0_МИА Истражува.ПорталАнализа

Србија денес: Протести, митинзи, прошетки… и недостаток на дијалог!

Зачестените протести, митинзи, прошетки, секоја недела, на неколку дена, низ цела Србија, во Белград, кои траат веќе пет месеци, како долгогодишен странски дописник во оваа земја ве тераат на размислување да разберете и да си објасните себе си и на читателите што всушност се случува во Србија, што е поентата и каде сето тоа води. Секако, не заземајќи било која страна.

26 април 2019

Зачестените протести, митинзи, прошетки, секоја недела, на неколку дена, низ цела Србија, во Белград, кои траат веќе пет месеци, како долгогодишен странски дописник во оваа земја ве тераат на размислување да разберете и да си објасните себе си и на читателите што всушност се случува во Србија, што е поентата и каде сето тоа води. Секако, не заземајќи било која страна.

Ако се обидете тоа да го објасните преку локалните медиуми, се доведувате себи си во напорна работа на разјаснување на различни спинови, ставови, аналитичари, напади, обвинувања, навреди и пофалби за оној или овој, власта или опозицијата, вистинските и лажни лидери, бројни нелустрирани ликови…. со еден збор, сфаќате дека се води бескрупулозна медиумска војна. Без задршка и бирани зборови, секако координирана од политичарите, но и од разни домашни, па и странски центри. Чест на малубројните два или три независни медиуми. А српските граѓани сето тоа го читаат, слушаат, гледаат на телевизија, го впиваат…. и заземаат страна. Но, малкумина од нив се прашуваат каде сето тоа води… затоа што избори се уште нема, а по се изгледа нема ни да ги има наскоро, поради можниот бојкот од страна на опозицијата.

Она што е јасно, барем на авторот на овој текст, е дека во Србија не постои дијалог меѓу власта и опозицијата, нема дијалог ниту меѓу граѓаните, особено за важните државни и стратешки прашања и барања.

Но затоа епитетите како што се: крадци, фашисти, тајкуни, лажговци, тепачи, насилници … изречени од страна на актуелните политичари од власта и од опозицијата, без размислување за тежината на изговорените зборови, секојдневно е присутна.

Ако ги нотираме главните политички настани од пред Нова Година досега, јасно е следното: покрај апсолутната седумгодишна власт на сите можни лостови на таа власт на претседателот Александар Вучиќ и СНС и лидерот на социјалистите Ивица Дачиќ, од друга страна, полека се разбуди или се појави или се консолидира опозицијата, без јасно видлив лидер. Но, и со до некаде јасни барања и платформа…

Власта на Вучиќ има видлив економски напредок, има и првични резултати во спроведување на реформите, кои, мора да се признае, тој храбро ги почна, почеток на отворањето на поглавјата за членство во ЕУ, но и застој или прекин во најважното прашање за Србија – косовскиот проблем. Не се гради патот на помирување во регионот, односите со сите соседни поранешни југословенски држави се лоши и сето тоа зборува за почетниот застој во евроинтеграциите и отворањето на нови поглавја со ЕУ, која, пак се повеќе го критикува режимот на Вучиќ за реформите во правосудството, корупцијата, слободата на медиумите….

Не треба да е занемари и бојкотот на опозицијата во локалната самоуправа и во Парламентот, со што и покрај апсолутното мнозинство на Вучиќ, на некој начин се доведува во прашање неговиот „легитимитет”, пред се за донесување на важни политички и законски проекти, како што се косовското прашање или измените на Уставот за влез во ЕУ … а секако, тука се и протестите ширум Србија „1 од 5 милиони” и митинзите за поддршка во рамки на неговата кампања „Иднината на Србија”.

Од друга страна е Сојузот за Србија (СзС), збир на партии и организации, кој во себе содржи елементи од крајната десница – Двери со Бошко Обрадовиќ, преку Вук Јеремиќ и Драган Ѓилас, до левицата како на пример Борко Стефановиќ. Но, за да можеме да ја сфатиме опозицијата, треба да наведеме дека другите опозициски партии, како што е на пример партијата на поранешниот српски премиер Зоран Живковиќ – Нова партија (НС), не е членка на СзС, но затоа е потписник на Договорот со народот и учествува во протестните прошетки на граѓаните „1 од 5 милиони”. Значајно во овој опис на опозицијата е да се напомене и дека некогаш силната Демократската партија (ДС), под раководство на Зоран Лутовац започна процес на окрупнување или на враќање во старото јато на повеќе партии и лидери, меѓу кои е и поранешниот претседател Борис Тадиќ. Тука некаде се и Чеда Јовановиќ и Ненад Чанак, кои делуваат помалку ниту ваму ниту таму, повеќе таму отколку ваму.

Така, кога зборуваме за српската опозиција, најлесно е да се зборува за оние 34 опозициски политички субјекти кои го имаат потпишано Договорот со народот,  додека со тек на времето не се профилираат јасно лидерите на српската опозиција. Дури ниту по „соло” акцијата на Обрадовиќ со „упадот” во РТС, нивниот главен проблем е во тоа што имаат „путер на главата” и суета кај повеќето од нив, проблем кој се повеќе се надминува, барем во јавните настапи.

Иако режимот на Вучиќ ги омаловажува, игнорира и не влегува во каков било дијалог, сепак опозицијата има свои заеднички барања и платформа, прецизирана и потпишана во Договорот со народот, која од страна на Александар Вучиќ беше окарактеризира како „збир на глупости.”

