Svet.SlajderЕвропаЕвропа.Портал

Министерот за одбрана на Украина поднесе оставка

Украинскиот министер за одбрана Степан Полторак поднесе оставка.До тоа дојде откако при инагуративниот говор, новиот претседател Владимир Зеленски побара од пратениците да  ги сменат министерот за одбрана, шефот на украинската служба за безбедност и јавниот обвинител, кои се поддржувачи на поранешниот претседател Петро Порошенко.

Киев, 20 мај 2019 (МИА) – Украинскиот министер за одбрана Степан Полторак поднесе оставка.До тоа дојде откако при инагуративниот говор, новиот претседател Владимир Зеленски побара од пратениците да  ги сменат министерот за одбрана, шефот на украинската служба за безбедност и јавниот обвинител, кои се поддржувачи на поранешниот претседател Петро Порошенко.

„Ми беше чест“, напиша Полторак на Твитер.

Володимир Зеленски (41), откако денеска во Врховната рада во Киев положи заклетва на почетокот на петгодишниот мандат за претседател на Украина, веднаш го распушти Парламентот и побара предвремени избори.

Распуштањето на Парламентот беше едно од ветувањата во неговата претседателска кампања, со оглед на тоа што таа институција ја окарактеризира како „група луѓе заинтересирани само за богатење“.

Пред да го распушти Парламентот, Зеленски во обраќањето побара од пратениците да усвојат закон против незаконско богатење и да го поддржат неговиот предлог да бидат сменети министерот за одбрана, шефот на украинската служба за безбедност и јавниот обвинител.

Обраќајќи се на пратениците, Зеленски повика на завршување на војната во регионот Донбас, истакнувајќи дека тоа ќе биде негова прва цел како претседател на Украина.

– Нашата прва задача е да постигнеме примирје во Донбас, рече Зеленски.

Украинскиот претседател истакна дека е подготвен да преземе непопуларни мерки за војната да заврши. – Ако треба, подготвен сум да ја загубам својата позиција за да постигнеме мир, рече Зеленски. Според него, важно е Украина да ги врати „загубените територии“.

Но одговор веднаш стаса од Русија. – Крим е руски регион и неговата припадност кон Русија не се доведува во прашање, изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.

– Што се однесува на Крим, повторивме повеќепати дека таква тема не постои и не може да постои – тоа е еден од руските регион, истакна Песков. Тој оцени дека Зеленски „може и мора да го реши“ внатрешниот проблем врз основа на јасен план, утврден со Договорот од Минск.

Песков, исто така, порача дека засега нема планирана средба меѓу Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин.

Песков уште порача дека Путин ќе му честита на новиот украински претседател кога ќе дојде првиот успех во решавањето на кризата во Донбас и кога ќе ги нормализира руско-украинските односи.

Зеленски, чиј мандат ќе трае пет години, ја смени традицијата и до Парламентот дојде во свечена поворка и прошета низ паркот полн со луѓе. Следен од четворица телохранители, тој се поздравуваше со минувачите и застануваше да направи селфи.

За време на инаугурацијата на Зеленски му беа врачени златните симболи на кабинетот, вклучувајќи и жезло, кое го држеше високо во победничкиот поздрав. Хор во народни носии пееше патриотски песни во знак на добредојде.

Руската државна телевизија соопшти дека ниту еден функционер од таа држава не бил повикан на инаугурацијата.

Целиот поздравен говор на Зеленски беше на украински јазик, освен кога темата беше судирите на истокот, кога тој зборуваше на руски јазик.

Популарниот комичар го победи својот противкандидат, досегашниот претседател Петро Порошенко, кој беше на власт од 2014 година. ссм/

Таг
Back to top button
Close