0_МИА Истражува.ПорталДописници СветРепортажа

Душата на Сараево

„Валтер го брани Сараево“ е култен игран филм од периодот на СФР Југославија посветен на историскиот лик Владимир Периќ - Валтер, познат припадник на антифашистичкиот отпор од Втората светска војна. Овој филм е воедно и еден од најгледаните филмови во Кина, а со тоа и во Азија, според кој и стотици милиони жители го знаат Сараево.

Сараево, 2 мај 2019 (МИА) – „Валтер го брани Сараево“ е култен игран филм од периодот на СФР Југославија посветен на историскиот лик Владимир Периќ – Валтер, познат припадник на антифашистичкиот отпор од Втората светска војна. Овој филм е воедно и еден од најгледаните филмови во Кина, а со тоа и во Азија, според кој и стотици милиони жители го знаат Сараево.

Денес, славата од овој филм, градот Сараево го користи во рекламни туристички кампањи, носејќи илјадници туристи од Азија, кои одејќи по „патеките низ Сараево на славниот Валтер“, го откриваат главниот град на БиХ.

Нас со Сараево не врзува не само овој филм и зимската Олимпијада, туку и заедничкиот живот во екс-Југославија и многу други работи. Блиско ни е, сродно ни е, тука е и заедничкото османлиско влијание и повеќе причини поради кои екипата на МИА на покана на градот Сараево, го посети главниот град на БиХ на Првата интернационална туристичка средба со 200 новинари и тур оператори од над 100 држави од целиот свет.

Сараево по стравотниот воен судир и разурнувањата во 90-тите години, повторно се буди, се гради, се реновира… и се повеќе станува важна туристичка дестинација која одново се запознава, што беше и главна причина на градот да ја организира оваа туристичка презентација под логото – „Дојдете во Сараево“.

Возејќи не со новата жичарницата од центарот на Сараево кон планината Требевиќ, пред нас се простира целиот град, кој се наоѓа во котлината меѓу босанските планини Бјелашница, Игман, Јахорина, Романија…, бањата Илиџа и Врелото на Босна, испеаната река Миљацка, град каде се испреплетуваат цивилизациите, религиите, истокот и западот, во кој е започната Првата светска војна, кој го помина воениот пекол во деведесеттите, сега главен град на БиХ со околу 414.000 жители.

Гледајќи ги знаменитостите од Требевиќ, бевме во дилема што се треба да посетиме, додека не сфативме дека она што го прави еден град, не се само зданијата и историјата, туку луѓето и познатата „Душа на Сараево“.

Дарио Новалиќ е Сарајлија и сопственик на еден од највлијателните печатени магазини во оваа држава, магазинот „Старт“ и порталот „БХ патувања“, претседател на босанскиот Фиџет (Светска асоцијација на туристички новинари), кој ни објасни што е тоа „Дух на Сараево“.

– „Духот на Сараево“ е нешто за што се говори долги низ вековите. Некои велат дека го нема, други кажуваат дека го има, но тоа е она што секој гостин го чувствува за релативно кусо време. Тоа е отвореноста и срдечноста на луѓето, желбата да се објасни каде сме и зошто сме… Ние немаме синдром од големите светски туристички центри и градови, ние немаме синдром да не ги сакаме странците. Напротив, Ви треба многу малку време да запознаете било кој Сарајлија и за кратко време да станете добри пријатели, што не сум сигурен за другите туристички дестинации во Европа, вели Новалиќ.

„Духот на Сараево“ најубаво може да се почувствува во Башчаршија дење, а ноќе во кој било дел на градот, не случајно, бидејќи овој град е познат и по преубавите севдалинки, но и по ЈУ рокенролот, по „Бјело Дугме“, „Индекси“, „Црвена Јабука“,  Кемал Монтено…

Башчаршија е стариот дел на градот и културно-историски центар, основана во 15. век од Иса-бег Исаковиќ. Движејќи се низ неа, почнавме да се движиме низ историјата, чувствувајќи го судирот на културите, религиите, народите… Веднаш се чувствува духот на ориентот од зданијата изградени во 16. и 17. век, како Гази Хусрев-беговата џамија и Безистенот, преку Царската и Али пашината џамија, Ферхадијата, Саат кулата, која единствена во светот го мери лунарното „ала турка време“, Мориќ анот, себиљата или јавната чешма во форма на киоск… и други зданија од османлискиот период.

Меѓу нив се и старатата православна црква на Св. Михаил и Гаврил од 16. век и за нас важната голема Соборна црква на Пресвета Богородица од 19. век, важна по тоа што е изградена од најголемиот македонски градител Андреј Дамјанов од Велес и наликува на охридските цркви.

Меѓу муслиманските и православните објекти се наоѓаат и Еврејскиот музеј и синагога и Ашкенази синагогата, австро-унгарските зданија, како што е преубавиот Градски совет и катедралата на Св. Анте Падовански од 19 век.

А кога сме кај овој период, тука е и Латинскиот мост, која е нем сведок на Сараевскиот атентат во 1918 година од страна на Гаврило Принцип, кој со убиството на австро-унгарскиот престолонаследник Фердинанд го смени текот на светската историја, означувајќи го почетокот на Првата светска војна.