Во договор со народот опозицијата се обврза дека заеднички ќе се бори за слободни медиуми и чесни и фер избори, но и дека ако не се исполнат условите за фер изборен процес, нема да учествуваат на изборите, дека ќе ја напушти работата во сите институции во кои се укинати демократските принципи. Опозициските претставници, исто така, ветија, дека кога ќе се исполнат условите за слободни избори, ќе работат на утврдување на заедничка листа, на која покрај партиски кандидати ќе бидат и претставници на синдикатите, професионалните и граѓански здруженија, студенти, професори, научници и јавни личности. Опозицијата најави дека по изборите ќе биде формирана експертска влада, која ќе има рок од една година да воведе дефинирани системски мерки, по што ќе бидат објавени слободни избори.

Договорот со народот на опозицијата се состои од два анекса – претходно потпишаните Општи услови на опозицијата за спроведување на слободни и фер избори и дефинираните обврски на експертската влада. Како што е наведено, експертската влада ќе има 12 клучни задачи – воспоставување на независно судство и независно обвинителство …… и темата која се повеќе е актуелна во Србија, и која конечно би се спровела, а тоа е лустрацијата!

Лустрацијата е тема која според авторот на овој текст, можеби е најважно прашање за излез на Србија од лавиринтот на тајните служби и власта на неколку влијателни „непознати за јавноста“ личности ….или, како во случајот на подтекстот на популарната серија „Убијците на татко ми “, дека секој има за секого во фиока по некоја папка, документ или видео за оној или овој важен и влијателен субјект во „отстранувањето” на овој или на оној лик и субјект…. или во катапултирањето во кариерата во оваа или онаа институција.

Граѓаните на Србија повеќе месеци под името „Еден од пет милиони“ протестираат во повеќе од 90 градови. Режимот ги игнорира барањата на сите граѓани во однос на слобода на медиумите, справување со криминалот, злоупотреба на власта и транспарентност во решавање на косовското прашање.

– Граѓаните на Србија се доволно понижени. Немаме повеќе време за чекање. Време е сегашниот режим да си замине…наведоа пред еден месец потписниците на Договорот со народот, додавајќи „ние, потписниците на Договорот со народот имаме само едно барање: оставки и слободни избори на сите нивоа….како и смена и избор на ново раководството на РТС и РТВ, кое мора да обезбеди објективни и непристрасни информации…“

Но, ниту овие барања, ниту ултиматумите немаат никаков ефект. Сè уште нема дијалог меѓу власта и опозицијата. Не постои ниту меѓународна поддршка за политичките субјекти, нема ниту голема реакција од Русија, ЕУ, САД ….. и покрај посетата на Ѓилас на Берлин, Брисел и Вашингтон и Обрадовиќ на Русија.

По „големиот митинг” за поддршка на Александар Вучиќ во Белград со 100.000 или 150.000 граѓани, донесени со 3.000 автобуси и претходно „големиот митинг” на опозицијата со 7.500 или 50.000 граѓани, дојдени самоорганизирајќи се, силите се одмерени. Вучиќ рече меѓу другото дека треба да се разговара и со оние „некои” кои мислат поинаку и кои не се насилници, по што следниот ден, опозицијата го објави тимот за преговори и дијалог.

– Формиравме тим на експерти, непартиски личности кои со своето знаење, искуство, експертиза и име се подготвени да го презентираат планот за трите најважни теми, кои се главната потпора на диктатурата на Вучиќ и кризата во која се наоѓа Србија: заробени медиуми, сериозна злоупотреба на Регулаторната агенција за електронски медиуми (РЕМ) и нерегуларните избори засновани на купување гласови, уцена и примена на сила над српските граѓани.

Овие три точки се од суштинско значење. „Тој (Вучиќ) вчера рече дека постои дијалог и дека сака да влезе во дијалог со неистомислениците. Еве ти шанса без ултиматуми! Именуваме луѓе професионалци …”, рече актерот и член на ДС, Бранислав Лечиќ.

Србија влегува во состојба на „растечка политичка нестабилност, со успиен дијалог, тензии во медиумите и вонинституционални активности”, оцени главниот уредник на агенцијата Бета Драган Јањиќ.

– Мислам дека властите проценуваат дека опозицијата се уште е слаба, неорганизирана и дека сега е моментот целосно да ја разбијат. Поентата е дека власта целосно ја отфрли можноста за било каков дијалог со опозицијата. Главната теза на власта е дека преставниците на опозицијата се насилници, хулигани … за што нема доволно јасни докази. Масовните собири само ги зголемуваат внатрешните тензии. Јас лично не очекувам никакво позитивно решение и мислам дека сето ова ќе заврши без решавање на тензиите и само ќе ја стимулира кризта, оцени Јањиќ во изјава за МИА.

Кон оваа констатација на крајот треба да се додадат и најавите за блокади и бојкот на институциите, на крстосниците, покрај новите протести на граѓаните на улиците, можеби по некој „соло” излет на некои од опозицијата …. и така натаму, се до почеток на било каков дијалог, кој и доколку почне, тешко дека ќе оди брзо ….. можеби се до „интервенцијата” на некои од големите светски геостратегиски сили. А тогаш ќе биде „весело …”!

Можеби, но и не мора, бидејќи се е во рацете на претседателот Александар Вучиќ и на вечнит „играч”, кој е најмалку вклучен во оваа нова политичка ситуација во Србија – Ивица Дачиќ. Panta rei!

Оливер Бранковиќ

 

Таг
Back to top button
Close