Дописници МКДОпштински вести

Хуманитарни проекти и акции на кривопаланечките волонтери од Црвен крст

Младински тимови од волонтери на кривопаланечкиот Црвен крст со организирање на различни акции за помош и поддршка на ранливи категории лица од средината активно работат на реализација на националната програма за млади – ЦКА-ПХВ (Црвен крст во акција – промоција на хумани вредности).

Крива Паланка, 22 април 2019 ( МИА) – Младински тимови од волонтери на кривопаланечкиот Црвен крст со организирање на различни акции за помош и поддршка на ранливи категории лица од средината активно работат на реализација на националната програма за млади – ЦКА-ПХВ (Црвен крст во акција – промоција на хумани вредности).
– Програмата има за цел да обучи млади на возраст од 13 до 17 години кои ќе бидат оспособени да пронајдат целна група, да ги истражат потребите на истата и да изнајдат решенија за остварување на целта: конкретна помош и ублажување на страдањата на оние на кои им е најпотребно. Под мотото „Верувања соединети во бесконечноста на универзалната еднаквост”, еден од тимовите работи на собирање средства за финансиска помош на три малолетни деца од социјално загрозено семејство кои посетуваат настава во ООУ „Илинден”, а друг волонтерски тим спроведе работилница во Дневниот центар за лица со попреченост од градот, остварувајќи ја целта на ПХВ програмата, да градиме столбови изделкани од различен мајдан, но соѕидани од разбирањето на туѓиот збор,толеранцијата на мојот избор,почитувањето на нивната традиција, восхитеноста од другиот, изјави Дарко Пешовски, секретар на општинската организација на Црвен крст-Крива Паланка.
Работилницата  „Сончев креативен ден” се организираше во соработка со Јавната установа Меѓуопштински центар за социјална работа Крива Паланка – Одделение на дневен центар за лица со попреченост.
– Викендов организиравме креативно дружење на волонтерите со лицата со попреченост – корисници во центарот. Тие заеднички го уредуваа дворот. Од страна на ЈУ МЦСР беа набавен клупи за седење, а волонтерите од програмата заедно со штитениците од се погрижија истите да бидат исфарбани и поставени на соодветно обележени места, информира Живка Стоилковска, дисеминатор за ЦКА- ПХВ програмата во ОО Црвен крст-Крива Паланка.
Според одговорните од општинскиот Црвен крст, секој може да ги следи нивната хумана мисија и дела, следејќи го човекот во себе.
– Доволен е само еден поглед од длабочината на умот, поглед кој проникнува од срцето на љубовта, надоено со толеранција, разбирање, почитување, прифаќање на разликите, различните мисли, верувања, соединети во бесконечноста на универзалната еднаквост, рече Пешовски. ид/фф/

Таг
Back to top button
Close