0_МИА Истражува.ПорталИзбрано

Дали Меркел ќе канцеларува до крајот на мандатот?

Канцеларката официјално тврди дека нема да си замине предвреме, но зад кулисите се шушка нешто друго.

3 мај 2019

Дојче веле на македонски јазик

На почетокот на април Ангела Меркел даде налог две слики од нејзиниот кабинет да се откачат од ѕидот и да се испратат во Берлинскиот музеј. Тоа се слики од Емил Нолде што ѝ припаѓаат на фондацијата „Пруска културна сопственост“ и до септември ќе бидат дел од специјалната изложба што се занимава со политичката блискост на Нолде со националсоцијализмот. Поради таа причина Меркел не сака сликите наесен повторно да бидат вратени во нејзиниот кабинет.

Впечатливо е тоа што Ангела Меркел во новата канцеларија не сака да бидат закачени нови слики. „Канцеларката дојде до заклучок дека е убаво извесно време да има бел ѕид, без нова слика на местото каде што висеа сликите на Нолде“, се вели од кабинетот на канцеларката. Ново китење на ѕидот: очигледно, според Меркел, тоа веќе не се исплати.

Збогувањето почна

По 14 години, Ангела Меркел го финишира владеењето. Лидерската позиција во својата Христијанско-демократска унија (ЦДУ) веќе ја напушти. Анегрет Крамп-Каренбауер е новата партиска шефица и јавна тајна е дека Меркел со драго срце неа би ја видела и на канцеларската позиција. Но, кога? И, како? За тоа политички Берлин дискутира сѐ погласно, особено поради тоа што канцеларката речиси и не се занимава со кампањата на ЦДУ за европските избори.

Трезвено погледнато – а Меркел, чија специјалност се природните науки, на сите работи им пристапува така – едноставно е консеквентно старата партиска шефица да се држи комплетно настрана од универзумот на новата шефица. Меркел ѝ остава простор на Крамп-Каренбауер за таа да си ја оформи позицијата и да добие на тежина.

СПД ја отфрла Крамп-Каренбауер

Официјално Ангела Меркел се држи до она што го кажа – дека ќе остане на канцеларската функција до крајот на легислативниот период во 2021 година. Сепак, зад кулисите се разгледуваат сите опции, со цел на Крамп-Каренбауер да ѝ се дадат што подобри шанси за старт. Меѓутоа, во канцеларскиот кабинет досега никогаш немало предвремена промена на персонал и во Германија тоа не оди толку лесно.

Канцеларот се избира од страна на Бундестагот. Таму владејачката коалиција од ЦДУ, ЦСУ и СПД има мнозинство, но социјалдемократите веќе најавија дека во никој случај нема да ја направат Крамп-Каренбауер канцеларка. На тој начин сакаат да го спречат токму она што Меркел би можела да го поттикне – предвремено повлекување на канцеларката и давање шанса на Крамп-Каренбауер да влезе во трката за парламентарните избори во 2021 година со бонус што би го сработила додека е на канцеларската позиција.

СПД, меѓутоа, на тој начин само би ризикувала предвремени избори, а во партијата тоа веројатно никој не го сака, со оглед на рејтингот, кој со месеци е лош – 17 %.

Но, можеби СПД навистина ќе биде таа што ќе одлучи колку долго Меркел ќе остане на канцеларската функција. Меркел досега на прашањето одговараше дека би сакала да остане на функцијата до крајот на легислативниот период во 2021 година. Но, дали ЦДУ, ЦСУ и СПД ќе останат партнери во големата коалиција дотогаш? Во коалицискиот договор стои дека треба да се направи биланс на половина од мандатот и да се донесе одлука за натамошната судбина на големата коалиција. СПД има намера тоа да го стори на конгрес во декември годинава.

Какво ќе биде расположението на конгресот зависи од резултатите што партијата ќе ги постигне на изборите до крајот на годината, меѓу кои и европските избори, покраински избори во Бремен, Бранденбург, Тирингија и Саксонија, како и локални избори во повеќе други покраини.

Сепак нови слики во кабинетот на канцеларката?

Лоши резултати би им оделе на рака на оние луѓе во СПД кои отсекогаш беа против коалиција со Унијата. А, такви има многу. Доколку тие бидат мнозинство меѓу делегатите на конгресот, тогаш од собирот може да произлезе откажување на големата коалиција и против волјата на раководството на партијата. СПД на таков начин самата ќе си се смести во опозиција.

А, тоа би значело и крај на канцеларувањето на Ангела Меркел. Теоретски, таа би можела уште еднаш да се обиде да состави коалиција на Унијата и зелените, но тоа се смета за неверојатно. Во таков случај Анегрет Крамп-Каренбауер би можела да биде решението. Со или без нови избори таа би можела да се всели во канцеларскиот кабинет веќе во 2020 година. Сосема сигурно и таа на ѕидовите ќе стави нови слики.

Таг
Back to top button
Close