Дописници МКДОпштински вести

Францускиот амбасадор Тимоние во работна посета на Делчево

Во работна посета на Општина Делчево денеска престојуваше францускиот амбасадор Кристијан Тимоние.

Делчево, 18 април 2019 (МИА) – Во работна посета на Општина Делчево денеска престојуваше францускиот амбасадор Кристијан Тимоние.
На заедничката средба со градоначалникот Горан Трајковски, се разговараше за приоритетите на локалната власт, меѓуграничната соработка со соседна Бугарија и изборниот процес при што беше потенцирано значењето на одржување на фер и демократски избори што ќе придонесе кон зацврстување на демократијата и огромниот чекор напред кон отпочнување на преговорите со Европската Унија и продолжување на реформите.
– Во Делчево постои конкретен пример за добра инвестиција во иднината што е и европска иднина, а разговаравме и за прекуграничната соработка со Бугарија која е подобрена, благодарение на напорите кои ги направи оваа Влада со потпишување на договорот за меѓусоседски односи со Бугарија. Тоа е договор кој носи не само политичките придобивки, туку и економските, истакна амбасадорот Тимоние.

Трајковски го извести амбасадорот дека во Делчево вкупно 352 ученици го учат францускиот јазик, а во таа насока Тимоние оствари средба и со професорите по француски јазик како и со директорите на делчевските воспитно-образовните установи.

– Во Делчево, француските класици и јазикот се изучуваат со внимание, а францускиот јазик е еден од трите најзастапени јазици во делчевските училишта и него го изучуваат 352 ученици. Се надевам дека оваа прва посета на францускиот амбасадор во Делчево му овозможи подобро да го запознае Делчево и очекувам оваа убава средба да донесе и идна соработка. На средбата го запознавме почитуваниот амбасадор со приоритетите на општината како погранично место, со нашите заложби, со актуелните проекти, а го истакнавме и значењето на поддршката од ЕУ преку најразлични фондови, посебно инструментот за прекугранична соработка, рече Трајковски.
Тимоние имаше средба и со претставници од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, а ја посети и делчевската фирма „Прогрес“ која има француски партнери како и француската библиотека при Националната установа Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ и локалниот музеј. вс/см/

Back to top button
Close