0_Македонија.ПорталДописници СветПолитика

Хан ги смирува скептиците во ЕУ за преговорите со Северна Македонија

Европскиот комесар за проширување Јоханес Хан вчера се обрати пред европските пратеници во комисијата за надворешни работи, при што посочи дека Европската Комисија најверојатно ќе препорача преговори за Северна Македонија и Албанија на 29-ти мај, но ги уверуваше и скептиците дека овој процес е постепен и дека преговорите не би започнале веднаш, јави дописничката на МИА од Брисел.

Брисел, 3 април 2019 (МИА) – Европскиот комесар за проширување Јоханес Хан вчера се обрати пред европските пратеници во комисијата за надворешни работи, при што посочи дека Европската Комисија најверојатно ќе препорача преговори за Северна Македонија и Албанија на 29-ти мај, но ги уверуваше и скептиците дека овој процес е постепен и дека преговорите не би започнале веднаш, јави дописничката на МИА од Брисел.

Комесарот уште еднаш повтори дека започнувањето преговори со Северна Македонија, која не само што испорача реформи, туку е и единствената земја во регионот која нема ниту еден отворен спор со соседите, како што рече, е прашање на кредибилитет за Европската Унија.

– Во мај ќе ги презентираме извештаите за напредокот за земјите и очекуваме дека врз основа на тоа што ќе го констатираме ќе дадеме препорака за Северна Македонија и Албанија, дека тие треба да влезат во подготвителната фаза на преговорите, посебно после позитивниот развој во Северна Македонија, рече Хан пред европратениците.

Тој потсети дека лани веќе огромното мнозинство земји членки имаа позитивен став за преговорите со земјата, но дека со оглед на тоа дека Преспанскиот договор е сега усвоен и се имплементира „треба да се премине на следната фаза“.

Таа следна фаза, меѓутоа, не значи и веднаш отворање на поглавјата. Имено, процесот е расцепкан уште од пристапните преговори со Хрватска.

Дипломатски извори во Брисел за МИА објаснуваат дека идеалното сценарио би било во јуни на Советот за општи работи, земјите членки да дадат политички сигнал, односно да одобрат отворање на пристапните преговори, со што започнува таа подготвителна фаза за која говори комесарот.

Прво, земјава треба да го заврши подготвителниот скрининг кој сѐ уште тече и за кој се предвидени состаноци до крајот на годинава. Теоретски, по подготвителниот скрининг, треба да се одржи и фактичкиот скрининг, познат како билатерален скрининг, на кој претставниците на ЕК и на земјите членки, но пред сѐ Скопје ќе треба да реферира пред европските партнери за својата подготвеност да преговара.

Потоа, откако ЕУ ќе даде политички сигнал за старт на преговорите, идеално во јуни, земјите членки ќе треба да и дадат мандат на ЕК да усвои преговарачка рамка. Овој документ ќе ги содржи клучните принципи врз кои ќе се одвиваат преговорите со нашата земја. Преговарачката рамка потоа треба да биде усвоена повторно од земјите членки, кои имаат право да поднесат измени на истата. Дури откако ќе се усвои оваа рамка, може да се свика првата меѓувладина конференција, која го означува и официјалниот старт на преговорите.

Важно е да се напомене и дека Македонија треба да усвои своја преговарачка рамка исто така.

Целта на Европската Комисија и на земјите поддржувачи на преговори со нашата земја е оваа конференција да се одржи до крајот на 2019-та, во тој случај може реално да се очекува дека првиот билатерален скрининг би се одржал на почетокот на 2020-та, а првото поглавје би можело да се отвори во текот на идната година исто така.

Ова е идеалното сценарио кон кое се стреми ЕК, но прашање е дали земји како Франција, но сега веќе и Германија, ќе прифатат да го дадат политичкиот сигнал во јуни.

Хан на вчерашното обраќање се обиде да ги смири скептиците дека станува збор за подготвителна фаза и дека сите го задржуваат своето право на вето во целиот процес.

-Сакаме да го започнеме овој иницијален процес кон пристапни преговори, сите стануваат нервозни кога се зборува за оваа идеја, но оваа клучна одлука само ќе значи дека можеме да започнеме со подготвителната работа за отворање на првото поглавје, и тука повторно треба да има едногласна одлука поддржана од сите земји членки за тоа кои ќе бидат одредници за отворање, односно критериумите за отворање на преговорите пред воопшто да започнат тие преговори, но ќе биде јасен сигнал до нашите партнери дека ако испорачале, тогаш и ние мораме да испорачаме, прашање на доверба и на политичко влијание во регионот е ова, им рече комесарот на пратениците.

Тој уште еднаш предупреди дека доколку ЕУ не испорача во регионот се зголемува ризикот од влијанија на другите големи сили како Русија, Кина и Турција, и потсети дека ЕУ е единствената која поставува услови и бара реформи.

-Ние сме единствените кои бараат нешто од нашите партнери, сите други им велат „правете што сакате“, само ЕУ има строги услови, но потоа не испорачуваме визна либерализација на пример, или слободна трговија и тие си велат дека напорите им се залудни, предупреди комесарот.

По настанот, Хан за МИА додаде дека одбива засега да шпекулира со имиња за земјите кои имаат резерви кон одобрување на преговорите во јуни.

-Ништо не очекувам и не сакам да шпекулирам, сакам да бидам кристално јасен дека она што се обидуваме да го постигнеме е договор за да почнеме да ги подготвуваме преговорите, реков дека е прашање на кредибилитет и одговорност како ЕУ, да се започне процесот, чиј следен чекор ќе биде отворање на следните поглавја, рече Хан за МИА.

Запрашан за преговорите за СЈО, тој повтори дека треба да се реши прашањето, но дека е оставено на сите страни во земјата да изнајдат компромис.

Она на што ќе бидат фокусирани европските земји и ЕК се пред сѐ претстојните претседателски избори, кои, доколку се покажат незадоволителни според меѓународните стандарди би биле силен аргумент во рацете на противниците на стартот на преговори.

Извештајот на ЕК треба да биде објавен на 29-ти мај, а земјите членки би требало да го стават проширувањето на агендата кон средината на јуни на Советот за општи работи. Но, дипломатите во Брисел не потврдуваат со стопроцентна сигурност дека ова ќе биде случај, не  е исклучено ЕУ да одлучи да ја одложи дебатата за проширување наесен, со што автоматски би се одложил и стартот на преговори со Северна Македонија.тм/са/

Back to top button
Close