0_Македонија.ПорталАнализаДописници МКД

Писменоста кај младите – широки хоризонти и духовно богатство

Мај е месецот на првото одбележување на Денот на македонскиот јазик, 5 мај, на одбележување 24 мај, Денот на сесловенските просветители „Светите Кирил и Методиј“, месецот на матурите, подготовката за матурските испити, на саемите на книгата, но и месецот за да се постави прашањето: Каква е писменоста кај младите? Или, на кое ниво е елоквентноста, усниот содржаен израз, кој според професорите за македонски јазик и литература, не само што го збогатува интелектот, туку е и одраз на духовното богатство кај младите луѓе. Не ретко, елоквентноста била пресудна да се најде работа, да се биде пред другите кандидати.

Прилеп, 31 мај 2019 (МИА) – Мај е месецот на првото одбележување на Денот на македонскиот јазик, 5 мај, на одбележување 24 мај, Денот на сесловенските просветители „Светите Кирил и Методиј“, месецот на матурите, подготовката за матурските испити, на саемите на книгата, но и месецот за да се постави прашањето: Каква е писменоста кај младите? Или, на кое ниво е елоквентноста, усниот содржаен израз, кој според професорите за македонски јазик и литература, не само што го збогатува интелектот, туку е и одраз на духовното богатство кај младите луѓе. Не ретко, елоквентноста била пресудна да се најде работа, да се биде пред другите кандидати.

Во потрагата по одговорот на прашањето: На кое ниво е писменоста кај младите, разговаравме со професор по македонски јазик, ја посетивме градската библиотека во Прилеп, ги посетивме аквизитерите на книги, ги запрашавме младите, ги консултиравме научниците.

Според професорот по македонски јазик Билјана Тинтоска во прилепското средно медицинско училиште „Ѓорче Петров“ факт е дека социјалните мрежи и интернетот си го зедоа данокот. Влијаат на писменоста, на изразноста кај младите луѓе кои најчесто се пред компјутерот и комуницираат електронски. Малку на шега речено – со молчење. Вели и образовниот систем оставил трага во недоволниот изразен фонд кај учениците, зашто главно се одговара писмено, па и на факултетите. Но, во последно време има позитивни поместувања. Младите, ако им се објасни, сакаат да навлезат во истражување на изразните средства, да знаат што да кажат и како да ги срочат, во зборови, своите чувства, размислувања, своите ставови. Една од формулите, смета Тинтоска – повеќе читање книги.

-Ова е ера на силно влијание на социјалните мрежи која, со години, остава силен белег на писменоста и на елоквентноста кај младите. На незбогатеноста на изразот. Најдобра алтернатива за да се подобри занемареното е – читањето книги, уметничка литература со што би се збогатил речникот кај младите, би се збогатил светогледот и би се прошириле сите хоризонти кон убавиот израз и кон украсувањето на тој израз. Сметам дека трудот на нас, возрасните има резултати. Секогаш кога им посочуваме на децата колку е влијателен убавиот израз, тие добиваат желба да го збогатат, додава таа.

Истакнува дека се забележува еден тренд на читање книги и апелирам најпрво да се читаат книги оние што се класика, легендарни и полека да се освојува светот на уметничката литература. -Не можам да кажам колку и дали образовниот систем е хендикеп и го кочи проширувањето на елоквентноста, но најбитна е желбата, волјата за тоа. Ако се сака, сѐ се може. Се забележува дека недостасува усното изразување кај младите, зашто претежно се писмените одговори. Гледам дека по факултетите се е сведено на писмено испрашување и недостасува усмениот израз што е доказ не само на интелектот, туку и на духовното богатство на една личност, вели Тинтоска.

А, дали во суштина се читаат книги. Во приелпската градска библиотека „Борка Талески“ на општо задоволство се зголемува бројот на членовите, а процентот на млади е солиден.

Петар Петрески, директор на Библиотеката смета дека колку издавачките куќи се побрзи во преводите и печатењето на најинтригантните дела, толку е  поголем интересот на читачката публика. Сепак, младите се интересираат повеќе за светската белетристика.

