен камен и варов малтер. Опусот на ѕидаријата нема декоративни особености, се карактеризира со изразита едноставност. Црквата била засведена со полукружен камен свод, кој лежел врз масивните ѕидови од 60 сантиметри јачина. Јужната и источната фасада не се малтерисани, а со тоа нема и фрескоживопис. Источниот ѕид е подигнат врз природна карпа на која е изѕидана апсидалната конха.

Од некогашниот сликарски ансамбл што ги украсувал внатрешните површини на ѕидовите и сводот на црквата, денес остатоците се наоѓаат на површините на јужниот и источниот ѕид, апсидата и незначителен дел од сводот во југоисточниот дел од градбата.

-Најслабо зачуван живопис е во првата зона. На источниот ѕид од јужната страна на апсидата е насликан ѓаконот св. Евплос. На јужниот ѕид е зачувна само главата на стоечката фигура на папата Силвестер. Во најниската зона на апсидалната конха е претставена Службата на архијереите. Од некогашните четири фронтално поставени стоечки фигури на светите архијереи, денес само се идентификува првиот од десно, св. Атанасие Александриски. Од другиот архиереј е зачувана само главата, а од третиот, дел од нимбот, соопштува Ѓорѓиева. 

Во апсидалната конха допојасно е претставена Богородица Платитера. Лево и десно од главата се наоѓаат нејзините сигнатури. На нејзините гради во бела мандорла во допојасна претстава е насликан Христос Емануел. 

-Циклусот на Големите празници започнува со одвоените фигури на архангел Гаврил (уништен, не е зачуван) и Богородица од Благовештението, поставена на источниот ѕид, на јужната страна од апсидалната конха. Сцените продолжуваат на јужниот ѕид со Раѓањето Христово, за да завршат со Сретението. Над Богородица во медалјон е насликана св. Елисавета до попрсје, фронтално со свртена дланка кон напред во висина на градите, додава доректорката. 

Сцените од Големите празници, кои единствено се зачувани, продолжуваат во втората зона на јужниот ѕид. Првата сцена од исток кон запад е Раѓањето Христово. Во оваа композиција се претставени сите личности кои ја сочинуваат оваа сцена. Наредната композиција ја претставува сцената Сретение. Во третата зона на јужниот ѕид над сцените од Големите празници тече фриз на медалјони со торза на маченици. Почнува од јужната страна на источниот ѕид до апсидата со св. Елисавета и продолжува сè до крајот на зачуваниот јужен ѕид од наосот. Претставени се светите маченици и врачи кои ги исцеливале болните на чудотворен начин со примање на христијанската вера. Следуваат од лево кон десно: св. Ермолај, св. Пантелејмон, св. Кузман и св. Дамјан. На остатокот од сводот на југоисточниот агол на црквата се гледаат само нозе на двајца пророци.

Сликарството во пештерната црква „Св. Лазар“, вели таа, е потврда на вешт и образован мајстор, веројатно школуван во солунските сликарски работилници, енергичен во композицијата и цртежот, со посебен осет кон декорацијата постигната со тонски средства. Постојаните топли и ладни и темни и светли ефекти се применети во градењето на облиците и на површините каде што тие се наоѓаат. Колоритот претежно е сведен на светол и темен окер со остар контраст, користен за обликување на сенките.

Денес остатоците од црквата „Св. Лазар“ немо сведочат за бурното средновековие, сегашност и иднина. Знаејќи го нејзиното значење, претставува атрактивен туристички објект што се поврзува во црквата Св. Ѓорѓи – Полошки манастир, лоцирана неколку километри на спротивната страна на Тиквешко Езеро.

Маркова црква – потврда за монашкиот живот покрај Црна

Пештерната црква посветена на св. Никола, позната како Маркова црква, се наоѓа на околу 1,5 километар југозападно од село Драдња, во стрмен и карпест предел, во сува пештера со длабочина од околу 20 метри, а висока околу 9 метри, која личи на готичка катедрала.

Пристапот до црквата е многу тежок. Влезот во природната пештера е сместен на вертикална карпа високо издигната на околу 12 метри над теренот, до која се стигнува само со планинарско искачување.

– Црквата е изградена на влезниот дел од пештерата што ги детерминира димензиите и поставеноста на самиот објект. Таа е двокатна, т.е. се состои од приземен дел што служел за поминување и кат, просторот на црквата – капела, на која се качувало преку дрвени скали од внатрешната страна на пештерата. Црквата е со ориентација исток – запад. Во приземниот дел се влегувало од источната страна, а висината на просторот изнесува 125 сантиметри, што значи дека морало да се влегува добро поднаведнато – речиси клечејќи. Црквата е со димензии: надворешни 263 x 410 cантиметри и внатрешни 163 x 310 cантиметри, појаснува Ѓорѓиева. 

Црквата со западната фасада е поставена кон затворениот дел на пештерата. По својата архитектонска концепција таа е еднокорабна градба, ѕидана од камен со различни големини, делумно клесани. Покрај обичен користен е и камен бигор – за засведување на покривната конструкција и плитките ниши. Како сврзно средство при градењето е користен варов малтер.

 Од некогашната црква денес се зачувани ѕидот на западната фасада, северниот и делумно јужниот. Пропорциите на објектот се многу интересни, односно ширината на црквата се состои два пати во должината, а три пати во висината. Со ова храмот има пропорции на тесни, високи еднокорабни цркви на источното христијанско градителство.

   Во приземјето се наоѓа делумно зачуван натпис во кој се споменуваат игумен, архијереј и војвода. Непознатиот игумен бил ктитор со уште три други лица.

-Живописот е изведен во приземјето и катот. На западниот ѕид од внатрешната страна е насликана композицијата Успение Богородичино, еден непознат светител (можеби св. Пантелејмон) и композицијата Преображение. На северниот ѕид се распознаваат: млад светител, веројатно св. Кузман, Деисизната композиција и сцени од животот на св. Никола. Во нишата на западната фасада над влезот е претставен ликот на св. Никола, кому е посветена црквата. Насликан е во архијерејска одежда, во левата рака држи Евангелие, а со десната благословува. Други светители кои се идентификуваат се: св. Никанор, евангелист Јован и фрагмент од композицијата Исус Христос Емануел, опишува директорката. 

Иконографската програма е сведена според димензиите на цркватаИзборот и распоредот на фреските во внатрешноста на црквата е вообичаен репертоар за еднокорабните засведени цркви подигнати во доцниот среден век на просторот на подрачјето на Северен Балкан. Најголем дел од површината, горните зони, челните и бочни ѕидови и ниските површини на сводот се покриени од сцените на Големите празници. 

Според досегашните проучувања, се смета дека црквата е изградена и живописана во 14-от век,  во времето на владеењето на цар Душан (1346 – 1355 г.).

Марковата пештерна црква претставува значаен придонес за историјата на анахоретското сликарство од средновековниот период, потврда за монашки живот во долината на Црна Река.

-Денес во црквите не се забележливи какви било подоцнежни градежни или сликарски интервенции. Заштитни конзерваторски зафати се преземени од страна на НКЦ – Скопје и Локален музеј-галерија – Кавадарци во 2007 година, потсетува директорката, виш кустос, историчар на уметност и археолог.

Изложбата е со финансиска поддршка од локалната самоуправа. Настанот беше збогатен со учество на ученици од музичкото училиште од Кавадарци, под менторство на професорката Силвана Чулева Атанасова.

Светлана Дарудова

 

Back to top button
Close