Мостовите на Миљацка, но и „сараевските рози“ – трагови кои сведочат на десетте илјади гранати со кои е гаѓано Сараево го комплетираат чувството на културно-историското наследство на градот.

Но, впечатокот не може да се комплетира и да не сакате без „Душата на Сараево“, која ја чинат бројните улички, занаетите, кафеаните, храната и луѓето, нивното гостопримство, расположеност за „муабет“ и хумор…

На самиот влез на Башчаршија се наоѓа прочуената кафеана Ферхатовиќ се превкусните сараевски ќебапи во сомун, и не само таму, како и слатките туфакии со „виситнско“ турско кафе со локум во големиот број слаткарници…, сето тоа обвиткано во амбиентот на ориентот и на австро-унгарското влијание.

Тука се и бројните чајџилници, а нас, близу до познатата „себиља“ на Башчаршија не привлече малечкиот дуќан на Џирло Хусеин, маркантен лик со долга бела брада и коса, облечен во фрак со вратоврска, кој ги служи муштериите, седнати на черги или мали столчиња, дивани или на скали, дегустирајќи 53 сорти на чај, сокови од бозел и рози, турско кафе и салеп.

– Овде доаѓаат гости од целиот свет, од Австралија, Шведска, Германија, Турци и Арапи, од Србија и Македонија… од секаде и ова не ниту босанска, ниту хрватска, ни српска, ни американска куќа и кој и да дојде – добредојден е, ни изјави Џирло. – Седнете, снајдете се, опуштете се и уживајте, тука може да ја почувствувате нашата сараевска душа, на муабет со звуците од блиските занаетчии, џамии и цркви, народот… со поглед на чаршијата прекриена со чадот од оџаците на бројните мали дуќани…, додава тој.

Велат за да запознаеш еден народ, вкуси ја неговата храна, почувствувај ја неговата гастрономска традиција, пробај нешто што само таму можеш да го почувствуваш, по можност во автентичен етно амбиент.

Шетајќи, спроти Градскиот совет и реката Миљацка ја здогледуваме беговската куќа „Инат куќа“, прашувајќи се од каде потекнува името на овој ресторан. А внатре, вистински етно музеј на ориентот на Сараево, како да влеговме во 17-18 век. Комплетно се, од храната до експонатите и садовите за јадење, се е во функција на гастрономските етно предизвици на сите можни сетила.

Не пречека еден од сопствениците, Кенан Никшиќ, додека неговиот брат и косопственик Керим Никшиќ, воедно и казанџија, седнат во едно ќоше замислено „гравираше“ според старите босански мустри, метални предмети. Една нестварна глетка.

– Влезете болан, Македонци, влезете и седнете. Сега ќе Ви покажеме што значи вистинска сараевска душа и гостопримство, вели косопственикот Кенан, со огромна доза на позитивна енергија и насмевка, седнете и испијте едно кафе во ѓезве со локум, домашна ракија…, причекајте и каснете домашна сукана пита и бурек…, додека Ви ги подготвиме нашите босански домашни специјалитети. Седнете и денес бидете наши гости… и повикајте ги останатите новинари од целиот свет да го видат ова, не поканија браќата Никшиќи.

Вчудоневидени, но и пријатно изненадени, се јавивме на колегите од Хрватска, Србија, Словачка, Романија, Белгија и Франција… повеќето нив, кои весело ги дочека Кенан држејќи во рацете сараевски сахан со соган долма, додека вториот брат ни објаснуваше за казанџиството.

Сараевски сахан е традиционално јадење кое се служи во покриен бакарен сад и во него имате соган долма – микс од полнет кромид и пиперки, сармички од јапрак и шиш ќебап, ориз, домат и зачини или рапсодија на многу вкусни нешта.

Заедно со останатите, насладувајќи се, од се помалку, ја слушаме приказната од каде името „Инат Куќа“

– Кога Австро-Унгарија дојде на власт во Босна и Херцеговина, изгради многу познати објекти како што се Палатата на Марија, зградите на Претседателството и така натаму.

Кога беше утврдена локацијата за Градскиот совет на десниот брег на реката Миљацка, австро-унгарските власти заклучија дека поради изградбата морало да се урнат два ресторани и една куќа. Сопственик на куќата бил стариот Бендерија – староседелец на Сараево, кој не дозволувал да му биде урната куќата. По долги преговори тој побарал да му исплатат во дукати и да му се пренесе куќата на друга страна од брегот, тула по тула. Тие тоа го направиле и оттогаш таа се нарекува „Инат куќа“, што е доказ за босанската тврдоглавост, ни објасни Кенан Никшиќ.

Запознавајќи ја душата на луѓето на овој прекрасен град, ни остана уште да ги чуеме звуците, музиката, песните, а за тоа во Сараево нема потреба да сте во дилема, особено навечер, бидејќи изборот е едноставен. Или тоа се познатите севдалинки – љубовни песни со жални емотивни и копнежливи текстови и источни музички мотиви. Или пак песните на сараевските ЈУ рок групи и пејачи, од кои ние се одлучивме за познатата песна на Кемал Монтено – „Сараево, љубави моја“… сите патишта кон тебе ме водат!

Оливер Бранковиќ

Таг
Back to top button
Close