0_Македонија.ПорталГраѓански сектор

Почна пролетната кампања за вакцинација на лисиците против беснило

 Со авионско фрлање вакцинални мамки почна пролетната кампања на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за вакцинација на лисиците против беснило која ќе се реализира со финансиска поддршка од Европската унија.

Скопје, 5 април 2019 (МИА) – Со авионско фрлање вакцинални мамки почна пролетната кампања на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за вакцинација на лисиците против беснило која ќе се реализира со финансиска поддршка од Европската унија.

На целата територија на земјава, со исклучок на населените места, водените површини и високите планински врвови, ќе бидат фрлени 500.000 вакцинални мамки.

Агенцијата апелира граѓаните да внимаваат при движењето во природа и доколку најдат мамка никако да не ја допираат. Мамките се со кафена боја и наликуваат на чоколадни коцки. Направени се од смеса со рибино брашно и имаат мирис на риба кој ги привлекува лисиците. Во мамките е сместена пластична капсула во која се наоѓа течна вакцина која содржи ослабен вирус на беснило како и биолошки маркер – тетрациклин кој се користи за утврдување на успешноста на вакцинацијата. Како одговорна институција апелираме мамката да не се допира, но, доколку сепак граѓаните дојдат во контакт со неа, неопходно е рацете да се измијат со голема количина сапун и вода, во траење од најмалку пет минути и задолжително веднаш да појдат на лекар.

Вакцината содржи ослабен вирус на беснило и е наменета исклучиво за имунизација на лисици. Вакцината не смее да се применува за имунизирање на домашните животни.

Миризбата од мамката може да ги привлече домашните миленици и тие да ја конзумираат мамката.

-До сопствениците на домашните миленици апелираме во периодот на текот на кампањата како и во период од две недели по фрлањето на вакциналните мамки, да не се дозволи слободно движење на кучињата и мачките во регионите каде се врши или е извршена вакцинацијата, наведува АХВ.

По реализација на вакциналната кампања против беснило, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе спроведе пост-вакцинален мониторинг заради контрола на успешноста на оралната вакцинација.

-Ги потсетуваме сопствениците на домашни миленици кучиња и мачки дека имаат законска обврска да ги вакцинираат животните против беснило, болест која во Република Северна Македонија за последен пат е регистрирана во 2012 година, стои во соопштението на АХВ. мч/мд/

 

 

Back to top button
Close