БалканБалкан.ПорталДописници Свет

Предупредување до Тирана за датумот за преговори со ЕУ поради насилните протести

Европратениците Кнут Флекенштајн од редовите на Социјалдемократите и Едвард Кукан од Европската Народна Партија, преку писмо упатија натпартиски повик до сите граѓани на Албанија да му стават крај на насилството на протестите и предупредуваат дека тоа може да влијае врз датумот за почеток на преговорите со ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.

Брисел, 13 мај 2019 (МИА) – Европратениците Кнут Флекенштајн од редовите на Социјалдемократите и Едвард Кукан од Европската Народна Партија, преку писмо упатија натпартиски повик до сите граѓани на Албанија да му стават крај на насилството на протестите и предупредуваат дека тоа може да влијае врз датумот за почеток на преговорите со ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.

– Со голема загриженост ги гледавме сликите на насилство од Тирана во саботата, 11 мај. Правото на протест е клучно во секое демократско општество, меѓутоа тоа никогаш не може да оправда насилство, стои во писмото на европратениците.

Флекенштајн, кој во изминатиов состав на Европскиот парламент беше известувач за Албанија, и Кукан потсетуваат дека силно ја поддржуваат европерспективата на оваа земја и дека таа претставува збогатување за Европската Унија.

Но, според нив, сите учесници во протестите, без разлика на партиската определба, мора да се воздржат од секаков вид на насилство во наредните денови кога повторно се најавени демонстрации во Тирана.

– Ги повикуваме, исто така, и сите политички лидери да покажат одговорност и воздржаност. Како европратеници ние не сакаме да се мешаме во демонстрациите, но сакаме да потсетиме дека само демократски институции и процеси, парламентарен дијалог, законски процедури и слободни и фер избори, можат легитимно да ги решат сериозните предизвици со кои се соочува Албанија, велат европратениците.

Албанија, заедно со нашата земја, е во исчекување на датум за преговори за членство во ЕУ. Во текот на викендот, сликите од насилните протести во Тирана беа меѓу главните вести од светот ширум ЕУ.

– Сликите кои ги видовме во саботата би можеле да дадат погрешен впечаток дека Албанија не е подготвена за пристапни преговори во јуни, предупредуваат европратениците во писмото и бараат итно да се изнајде „зрел“ начин за решавање на проблемите. тм/сп/

Таг
Back to top button
Close