Дописници МКДОпштински вести

Градоначалникот на Витина во посета на Општина Крива Паланка

Делегација од косовската Општина Витина предводена од градоначалникот Сокол Халити денеска оствари работна посета на Општина Крива Паланка.

Крива Паланка, 16 мај 2019 (МИА) – Делегација од косовската Општина Витина предводена од градоначалникот Сокол Халити денеска оствари работна посета на Општина Крива Паланка.
Двете општини се партнери во имплементацијата на проектот за изградба и реконструкција на инфраструктура во прилог на развој и промоција на туризмот во регионот, финансиран од ИПА-програмата за прекугранична соработка помеѓу Северна Македонија и Косово на Европската Унија.
По приемот кај градоначалникот на Општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, делегацијата изврши увид на терен, на пешачко-рекреативната патека што се изгради во рамки на проектот, на локалитетот Стара Вада со вкупна должина од 860 метри.
– Чест ми е што сум домаќин на мојот колега Халити, со кој покрај за тековните активности од проектот што се реализира со прекуграничната програма на ЕУ, разговаравме и за предлог-проектот кој планираме да го аплицираме во рамките на вториот повик ИПА, Косово – Северна Македонија, кој трае до 20 мај. За таа цел средба одржаа и проектните тимови и ќе ја доработат проектната апликација, така што се надевам дека и во иднина оваа досегашна беспрекорна соработка со Витина ќе продолжи со цел градење просперитетни локални заедници, за општо добро на граѓаните, изјави Мицевски.
Градоначалникот на Витина се заблагодари за гостопримството на домаќинот и рече дека соработката Косово – Северна Македонија е проширена од Куманово – Гњилане, на Крива Паланка – Витина, што е одлична перспектива за двете држави и граѓаните.
– Ова е моја втора посета на Општина Крива Паланка, среќен сум што наидов на срдечен прием, се радувам на одличната работа која ја спроведовме во рамките на овој проект, им честитам на администрацијата и проектните тимови, и се надевам дека ќе ја продлабочуваме воспоставената прекугранична соработка и се надевам двете општини ќе прават нови успешни проекти во иднина, рече Халити.
Тој упати честитки за новоизбраниот претседател на државата и посака успех на патот кон ЕУ.
Мицевски рече дека двете држави се веќе позитивни примери како од едно нестабилно подрачје во регионот прераснуваат во земји со стабилна европска иднина.
Проектот што се реализира со лидерство на Општина Витина почна во јануари минатата година и ќе трае до јуни годинава. За него се одвоени 300 илјади евра, со кои во Крива Паланка е изградена пешачко-рекреативната патека на висока зона лев брег на Крива Река, а во Витина се извршени инфраструктурни зафати на пет значајни објекти и знаменитости. Новиот проект кој ќе биде аплициран со новиот повик за прекугранична соработка предвидува продолжување на патеката и нејзино надополнување со атрактивни туристички содржини.ид/лв/

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close