Дописници МКДОпштество

Врачени 12 уверенија за професионални водичи во планина

На пригодна свеченост, денеска во Маврово уверенија за завршена прва фаза, добија дванаесет учесници на обуката за професионални водичи во планина.

Маврово, 4 април 2019 (МИА) – На пригодна свеченост, денеска во Маврово уверенија за завршена прва фаза, добија дванаесет учесници на обуката за професионални водичи во планина.

Обуката е дел од проект „НП Маврово за младите, едукација-партнерство-иднина“ чија цел е соработка со локалното население, поттикнување и развој на нови стручно едуцирани кадри за потребите на туристичкиот сектор кој делува на територија на НП Маврово.

– Идејата да реализираме ваков проект дојде пред сé поради потребата од едуциран и професионално обучен кадар. Исто така, еден од главните мотиви ни беше создавање на услови за задржување на жителите и стопирање на иселувањето кое претставува еден од поголемите проблеми со кои нашиот регион веќе долги години се соочува. За нас како иницијатори на проектот е најбитно е тоа што овие луѓе добиваат знаење согласно светски признати стандарди за ваков вид на обуки и можност ова да биде нивна идна професија, рече Самир Ајдини директор на ЈУНП „Маврово“.

По првата фаза од обуката која ја спроведува Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина, учесниците ќе се стекнат и со сертификат за професионален водич во планина согласно интернационалниот УИМЛА стандард. Меѓу новите водичи има и четири жени.

-Ваков кадар е важен за развој на туризмот и одговора на потребите на туристите и бизнис секторот, рече градоначалникот на општина Маврово-Ростуше, Медат Куротовски, нагласувајќи дека туризмот како економска гранка, од ден на ден станува сé побитен елемент во регионот.

Од паркот Маврово ја преставија и новата туристичка веб апликација која наскоро ќе биде ставена во функција. Обуката е финансирана преку мрежата на заштитени подрачја – Паркови Динариди.

На свеченоста, на припадниците на ренџерската служба им беа врачени легитимации за чуварите во заштитено подрачје.згм/вј/

 

Back to top button
Close