БизнисБизнис.ПорталЕкономија

„Бимилк“ ги додели признанијата на најуспешните кооперанти

 Во рамки на „Денот на фармери рекордери“, „Бимилк“ им додели признанија на најуспешните кооперанти за нивната професионалност, посветеност во работата и активниот придонес во одржувањето успешна соработка со млекарницата. Наградите, традиционално, се доделуваат во повеќе категории: испорака на најголема количина млеко за комерцијални и семејни фарми, најдобар микробиолошки и хемиски квалитет на млекото, комерцијални и семејни фарми.

Скопје, 16 мај 2019 (МИА) – Во рамки на „Денот на фармери рекордери“, „Бимилк“ им додели признанија на најуспешните кооперанти за нивната професионалност, посветеност во работата и активниот придонес во одржувањето успешна соработка со млекарницата. Наградите, традиционално, се доделуваат во повеќе категории: испорака на најголема количина млеко за комерцијални и семејни фарми, најдобар микробиолошки и хемиски квалитет на млекото, комерцијални и семејни фарми.

Како што соопшти компанијата, доделени беа и специјални признанија за најстариот, најмладиот и најлојалниот фармер на „Бимилк“.

-Млекопроизводството е еден од поважните сегменти во агроиндустријата и затоа е од посебен интерес во креирањето на владините политики. При подготовката на мерките за овој сектор посебно внимание посветуваме на примарното производство, подобрувањето на квалитетот на суровото млеко и, секако, на поттикнувањето на млечната индустрија. Но, во целиот овој процес од особено значење е и генетскиот потенцијал на добитокот. За таа цел, во годинешната Програма за рурален развој значително ја зголемивме финансиската поддршка за набавка на приплоден добиток и за оваа намена одвојуваме близу 1,5 милиони евра. Оваа мерка е важна за подобрување на генетскиот потенцијал, што во најголема мера ќе влијае и врз квалитетот на финалниот производ, рече министерот за земјоделство Љупчо Николовски во обраќањето на манифестацијата.

Според генералниот директор на „Бимилк“, Ѓорѓи Петрушев, соработката и поддршката на млекопроизводителите која опфаќа вложувања во современа опрема и технологија за преработка на млеко, едукација, поддршка при набавка на сточна храна, механизација и опрема, па сè до иницирање стимулативни мерки за развој на сточарството, отсекогаш била и ќе биде еден од главните стратешки приоритети за нашата компанија.

-Денес сме овде за да им одадеме почит и признание на најдобрите од најдобрите, оние што остваруваат рекорди во производството на сурово млеко на територијата на цела држава и оние што придонесуваат Бимилк веќе 6,5 децении да испорачува квалитетни производи што ги задоволуваат потребите, но и ги надминуваат очекувањата на повеќе од еден милион потрошувачи во земјата, нагласи Петрушев.

„Бимилк“ соработува со повеќе од 1.000 фармери во земјава. Дневно преработува над 140.000 литри млеко или годишно откупува околу 40 милиони литри. мч/скс/

Back to top button
Close