0_Web_Актуелно0_Македонија.ПорталMakedonija.SlajderАнализаОпштество

Овчарството да се прогласи за гранка од посебен национален интерес

Македонското јагне спаѓа во т.н. лесна категорија што подразбира повисока класа и повисок квалитет, но, моментно на пазарот тоа не е препознаено и признаено. Сточарите не се во состојба да постигнат континуитет во производството и во снабдувањето на пазарите според сезоната и според специфичните барања на потрошувачите, ниту се добро организирани. 

Скопје, 4 април 2019 (МИА) – Македонското јагне спаѓа во т.н. лесна категорија што подразбира повисока класа и повисок квалитет, но, моментно на пазарот тоа не е препознаено и признаено. Овчарите не се во состојба да постигнат континуитет во производството и во снабдувањето на пазарите според сезоната и според специфичните барања на потрошувачите, ниту се добро организирани.

Како што во анализата за МИА вели новоизбраниот претседател на Сојузот на одгледувачи на овци, Никола Ѓеоргиев, овчарството и натаму останува неатрактивно за помладата генерација што последните 30 години доведе до драстично намалување на бројот на овците, од 2,5 милиони на околу 500.000.

-Немањето соодветна инфраструктура до бачилата и фармите (вода, струја, пат), нестандардизираните објекти за чување на овците кои оневозможуваат нивна благосостојба, сместувањето на овчарите кое не ги задоволува основните, а камоли современите стандарди за модерно работење и живеење посебно ако се земе предвид дека се ангажирани 24 часа со тешки, напорни активности, нерешените имотно-правни односи, ниското ниво на примена на современа опрема и технологија, се ова се причините за денешната незавидна ситуација во која се наоѓа македонското овчарство, ниската профитабилност и неатрактивност, истакнува Ѓеоргиев.

Според него, главен ограничувачки фактор е ниското ниво на организирање на одгледувачите на овци како директни учесници во ланецот за производство на јагнешко и овчо месо, млеко и млечни производи.

-Недостатокот на проверени податоци и информации за управување со пазарни стандарди, вклучувајќи ги и пазарните ризици, на одгледувачите на овци им го отежнува пласманот на производите што потрошувачите ги бараат преку синџирите за снабдување или од некој учесник во самиот ланец. Ова ниво на „организација“ придонесува најголем дел од профитот да се искористи од некои трговци и преработувачи, што долгогодишното традиционално овчарство го прави пазарно неодржливо, дополнува Ѓеоргиев.

Тој укажува и на недостигот и практичната непримена на мерките за регулирање и одржување на пазарите за јагнешко месо (мерки за заедничко уредување на пазарите согласно ЕУ).

-Тоа, исто така, негативно делува на односите и трансакциите меѓу учесниците во ланецот на снабдување со јагнешко месо, посебно за примарните производители односно овчарите, нагласува претседателот на Сојузот.

Овчарите во декември 2018 излегоа на мирен протест пред Министерството за земјоделство. Гласно ги кажаа проблемите и побараа 1.500 денари субвенции за грло овца, 1.000 денари за оставено женско јагне, како и поддршка од државата ако откупната цена на јагнето е пониска од производната. Министерот за земјоделство Љупчо Николовски ги прими и им кажа дека со Програмата за рурален развој е планирано зголемување на сумата за набавка на приплоден добиток од постојните 14 на 90 милиони денари, а на субвенциите за предадено овчо млеко од четири на 4,5 денари за литар.

Во февруари 2019 тие повторно имаа средба со министерот, а на 5 март Сојузот на овчари одржа годишно Собрание. Од Собранието беше упатено директно барање до Владата – да се обезбеди вонредна поддршка од максимум 40 денари зашто откупната цена за прва класа јагне жива мера е 140 денари/килограм, а за втора 130, додека врз основа на производните трошоци, би требала да биде 182 денара.

-Ние сепак, не ја земаме предвид таа цена, туку остануваме на „старата“ од 175 денари што беше претходно утврдена. Затоа ќе побараме вонредна мерка за доплата како кај тутунот, но до 40 денари за килограм, изјави тогаш претседателот на овчарското здружение „Агроцентар“, Митко Јанков.

Од Собранието на 5 март произлегоа и други барања кои претседателот на Сојузот, Ѓеоргиев, во вид на допис ги испрати до Владата, министерствата за земјоделство и за економија, Комисијата за земјоделство во Собранието на РСМ и Агенцијата за образование на возрасни.

-Овчарството да се прогласи за гранка од посебен национален интерес со што ќе се сочува и продолжи вековната традиција на производство на висококвалитетни млечни и месни производи од овци, да се изготви детална анализа на моментната состојба на овчарството со предлог – мерки за подобрување и дополнителни субвенции како во Србија, Бугарија и Турција, да се променат критериумите за доделување земја и пасишта, односно да се даде можност да се додели земја на овчарите за производство на храна (фуражна и концентрирана), на пример: 150 килограми луцерка и 100 килограми жито по грло овца и еден хектар пасиште за три овци, стои во дописот.

Се предлага и со поддршка на надлежните институции да се обезбеди квалитетна работна сила за овчарството (овчари и мандраџии) кои би се обучувале и финансирале преку проект за изградба и реновирање тренинг центри на овчарски фарми.

-Овие овчарски фарми ќе бидат и почетни примери за развој на фармски туризам. Во реализација на оваа мерка се очекува да се воспостави ефективна комуникација меѓу Сојузот, Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување, вели Ѓеоргиев.

На 26 март се одржа уште еден работен состанок во МЗШВ. Пред почетокот на состанокот, претседателот на здружението „Шарпланинец“ и претседател на регионалното здружение на овчари за Западна Македонија, Меџити Амити, за МИА изјави дека поради несоодветните политики на државата која не го препознава овчарството како гранка од национален интерес, бројот на овци од 500.000, се намали на едвај 300.000.

-Сите не лажат. Крајно време е веќе да се преземат сериозни мерки за поддршка на овчарството. Ако не добиеме соодветна цена ќе одиме во загуба, ќе ги продадеме овците и ќе преминеме на тутун или на некоја друга култура. Прв јас ќе ги продадам моите 4.000 овци. Субвенции не сакам, нека ни дадат соодветна цена, рече Амити пред состанокот и додаде дека цената на јагнето е 120 денари килограм жива мера, додека според производните трошоци би требало да биде минимум 165 – 170 денари.

МЗШВ,пак, преку соопштение информира дека со предлог-решение за овчарството ќе излезе по претседателските избори. Во меѓувреме, ќе го следи откупот на јагнето и по неговото завршување ќе ги проанализира податоците од терен. Секое здружение, пак, на одгледувачи на овци ќе треба да испрати пополнет прашалник за трошоците што ја формираат производната цена. Таа ќе се спореди со анализите на МЗШВ за да се дојде до реална производна цена и врз сонова на тоа ќе се подготви соодветно решение.

Според Министерството, се работи и на воспоставување контакти со нови пазари за извоз на јагнешкото, а веќе течат преговори и за добивање квота за извоз на јагнешко месо на турскиот пазар.

Во годинашната Програма за финансиска поддршка останува зголемувањето за 10 отсто на субвенциите за сточарите со развоен потенцијал, вклучително и одгледувачите на овци. Според најавата на министерот Николовски, годинава ќе бидат одвоени и 24,5 милиони денари за фотоволтаици, поила и корита за летните пасишта (трла) со овци. Ќе почне и електоронското преобележување на ситниот добиток во кој спаѓаат и овците.

Мирјана Чакарова

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Back to top button
Close