0_Македонија.ПорталДописници МКДИнтервјуПолитика

Николчо Стоилков, кандидат за градоначалник на Општина Ново Село од ВМРО-ДПМНЕ

Николчо Стоилков е роден во 1985 година. Живеe во Ново Село. Татко е на две деца. Mагистер е на правни науки, а правен факултет завршил на Факултетот за правни науки „Јустинијан Први“. Претседател е на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Ново Село, работи во Царинската управа.

Струмица, 14  април 2019 (МИА) – Николчо Стоилков е роден во 1985 година. Живеe во Ново Село. Татко е на две деца. Mагистер е на правни науки, а правен факултет завршил на Факултетот за правни науки „Јустинијан Први“. Претседател е на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Ново Село, работи во Царинската управа.

Кои се вашите најзначајни ветувања со кои ќе ја барате довербата од граѓаните за градоначалник на Општина Ново Село?

-Изградба на ладилник за одржување на земјоделските производи на откупните места со цел помагање во регулирањето на цената на земјоделските производи на откупните места, за земјоделците да не мора веднаш да го продаваат својот производ, туку ќе имаат можност да го чуваат одреден период до добивање добра цена. Ќе предложам проект за планирано земјоделско производство заедно за сите општини во Југоисточниот плански регион и со тоа ќе се избегне стихијното производство на одредени земјоделски култури. Покрај тоа, Општина Ново Село ќе почне обемен проект преку кој ќе биде анализирана состојбата со здравјето на сите граѓани кои моментално се наоѓаат на територија на општината Ново Село. Согласно добиените резултати ќе бидат формирани критични зони каде што ќе биде особено насочено вниманието на медицинските служби. Ќе се обезбеди 24-часовна медицинска нега во општината со амбулантно возило.

Веднаш ќе започнеме со санација и изградба на локалните улици и патишта за да се спречи понатамошното уништување и амортизација на возилата на граѓаните од општината. Општината ќе им овозможи посебни бенефиции на инвеститори од дијаспората за отворање локални бизниси што ќе вработуваат повеќе од пет луѓе, проширување на капацитетите на постојната и отворање нова градинка во подбеласичките населени места, отворање мултимедијален младински културен центар, урбанизирање државни парцели за заинтересирани млади кои планираат градба, изработка на план за промоција и поддршка во отворање туристички капацитети за продажба на ракотворби, сувенири карактеристични за поднебјето, ангажирање млади во проекти и програми за унапредување на младинскиот активизам.

Според вас, што е најзначајно и најприоритетно да се направи во Општина Ново Село?

-Во Општина Ново Село сè уште постојат некои од основните проблеми на населението, проблеми чие решавање мора да се нарече есенција. Во дел од општината сè уште има проблеми со водоснабдувањето, а исто така и со изградба на канализациски мрежи, што е неприфатливо за времето во кое живееме. Во Сушица водата тече низ азбестни цевки и граѓаните ја пијат таа вода. Луѓето од Колешино полнат вода од Мокринските Извори, бидејќи во чешмите им тече бактериолошки неисправна вода, а од истата добиваат и децата во училиштето. Канализациската мрежа во Ново Село сè уште не е завршена. Мислам дека тоа се основни потреби на секој граѓанин во земјава и, за жал, тие прашања се сè уште нерешени во општината. Заради тоа фокусот на почетокот на мојот мандат ќе го посветам на решавање на тие проблеми, па потоа, откако ќе биде обезбедена таа основа, ќе се фокусираме на понатамошниот развој на општината, индустриски, културен и инфраструктурен.

Дали периодот до крајот на мандатот, нешто повеќе од две години, е доволен да ги реализирате вашите програмски определби и ветувања?

-Моето лично мислење е дека периодот до завршувањето на мандатот и не е толку важен колку што е важно загубеното време на граѓаните на Општина Ново Село додека нивната општина е блокирана и не функционира. Затоа, при самото започнување на мандатот ќе мора да се пристапи кон решавање на проблемите без никакви изговори. За динамиката на одвивање на процесите сè уште е рано да се разговара, но во голема мера зависи и од општополитичката состојба во државата. Искрено се надевам дека Република Македонија ќе се одржи политички стабилна и ќе успееме да завршиме што е можно поголем број од предвидените проекти.

Ристо Тасев

Back to top button
Close