0_Македонија.ПорталДописници МКДОпштество

Научна конференција „Сто години Версајски Договор“

Амбасадата на Република Франција и Универзитетот „Св.Климент Охридски“-Битола, со научна конференција ја одбележаа 100 годишнината на Договорот од Версај, често анализиран и критикуван низ европските политики.

Битола, 16 мај 2019 (МИА) – Амбасадата на Република Франција и Универзитетот „Св.Климент Охридски“-Битола, со научна конференција ја одбележаа 100 годишнината на Договорот од Версај, често анализиран и критикуван низ европските политики.

Научната конференција ја отвори францускиот амбасадор Кристијан Тимоние кој потсети на историските моменти од пред 100 години, за потпишувањето на Версајскиот договор меѓу Германија и Сојузнички сили, кој подоцна како што е познато беше разработен на мировна конференција во Париз и потпишан во Галеријата на огледала во Версајската палата.

-Версајскиот Договор одигра суштинска улога за редефинирање на границите во Европа и ја одбележа целата иднина на 20. век. Сто години потоа, овде во Битола, како еден од центрите на европската историја одбележуваме нов поглед на Европа. Сакаме Битола да биде центар на историчарите од регионот, да работиме на помирувањето извлекувајќи ги поуките од минатото и заеднички да ја градиме иднината. Во оваа прилика сакам да кажам дека Преспанскиот Договор отвора нова перспектива, покажува колку е богата дипломатската работа и колку таа придонесува за помирувањето. Но, се што е напишано на хартија нема да вреди ништо доколку луѓето не работаат на заживување и спроведување на договорот за добро на луѓето, истакна амбасадорот Тимоние на научната конференција во Битола.

Собирот на историчари, истражувачи, професори и други стручни лица од државата и странство го подготвуваа Правен факултет и НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, членки на УКЛО-Битола.

-Универзитетот „Св.Климент Охридски“ активно одбележува бројни годишнини, настани од кои сакаме да учиме и да гледаме кон иднината. УКЛО е активна членка на Универзитетската франкофонска асоцијација, плод на бројни активности и проекти што ги реализираме и кои овозможуваат да создадеме трајни врски, рече меѓудругото ректорот Сашо Коруновски на свеченото отворање на собирот во овој град.

Учесниците на научната конференција работеа на два панели, односно за „Версајскиот договор и границите“ и „Мировните договори во 20 век“, и посетија дел од значајните знаменитости на Битола.

-Потсетувањето на минатото дава насоки како треба да се однесуваме во иднина. Таму каде имало грешки-да не се повторуваат, а мудрите потези да бидат водилка, им порача на учесниците на научниот собир, градоначалничката Наташа Петровска.мт/са/

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close