Kultura.SlajderКултураКултура.ПорталСторија

Филхармонијата ќе објавува носачи на звук

Од првиот концерт во новиот објект во октомври 2017-та, Филхармонијата редовно прави звучни снимки од сите концертни настани. Со  новата зграда и опремата што ја има од пред една и пол година, проработи и аудиопродукција за која порано беше задолжена Македонската радио-телевизија.  

Скопје, 6 април 2019 (МИА) – Од првиот концерт во новиот објект во октомври 2017-та, Филхармонијата редовно прави звучни снимки од сите концертни настани. Со  новата зграда и опремата што ја има од пред една и пол година, проработи и аудиопродукција за која порано беше задолжена Македонската радио-телевизија.

Од наредната година Филхармонијата планира да издава и цедиња од неколку концерти во сезона. Амбициите понатаму се да прави и видеоснимки од концертите односно целосна продукција бидејќи продуцираниот звук сега  ѝ  го дава на МРТ која го лепи на нивно видео.

Во студиото со многу вредна техника за тонско снимање и за озвучување на концертите, целиот систем е дигитален и мрежно врзан. Располага со сериозни брендови и стандарди за снимање – микрофони Neumann и AKG, озвучување JBL Vertec дигитална опрема од англискиот DIGICo,  снимач со конвертори на Prism Sound, студиски монитори Genelec…

А за контролата на звукот на концертите се грижат само тројца луѓе –  тон-мајсторите Ален Хаџи Стефанов и Ангел Ќосев заедно со раководителот на одделот за продукција Џијан Емин. Со нетрпение и подготвено, велат, ја чекаат одлуката Филхармонијата  да почне да издава носачи на звук.

-Сите концерти што се случуваат во нашата зграда и што се во наша организација ги снимаме мултиканално. Спремни сме од секој концерт да изработиме сериозна снимка која, доколку одлучи раководството, може да биде ставена на носач на звук. Веќе разговараме за неколку термини наредната година кои ќе бидат само за снимање цеде односно носач на звук. Така што, се „остриме“ идната година да избереме неколку такви термини – програми кои сметаме дека ќе бидат поатрактивни, со добри диригенти и добри солисти. Потребна е добра подготовка за снимање одреден концерт,  што потоа ќе се миксува за да биде на високо продукциско и уметничко ниво, изјави за МИА Џијан Емин, кој е и диригент во Филхармонијата.

Следен чекор, вели, е во иднина да оформат и видеопродукција за документирање на сите настани во нивната институција, а особено на симфониските концерти.

Малку се како тим, но она што ги држи во кондиција и на професионално ниво е меѓусебната усогласеност и знаењето  што, како и кога точно треба да се направи со сите  „копчиња“ во тонското студио и стручно да ги постават сите кабли и микрофони за снимање или ТВ-пренос.

-Тоа значи долги часови подготовка. Кога се прави генералната проба, ја правиме и ние. Се слушаат сите инпути, дали работат како што треба. Сето тоа што ние, тон-мајсторите, сме го наместиле, сите канали и микрофони, Џијан како главен продуцент го проследува на миксер. Тој тука преслушува сѐ што се случува горе во салата, внимава на секоја ситница, го мести звукот како што идеално треба да звучи, рече тон-мајсторот Ангел.

Покрај големата сала, Филхармонијата има и мала сала и честопати се случуваат паралелни настани, па тие тројца треба да се поделат за двете места. Сметаат дека можеби и се доволни за симфониските концерти, зашто начинот на нивното снимање е по стандард како во сите светски оркестарски сали и со ист принцип на местење на микрофоните. Но за хибридни проекти, велат – тука веќе дефинитивно сме куси.  Хибридните концерти се комплексни зашто рок или, на пример, електронска музика е поврзана со симфониски оркестар, се мешаат струја и акустика…

-Да ставиш еден електричен клавир и еден бас со засилувач или да ставиш пејач и оркестар, знае да те дебалансира во ваков случај. Бидејќи вклучуваш звучници, го возбудуваш просторот натприродно и автоматски имаш проблем. Звукот веќе не е природен. Не е како кога слушаш симфониски оркестар и она што го сработил диригентот со помош на салата – тоа е резултат кој те опколува и го примаш преку кожа. Кога ќе вклучиш разглас, веќе е сериозна манипулација, кажува тон-мајсторот Ален.

Реално не сме доволни да го правиме ова, додава Џијан и  ја посочува Берлинската филхармонија како врв во оваа работа, која има околу 150 вработени во аудио и видеопродукција.

-Не дека ние тројца сме супермени, но имало ситуации во кои навистина сме се чувствувале херојски зашто сме успеале да ги истуркаме работите на пристојно ниво. Акустиката во оваа сала не е дизајнирана за таков тип хибридни концерти, а ние немаме услови како да ја модифицираме за да можеме звукот да го приспособиме на нашите потреби, односно продуцентски желби. За акустичните концерти и технички неизмешаните имаме поголема контрола на звукот и повеќе шанси да направиме поквалитетен аудиозапис. Доколку се вклучат многу гитари, тапани, многу електроника и многу електрични произведувачи на звук, почнува да се јавува одреден проблем. Во некоја блиска иднина би требало да најдеме начин како да ги скротиме тие „ѕверски“ извори на звук, истакнува Џијан.

Имаат цел и идеи како да го постигнат посакуваното ниво на озвучување и начинот на кој би сакале да работат, но за какви било интервенции на сцената или во салата биле спречени, меѓу другото, и затоа што салата до скоро не беше во сопственост на Филхармонија.

-Салата од пред две недели е во наша сопственост. Не бевме во можност да правиме никакви модификации. Сега сме домаќини самите ние и од оваа точка можеме да правиме различни типови на модификации за да може да пристапиме кон нови начини на снимање и на озвучување различни видови концерти. Тоа се надевам ќе го постигнеме во наредната сезона, откако ќе се докомплетираме со микрофони кои во овој момент ги немаме и кои ќе бидат ставени на позиции за да не им пречат на музичарите при изведба. Ќе можеме да направиме модификации и на самата сцена и на акустиката. Можеби тоа ќе биде на половина од следната сезона, но не можам со сигурност да кажам. Ова е, сепак, државна институција и мала промена бара многу административни покренувања, што е мачно за нас како уметници, додава раководителот за продукција.

Хатка Смаиловиќ

фото: Фросина Насковиќ 

 

Back to top button
Close