Граѓански секторПолитика

„Ние Гласаме, Ние Одлучуваме”, кампања на Граѓанската иницијатива „АВАЈА“

Граѓанската иницијатива „АВАЈА“ (на македонски: ДОАЃАМЕ), денеска ја промовираше кампањата „Ние Гласаме, Ние Одлучуваме”.

Скопје, 10 април 2019 (МИА) – Граѓанската иницијатива „АВАЈА“ (на македонски: ДОАЃАМЕ), денеска ја промовираше кампањата „Ние Гласаме, Ние Одлучуваме”.

Иницијативата е составена од млади активисти и интелектуалци Роми, кои преку кампањата сакаат да ги артикулираат и промовираат интересите на граѓаните Роми пред сите засегнати страни во Република Северна Македонија, соопштуваат од Граѓанската иницијатива „АВАЈА“.

Кампањата има за цел да мобилизира 10.000 граѓани Роми во 14 општини за да се обедини ромскиот глас за застапување на заедничките интереси на заедницата, како и охрабрување на гласачите Роми да учествуваат на претстојните претседателските изборите и да го искористат своето право на глас со што ќе се придонесе кон подигнување на политичката култура на ромската заедница и демократските процеси во Република Северна Македонија.

-„АВАЈА“ е граѓанска, непартиска иницијатива,  која ги артикулира барањата на ромската заедница. Имаме 500 активисти во нашата структура со кои треба да собереме 10.000 потписи како поддршка и овие потписи ќе се достават до надлежните институции. На крајот на кампањата ќе организираме јавно сослушување со мобилизација на 1.000 Роми кои ќе имаат можност, организирано, да се сретнат со кандидатите за претседател и со претставници на политичките партии да се информираат за нивните програми и да ги артикулираат своите интереси. Крајно време е ние да бидеме повидливи и да бидеме повисоко на агендите за решавање на нашите проблеми и предизвици, вели граѓанскиот активист Акиф Кариман.

Според претставниците на оваа иницијатива, учеството на ромската заедница на овие избори е можност за пренесување на ромските колективни интереси до кандидатите за претседател на државата.

-Извесно време сме во процес на консултација со заедницата. Од тие средби подготвивме Манифест за ромската заедница која има три конректни барања: Ромите да бидат минимум два отсто застапени во државната и јавната администрација до 2020 година за да се запази правичната застепност по институциите, особено министерствата; двојна буџетска алокација за решавање на проблемите на Ромите до 2020 и двојно поголема реализација на капиталните инвестиции во ромските населби до 2020. Овие барања ќе ги доставиме до политичките партии, до невладините организации и до странските преставништа, нагласи граѓанскиот активист Елвис Шаќири.

Според нив, легитимитетот на оваа иницијатава произлегува од претходните консултации со заедницата и поддршката со 10.000 потписи од ромската заедница.фф/сд/

Back to top button
Close