-Во последно време се зголемува бројот на читателите, посебно помеѓу младата популација. Имаме голем број набавена литература со најновите изданија на македонските издавачки куќи и тоа го привлекува вниманието на младите читатели. Преку 40 отсто од членовите се млади, ученици, студенти, а потоа се од средната генерација. Најмногу читатели се од женската популација кои ги сакаат најновите изданија од сгранската литература, преведени на македонски јазик и претежно тоа е белетристика. Од жанровите доминираат љубовниот, авантуристичките романи, стручната литература. Се надевам дека ова е еден од показателите дека младите повторно се враќаат кон книгата, објаснува Петрески.

Прошетавме низ приелпските улици, крај штандовите на акцвизитерите на книги. Зачудувачки и пријатно изненадени се и велат: во последно време ни се враќа младата читачка популација. Ама битна е и нашата понуда, сметаат аквизитерите.

При анкетата со младите, средношколците, кои, сепак, сакаат да останат анонимни, тие признаваат дека социјалните мрежи и интернетот го направија своето. Ама има и позитивни поместувања.

-Мислам дека во последно време младите се повеќе се трудат да се едуцираат на тоа поле. Престанаа да се едуцираат преку телевизјата и преку некои ТВ шоуа. Се вратија пак на старото и тоа е добро. Социјалните мрежи влијаат. точно, но сепак мислам дека доколку прочиташ нешто, повеќе запаметуваш и е поефикасно, смета еден прилепски средношколец кој се извинува ако згрешил нешто во изразувањето. За друг млад прилепчанец има позитивни показатели дека младите се едуцираат и им се зголемува писменоста. А клучот е во читањето книги.

-Мислам дека се уште повеќе се обрнува внимание на социјалните мрежи, отколку на читање книги. Но, битна е писменоста и според последните истражувања, се зголемува. Најбитно е читањето книги од мали нозе. Според одредени истражувања на интернет, се зголемува писменоста помеѓу младите. А битно е да се читаат книги. Јас, последно што ја прочитав е „Злосторство и казна“ од Достоевски, смета младиот прилепчанец.

Од искуството на прилепски социолог при разговорите со децата во градинка се соочуваме со чуден пример. На прашањето која е домашната птица која неси јајца, одговорот е фрапантен: знам на англиски дека е „чикен“, ама не ми текнува како беше на наше?

Дека уште од најмала возраст треба прво да се научи мајчиниот, потоа странските јазици, посочува и Елена Јованова Грујоска, директор на Институтот за македонски јазик од Скопје. Таа беше среќна што во почетокот на мај ја посети родната куќа на великанот, основоположникот на македонскиот јазик, граматика и на современата литература, Блаже Конески во селото Небрегово. Има и свои предлози: поголем фонд на часови по мајчин јазик во училиштата и од мали нозе децата прво да го осознаат мајчиниот, па потоа и странските јазици.

-Мојот предлог е дека треба да се зголеми фондот на часови по македонски јазик, дури и да се одвојат предметите по македонски јазик и по литература како што е во повеќе земји во светот, посебно е предметот по мајчин јазик, посебно по литература. На тој начин на децата, на учениците од најмала возраст ќе им се обрне поголемо внимание за усвојување и за изучување на македонскиот јазик. Денеска е многу модерно децата да одат на курсеви по странски јазици и на крајот, на матурата, да покажат подобри резултати по странскиот јазик, отколку по мајчиниот, македонскиот јазик. Ова мора да се промени, смета Јованова Грујоска.

Се потврдува впечатокот – пименоста кај младите е во директна врска на влијанието од возрасните. Но и од позитивните потези во образовниот систем. Повозрасните се сеќаваат: ако поминеш одличен на крајот од годината, добиваш за подарок книга. За одличните две, за многу добрите по успех – една книга. Таа практика треба да се врати и нема оправдувања со лимитирани буџети во образованието или во општеството.  Професорите да разговараат со учениците и усно да дебатираат. Дознаваме, во некои прилепски училишта е воведен избор на ученик- најголем читател во месецот. И тоа е почеток што ветува. За поголема писменост на младите. Можеби тоа ќе биде една од среќните околности да ги победат кандидатите за работа.

Елизабета Митреска

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close