Дописници МКДОпштински вести

Општина Кочани ќе го зголеми бројот на автобуски постојки за јавниот градски превоз

Локалната самоуправа на Кочани започна постапка за зголемување на бројот на автобуски постојки од јавниот градски превоз, по што наместо досегашните 63, ќе има уште пет нови.

Кочани, 23 април 2019 (МИА) – Локалната самоуправа на Кочани започна постапка за зголемување на бројот на автобуски постојки од јавниот градски превоз, по што наместо досегашните 63, ќе има уште пет нови.

Автобусите ќе сообраќаат на две линии, односно ќе ги поврзуваат централните и периферните градски населби во Кочани, како и во приградската населба Оризари. Зголемувањето на бројот на постојките ќе се реализира по согласноста што треба да ја даде и Советот на Општината.

– Петте нови автобуски постојки се во населбата Бејрут, потоа кај социјалните згради на улицата „Ѓорче Петров“, на улицата „Марко Цепенков“, кај спортското игралиште во населбата Сиви дом и кај продавницата „Жито“ во истата населба. Проширувањето на бројот на постојки е по барање од граѓаните кои се задоволни од услугата, затоа што тоа за нив е поволна опција за транспорт, особено во поглед на трошоците, истакнаа од општинскиот Сектор за јавни дејности.

За едно возење патниците и понатаму ќе плаќаат само десет денари, односно половина од цената на чинење на билетот, а другата половина ја субвенционира општината. За избор на транспортната компанија што ќе го обезбедува градскиот превоз ќе биде распишана тендерска постапка.

Цената на билетот за градскиот превоз е утврдена со одлука на Советот на Општина Кочани, додека за автобускиот превоз до селските населби е определен максимален износ на чинење, што компаниите, кои ќе се пријават на јавниот повик за негативно наддавање, не смеат да го надминат. та/мс/

 

Back to top button
Close