Дописници МКДОпштински вести

Бугарскиот маратонец Георгиев пристигна во Крива Паланка

По четириесет километри рута и четири часа трчање од утринава, од Ќустендил, Република Бугарија, бугарскиот маратонец Красимир Георгиев пристигна во Крива Паланка, каде ќе одмора до утре изутрина на рутата на ултра маратонот низ Бугарија, Северна Македонија и Албанија.

Крива Паланка, 15 мај 2019 ( МИА) – По четириесет километри рута и четири часа трчање од утринава, од Ќустендил, Република Бугарија, бугарскиот маратонец Красимир Георгиев пристигна во Крива Паланка, каде ќе одмора до утре изутрина на рутата на ултра маратонот низ Бугарија, Северна Македонија и Албанија.
Ултра маратонот, што Георгиев го трча со цел промовирање на пан-европскиот транспортен Коридор 8 и промовирање на добрососедската политика и унапредените добрососедски односи меѓу трите балкански земји, го почна на 7 мај од Црното Море, а планирано е да трае до  25 мај, кога ќе пристигне во Драч, Албанија.
На влезот во Крива Паланка на маратонецот му се приклучија дваесетина спортисти, ученици во средното општинско училиште „Ѓорче Петров“ – Крива Паланка, кои симболично го придружуваа до општината, каде беше дочекан од градоначалникот Борјанчо Мицевски.
– За поздрав и почит е вашата иницијатива за промоција на Коридорот, јас посакувам да ве држи добра енергија кон остварувањето на целта, а дополнително би истакнал дека истата е одлична можност за промоција на добрососедските односи меѓу двете земји. Нашата држава периодов вложува околу 230 милиони евра во изградба и унапредување на железничката и патна инфраструктура, со изградбата на железничката линија од Бељаковце до Крива Паланка, изградба на експресниот пат Ранковце – Крива и проширување со трета лента и рехабилитација на патот кон граничниот премин Деве Баир, изјави Мицевски.
Георгиев рече дека на денешната делница Ќустендил – Крива Паланка имал променливо време, со повремени врнежи но, според него, мотото на маратонот „Конекција“ е неговиот двигател на зацртаните цели.
– Благодарам најпрвин за гостопримството, за интересот и придружбата од младите спортисти, што всушност и ја покажува главната поента на мојот подвиг, да се поврземе,да се зближи е, бидејќи спортот обединува, а јас го одбрав спортот како алатка за културно, социјално и човечко поврзување.Не сум политичар, но можам да помагам, да обединувам и правам добри нешта преку спортот, рече Георгиев.
Истакна дека со оваа кауза кажува дека народите од трите држави долж Коридорот 8 се соседски, сакаат поврзување, но сакаат и треба да се зближат и да се запознаат подобро.
Се заблагодари на премиерот на државата за поддршката на оваа иницијатива, како и на сите кои ја помогнале целокупната реализација.
Георгиев ќе биде гостин во манастирскиот комплекс „Св Јоаким Осоговкски“, каде ќе преноќи, а утре изутрина  ќе го продолжи својот пат до следната дестинација за пауза, Скопје.
Мотото на ултра маратонот е „Поврзување” и истиот е под покровителство на премиерите на Бугарија  Бојко Борисов, на Северна Македонија Зоран Заев и на Албанија Еди Рама, и има цел да ја промовира важноста на проектот за транспорт низ Коридорот 8 и добрососедската политика на овие лидери.
Со ултра маратонот Георгиев, од Црното море до Јадранското Море, ќе помине низ 20 градови, а рутата е со вкупна должина од  1.300 километри. ид/фф/

Back to top button
Close