Kultura.SlajderИнтервјуКултураКултура.Портал

Џиџева: „Втора шанса“ е парче од реалноста што ќе нѐ натера да размислуваме

 „Втора шанса“ е првиот долгометражен филм на режисерката Марија Џиџева, со кој в среда (17 април) во кино „Милениум“ ќе биде отворен 22. Скопски филмски фестивал. Филмот е македонско-српска копродукција (Small Moves Films и Biberche Production)  по сценарио на Огнен Георгиевски. Во една од главните женски улоги ќе ја видиме  познатата актерка Мирјана Карановиќ, заедно со Даниела Ивановска и Наталија Теодосиева.

Скопје, 12 април 2019 (МИА) – „Втора шанса“ е првиот долгометражен филм на режисерката Марија Џиџева, со кој в среда (17 април) во кино „Милениум“ ќе биде отворен 22. Скопски филмски фестивал. Филмот е македонско-српска копродукција (Small Moves Films и Biberche Production)  по сценарио на Огнен Георгиевски. Во една од главните женски улоги ќе ја видиме  познатата актерка Мирјана Карановиќ, заедно со Даниела Ивановска и Наталија Теодосиева.

Режисерката Џиџева, која досега има голем број и честопати наградувани документарни и кратки филмови, во интервју за МИА зборува за новото искуство од снимањето игран филм, кој е раскажан преку женски карактери и е приказна за затвореноста во сопствените лавиринти и постојаната лична борба да се најде излезот. Вели дека „Втора шанса“ е парче од реалноста што ќе нѐ натера да размислуваме.

Што е темата на филмот, каде и колку време се снимаше и зошто доцни премиерата, бидејќи од Агенцијата за филм беше поддржан во 2015 година?  

– „Втора шанса“ е филм  за три жени – Сандра, Елеонора и Ангелина, чии животни приказни се испреплетувааат, калеидоскопски доловувајќи различни перспективи на жени и мајки, но и за себесоочувања со најинтимните моменти на одлуки за себедавање, за  себежртвувања во име на борбата за создавање и  за сочувување на сопствените семејства.

Филмската приказна е сместена во 2001 година кога во Македонија натежнува едно бреме на една мачна психоза што продира во сите пори од животот на обичните луѓе. Навлегувајќи во животите на овие три жени, како и на мажите кои ги опкружуваат, филмските приказни продираат во психологијата и патологијата на општествениот систем, кој живее во агонијата на бескрајниот период на транзиција. Секоја од овие жени на свој начин се бори со сопствените внатрешни демони, обидувајќи се да не ја изгуби својата хуманост, и на крај да не се изгуби самата себеси.

Тие се на различни возрасти, 30, 40 и 50 години, но на крајот може да се добие впечаток дека тоа е една иста жена во различни периоди од животот. Тие живеат во иста зграда, во станови еден над друг, но речиси и да не комуницираат меѓусебно. Остануваат затворени во сопствените лавиринти, во постојана лична борба да го најдат излезот.

И тргнувајќи од таа заробеност, речиси цел филм е креиран во затворен простор, во ентериери. Работено е на неколку локации во Скопје, во два стана, и во болницата „8 Септември“. Снимањето траеше 24 дена и потоа следуваше периодот на постпродукција.

Да, филмот е поддржан од Агенцијата за филм во 2015-та како проект што треба да почне со реализација во 2016 година. За да се направи еден филм потребни се неколку години затоа што има повеќе фази во реализацијата и финиширањето на проектот. И премиерата е токму навреме. Голема благодарност до Скопски филмски фестивал што ја препозна современоста на темата на филмот.

Како режисерка на документарци, какво искуство за Вас беше снимањето првпат долгометражен игран филм и дали и на овој проект му пристапивте документаристички?

– Прекрасно искуство ми е работата на првиот долгометражен филм. Работев со одлична  проефесионална екипа и со одлични актери кои влегоа во филмот со  голема посветеност и љубов. И многу сум им благодарна.

