Дописници МКДОпштински вести

Фотоволтаични панели и нов покрив за прилепскиот пазар

Во прилепскиот градски зелен пазар ќе се користат фотоволтаични панели што сончевата енергија ќе ја претвораат во електрична. Ова е за обезбедување на подобри услови за работа на пазарџиите и граѓаните преку употреба на обновливи извори на енергија, најави заменик-министерот за локална самоуправа Дејан Павлески при денешната посета на Прилеп. Тој со директорот на прилепски ЈП „Пазари“ го посетија градскиот пазар.

Прилеп, 17 април 2019 (МИА) – Во прилепскиот градски зелен пазар ќе се користат фотоволтаични панели што сончевата енергија ќе ја претвораат во електрична. Ова е за обезбедување на подобри услови за работа на пазарџиите и граѓаните преку употреба на обновливи извори на енергија, најави заменик-министерот за локална самоуправа Дејан Павлески при денешната посета на Прилеп. Тој со директорот на прилепски ЈП „Пазари“ го посетија градскиот пазар.

– Планирано е во пазарот да се употребат фотоволтаици со што ќе се обезбеди и користење на обновливи извори на енергија и на тој начин ќе се подобри и квалитетот на условите и функционалноста на самиот пазар.

Директорот на Јавното претпријатие „Пазари“, Кристијан Илиески, вели дека финансиските тешкотии се надминати и како јавно претпријатие веќе можат да размислуваат за реализација на проекти кои се од особено значење на пазарот.

– Врз основа на апликацијата што преку Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион ја испративме до Министерството ни се одобрија средства за поставување на фотоволтаици, проект кој е од големо значење за пазарот, бидејќи во зимските месеци сметките за струја беа високи и ни создаваа тешкотии во функционирањето. Приоритетна цел за подобрување на функционалноста на градскиот пазар е покривот, за што во рамките на програмата за рамномерен развој е аплициран проект за нов. Со реализацијата на овие два поголеми зафати во градскиот пазар, прилепчани ќе добијат модерен пазар но во духот на старата традиција, нагласи Илиески.

Заменик-министерот за локална самоуправа Павлески нагласува дека годинава се обезбедени седум милиони евра за рамномерниот регионален развој, а за Пелагонискиот регион се одобрени осум проекти во вредност од 500.000 евра.

– Министерството за локална самоуправа во последните две години направи напори заедно со Владата да обезбеди двојно повеќе средства во делот на рамномерниот регионален развој. За годинава се обезбедени вкупно седум милиони евра. Во Пелагонискиот регион досега преку една од компонентите  одобрени  се осум проекти  во вредност од околу 500 илјади евра. Минатата година, како министерство,  поддржавме проект за подобрување на условите во противпожарната заштита, конкретно преку набавка на опрема и возило за потребите на територијалната противпожарна единица како и изработка на урбанистички планови во неколку населени места во Општината, објаснува Павлески.

Павлески имаше средба и со прилепските такси превозници со претставници од Полициската станица задолжени за сообраќајот како и со претставници од прилепската локална самоуправа. ем/мс/

Back to top button
Close