0_Web_Актуелно0_Македонија.ПорталАнализаДописници МКД

Собирањето шумски плодови меѓу бизнис и заштита на биодиверзитетот

Преку стандарди за добра собирачка практика, подобрување на законските прописи од оваа област, квалитет и чување на собраниот материјал и негово финализирање во брендиран производ може да се подобрува собирањето шумски плодови и тоа да биде сериозен бизнис, оценија собирачите, откупувачите и експертите, кои преку организирање обуки во струмичкиот регион ја актуелизираат оваа стопанска дејност.

Струмица, 2 мај 2019 (МИА) – Преку стандарди за добра собирачка практика, подобрување на законските прописи од оваа област, квалитет и чување на собраниот материјал и негово финализирање во брендиран производ може да се подобрува собирањето шумски плодови и тоа да биде сериозен бизнис, оценија собирачите, откупувачите и експертите, кои преку организирање обуки во Струмичкиот Регион ја актуализираат оваа стопанска дејност.

Според професорката на Шумарскиот факултет во Скопје, Македонка Стојановска, собирањето шумски плодови претставува голем потенцијал, посебно за руралните подрачја во близина на шумите.

-Имајќи предвид дека 50 проценти од населението во нашата држава живее во рурални средини, дивите плодови претставуваат огромен потенцијал за локалниот развој на Струмица и на планината Беласица, но и за домаќинствата кои се занимаваат со оваа дејност. Собирањето недрвни производи од шумите во многу европски земји е сериозен придонес кон шумарството и кон локалното население кое живее во непосредна близина на шумите, смета професорката Стојановска.

Собирачите на плодови велат дека на планините околу Струмица има изобилство од шумски плодови, посебно печурки.

-Јас секоја година собирам околу 800 килограми печурки, се разбира кога годината е добра и до 300 килограми кога нема многу род. Печурките се откупуваат по 200 денари за килограм и едно семејство може да продаде во просек околу 400 килограми и да заработи од 60 до 80 илјади денари, вели Душко Дрвошанов, професор во струмичко средно училиште и собирач на печурки од селото Моноспитово.

Смета дека во последно време нема организиран откуп како порано и се случува откупувачите да доаѓаат инцидентно.

Панде Мицев од село Мокрино потврдува дека има многу шумски плодови на планината Беласица, но собирачите се судираат со проблемот на загадувањето на планината со фрлање различен отпад.

-Има места каде што порано сме собирале печурки и други плодови кои сега се затрупани со отпад. Покрај печурки собираме и боровинки, но од нив нема за продавање, туку подготвуваме само сок за нас, рече Мицев.

За Томе Дончев од селото Мокриево, кој собира чаеви од Беласица, собирањето одредени шумски плодови, кои се наоѓаат во граничниот појас со Бугарија и Грција, е отежнато поради тешкиот пристап и до нив можат да стасаат само тие кои имаат специјални возила.

-Порано собиравме многу плодови во граничниот појас кога бевме помлади. Сега не можеме, бидејќи дотаму се стигнува само пеш. Немаме џипови и затоа сега го собираме она што е достапно за нас, вели Томе Дончев.

Никола Ристов од Шумското стопанство „Беласица“ од Струмица вели дека планината Беласица изобилува со шумски плодови.

-Од оваа планина најинтересен е плодот од костен. Тука го има најмногу на Балканот и е голем потенцијал за храна и хемиска преработка на дрвото. Неговите состојки се користат за штавење на најдобрата кожа и изработка на кондури. Порано собиравме костен и го извезувавме за подготовка на детска храна. Сега наша цел е да иницираме компании да почнат да се занимаваат со преработка на костенот и да почне да се собира организирано, бидејќи на Беласица има околу 300 илјади стебла костен, смета Никола Ристов од Шумското стопанство „Беласица“ од Струмица.

Панче Николов од „Пробио“ од Скопје потенцира дека собирањето шумски плодови мора да биде поврзано со заштитата на биодиверзитетот на планината Беласица.

-Собирањето мора да се одвива под строго контролирани услови и стадандарди за заштита на географското потекло на производот и со означување со заштитена трговска марка. Мене ме радува што има голем интерес кај собирачите на шумски плодови за овие обуки и фактите што ги изнесуваме пред нив. Се надевам дека ќе ги предизивикаат да добиеме брендиран производ под името „Беласица – планиски производ“, рече Николов.

И професорката Македонка Стојановска подвлекува дека е многу важно да се почитуваат правилниците за собирање на шумските плодови и секогаш барем 30 проценти од недрвниот шумски производ што се собира да се остави на терен. Но, практиката покажува нешто друго и затоа е потребно да се вршат контроли и да се подигне јавната свест на локалното население.

Обуките ги организираа Здружението „Натура нова“ од Струмица во партнерство со општината во рамки на проектот „Заштита на биодиверзитетот и брендирање на шумските плодови на Беласица“, а ги спроведе „Пробио“ во соработка со ЈП „Македонски шуми“ – Шумско стопанство „Беласица“ од Струмица и Шумарскиот факултет од Скопје.

Ристо Тасев

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close