Границата помеѓу играниот и документарниот филм постојано се испреплетува. Не е едноставно да се дефинира пристапот. Во овој филм станува збор за лични човечки приказни, кои може да бидат и наши, но и од нашето опкружување. Појдовен елемент во документарниот филм е опсервацијата. Да се набљудува околу себе и во себе. Секојдневно да се гледа во очи на животот. Да се откриваат сегменти од реалноста што нѐ опкружува, во кои се препознаваме, сегменти во кои, барем во еден мал момент, ќе почувствуваме некоја емоција скриена многу длабоко, ќе чуеме некој многу тивок глас што сака да каже нешто.

И најчесто станува збор за лични човечки приказни. Некои луѓе сакаат и имаат храброст да зборуваат за себе  во камера, можат да се справат со себеси во споделувањето на својата интима пред камера и пред екипа и во соочувањето со публиката. Некои немаат, а имаат силна потреба тоа да го раскажат. И тука е можеби моето себенаоѓање во играниот филм. Тоа е мојот предизвик да работам игран филм – заедно со актерите и со целата екипа реално да ги креираме тие ликови, да ги оживееме и да ги раскажеме нивните приказни.

Како за Вашиот дебитантски игран филм дојдовте до соработка со  српската актерка Мирјана Карановиќ и како беше да се соработува со оваа ѕвезда на југословенскиот филм?

– Ми беше голема чест да работам со Мирјана Карановиќ. Кога беше дефинирано сценариото, многу беше јасно дека Мирјана е совршена актерка за еден од главните женски ликови. Моја желба беше да работам со неа.  Многу ми беше драго што веднаш се согласи да соработуваме и што несебично се вложи во целата приказна, даде сѐ од себе и со нејзиното знаење и искуство многу искрено ни помагаше во работата на филмот.

Сакам да додадам дека исто одлично соработував и со другите главни актерки во филмот – Даниела Ивановска и Наталија Теодосиева, кои силно рамноправно ги градеа своите улоги со Мирјана Карановиќ, креирајќи моќни женски карактери. И секако, исто така, и одличната соработка со актерите Данчо Чевревски, Златко Митрески, Димитар Ѓоргиевски и Денис Абдула кои се вложија себеси во создавањето на машките ликови,  без кои не би можеле да се изградат женските интимни светови во филмот.

Работно беше  „Жртва“, преименуван е во „Втора шанса“ – има ли порака во насловот на филмот – постои ли секогаш и за сè втора шанса?

– Не е необично  во текот на работа  на еден филм да се смени работниот наслов. Филмот е процес што трае подолго време, си добива свој живот и во секоја од своите фази се откриваат различни читања на приказната. Насловот на филмот е избор, а  понекогаш може да се протолкува и како порака.

Овој филм е раскажан преку женски карактери, преку нивната борба да кажат дека постојат, да станат видливи, а тоа се приказни на сите нас. На сите кои се чувствуваме несреќно и невидливо во ова време во кое живееме, време во кое сите вредности во кои сме верувале се изгубени, се поништени. Време во кое се обидуваме да ја видиме својата иднина. Овој филм е замислен како парче од реалноста што би нѐ натерал да размислуваме, што би нѐ испровоцирал да почнеме отворено да зборуваме за себе, да погледнеме околу себе, да ги отвориме своите скриени светови, да најдеме сили да си подадеме рака, да си помогнеме.

Филмот има отворен крај. Можеби доброто во играниот филм е што краевите може да се креираат, што можеби даваат простор за уште една шанса за среќен крај, што сите ние многу го посакуваме и искрено се надеваме. Во документарниот филм сè е реалистично и честопати крајот е трагичен.

Не знам дали постои секогаш или за сѐ втора шанса. На публиката  ѝ  оставам да го најде одговорот на тоа прашање – дали имаме втора шанса да се обидеме уште еднаш и уште еднаш и уште многу пати да погледнеме во себе и околу себе пред да се изгубиме во сопствените лавиринти засекогаш.

Хатка Смаиловиќ 

Фото: Ивана Батев / продукција „Small Moves Films“

 

 

 

 

 

Back to top button
Close