БалканБалкан.ПорталДописници Свет

Реакција на германскиот амбасадор во Приштина по спречувањето на Српската листа да учествува на локалните избори

Амбасадорот на Германија во Косово Кристијан Хелд ја осуди денешната одлука на Централната изборна комисија (ЦИК) да не ѝ се дозволи на најголемата партија на косовските Срби, Српската листа, да учествува со свои кандидати на вонредните локални избори во северно Косово на 19 мај, јави дописникот на МИА од Приштина.

Приштина, 24 април 2019 (МИА) – Амбасадорот на Германија во Косово Кристијан Хелд ја осуди денешната одлука на Централната изборна комисија (ЦИК) да не ѝ се дозволи на најголемата партија на косовските Срби, Српската листа, да учествува со свои кандидати на вонредните локални избори во северно Косово на 19 мај, јави дописникот на МИА од Приштина.

Хелд изјави дека не ја разбира „политичката мудрост“ на одлуката на ЦИК и запраша зошто оваа државна институција се уште не е комплетирана.

– Бидејќи не сум во можност да го коментирам законскиот аспект на ова прашање во моментов, се прашувам која е политичката мудрост во преземањето таков чекор, реагира германскиот амбасадор.

Хелд вели дека дополнителен проблем на ЦИК, кој ги комплицира работите уште повеќе, е некомплетирањето на неговиот состав, со оглед дека двајца од 11 членови колку што треба да има Комисијата, се уште не се избрани.

На денешната седница на ЦИК од присутните девет членови, за заверка на кандидатите на СЛ гласаа седуммина, а за да им се признае правото за учество на избори беа потребни осум гласа. Од гласање апстинираа двајцата членови на Комисијата од редовите на опозициското Движење Самоопределување (ВВ).

Кандидатите на двете албански партии кои ќе учествуваат на овие избори, Демократската партија на Косово (ПДК) и ВВ, беа изгласани од сите присутни членови на ЦИК.

Членовите на ВВ во Комисијата побараа на СЛ да ѝ се даде рок од 24 часа за да ги смени кандидатите или да се дистанцира од нивните изјави со кои ја негираат државноста на Косово, со тоа што на земјата и се обраќаат со „Косово и Метохија“.

Членот на ЦИК од редовите на СЛ Стеван Веселиновиќ рече дека спречувањето на неговата партија да учествува на изборите претставува политички напад, затоа што нејзините кандидати ги исполниле сите критериуми кои се предвидени со Законот за избори.

СЛ има рок од 24 часа да се жали на Изборниот панел за жалби и претставки, кој ја носи конечната одлука за тоа дали нејзините кандидати имаат право да учествуваат на избори, или да предложи други кандидати.

Вонредни избори на 19 мај треба да се одржат во општините Лепосавиќ, Зубин Поток, Звечане и Северна Митровица, откако во ноември градоначалниците Срби поднесоа оставки во знак на незадоволство поради тоа што Владата во Приштина воведе такса од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина. иа/гт/

Таг
Back to top button
Close