Дописници МКДОпштински вести

ЈП за државни патишта финансира реконструкција на повеќе регионални патни правци во Општина Чашка

Јавното претпријатие за државни патишта преку програмата за 2019 година, а со средства од Владата, во Општина Чашка годинава инвестира 115 милиони денари за реконструкција на регионални патни правци.

Велес 15 мај 2019 (МИА) – Јавното претпријатие за државни патишта преку програмата за 2019 година, а со средства од Владата, во Општина Чашка годинава инвестира 115 милиони денари за реконструкција на регионални патни правци.

Веќе еден месец се работи на реконструкција на регионалниот пат село Гостиражни – село Богомила, вредна 50 милиони денари, а со уште 50 милиони денари се одвива реконструкцијата на регионалниот пат Населба Чашка село Лисиче. Со 15 милиони денари се реконструира и регионалниот пат од клучката кај село Бусилци до пред Железничката станица во село Стари Град.

Како што информира за МИА, Горан Стојановски, градоначалник на Општина Чашка, веќе еден месец со инвестиција вредна 50 милиони денари на на ЈП за државни патишта преку Владата, а со ангажирање на оперативата на ЈП „Македонија пат“ Подружница Битола, се изведуваат градежните работи за реконструкција на дотраениот регионален пат од село Гостиражни во општина Прилеп до село Богомила во општина Чашка, а во должина од 11 километри.

-Стариот пат е пробиен и се тампонира, а  неговата ширина изнесува четири метри на коловозната лента и еден метар на банкините. Од вкупната должина на овој патен правец од 11 километри до крајот на јуни треба да бидат асфалтирани 6,5 километри. Покрај лошите временски услови, сепак очекувам работите да бидат завршени во предвидениот рок, потенцира Стојановски.

Воедно, информира дека со финансиска подршка на ЈП за државни патишта вредна 50 милиони денари, ангажираното ЈП „Македонија пат“ Подружница Велес, што интензивно работи на регионалниот пат Населба Чашка – село Лисиче, што ќе биде готов исто така до крајот на јуни.

– Патот е пробиен и расчистен од вегетација и се тампонира за да потоа се асфалтира во должина од седум километри со ширина на коловозната лента од пет метри, а  работите се очекува да завршат во предвидениот рок, најави Стојановски.

Како трет патен правец во Општина Чашка со 15 милиони денари се финансираат  градежни активности на реконструкција на патниот правец од клучка на село Бусилци до пред Железничката станица пред село Стари Град.Патот во должина од 2,5 километри. По реконструкцијата патот ќе добие ширина од  5,2 метри и нов асфалтен слој.

-Во Општина Чашка во изминатите 30-40 години ништо не било инвестирано на регионалната патна мрежа, поради што од ЈП за државни патишта со средства од Владата добивме најава дека во наредната 2020 година сите регионални патни правци во општината ќе бидат санирани и реконструирани коловозните ленти, потенцира  Стојановски.

Воедно информира дека Општина Чашка преку Бирото за регионален развој обезбеди и шест милиони денари за реконструкција на локалниот пат ХС „Лисиче“ до село Горно Врановци во должина од два километри. Истиот со години наназад не бил реконструирани поради што е во многу лоша состојба.

Градоначалникот Стојановски најави дека  градежните работи на овој локален пат ќе почнат во втората половина на јуни. ад/рп/

Back to top button
Close