Дописници МКДОпштински вести

Штипскиот бизнис-сектор и студентите се запознаа со концептот на овластен економски оператор

Царинската управа на Република Северна Македонија денеска пред бизнис-секторот и студентите на Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип го промовираа концептот за овластен економски оператор, како и неговото значење и бенефицијата што ќе ја имаат фирмите.

Штип, 23 април 2019 (МИА) – Царинската управа на Република Северна Македонија денеска пред бизнис-секторот и студентите на Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип го промовираа концептот за овластен економски оператор, како и неговото значење и бенефицијата што ќе ја имаат фирмите.

Билјана Гаџовска од Царинската управа на Република Северна Македонија вели дека накратко овластен економски оператор е највисокото одобрение, коешто можат да ѝ го издадат на една компанија.

-Тоа значи трговски друштва, сигурни и безбедни во спроведување на своите постапки. Бенефитот во секој случај е намален број на контроли од страна на Царинската управа, дали се тоа физички, дали се тоа документарни контроли. Најмногу од сè е заемното признавање, во рамките на ЦЕФТА-земјите, вели Гаџовска.

Додава дека законот за овластен економски оператор постои одамна, но сега се врши усогласување со законодавството на Европската Унија.

-Можеме да се пофалиме дека имаме издадено две одобренија на ниво на Република Северна Македонија и пет веќе се во процедура, рече Гаџовска.

Иван Спасовски, управник на Царинската управа во Штип, вели дека во штипскиот регион има 80 економски оператори, од кои најголемиот дел се од текстилната индустрија, потоа машинската и прехранбената индустрија. Забележува дека досега овие фирми немаат конкурирано за добивање овластен економски оператор, но имаат пројавено интерес. Поволностите се побрз проток на стока, скратување на царинските постапки, стекнување на доверба не само со нашите царински служби, туку и во сите земји членки на ЦЕФТА:

-Овластен економски оператор е всушност градење на доверба меѓу Царинската управа не само во нашата земја, туку и во региони и земјите на ЦЕФТА. Усогласена е нашата регулатива со европската, коишто даваат повластици да се користи во земјите на Европа, па и пошироко, вели Спасовски.

Ректорот на УГД – Штип, Блажо Боев истакна дека ваквите промоции и средби со институции се од особено значење за студентите, кои директно можат да се запознаат со нивната работа. вдј/аа/

Back to top button
Close