0_Web_Актуелно0_Web_Избор на уредникот0_Македонија.ПорталBiznis.SlajderБизнисБизнис.ПорталЕкономијаПолитика

Федерацијата на индустрии на Грција задоволна од посетата на Скопје

Сметавме дека е од голема важност и да бидеме таму и да го поддржиме премиерот во неговиот конкретен потег да го посети Скопје и учествувавме со голем број бизниси, вели потпретседателот на Федерацијата на индустрии на Грција, Јанис Ставру за неодамнешното патување на Алексис Ципрас во Северна Македонија.

Атина, 13 април 2019 (МИА) – Сметавме дека е од голема важност и да бидеме таму и да го поддржиме премиерот во неговиот конкретен потег да го посети Скопје и учествувавме со голем број бизниси, вели потпретседателот на Федерацијата на индустрии на Грција, Јанис Ставру за неодамнешното патување на Алексис Ципрас во Северна Македонија.

Претседателот на федерацијата Атанасиос Савакис и потпретседателот Јанис Ставру беа дел од грчката бизнис делегација што го посети Скопје, а на брифинг во Здружението на странски дописници во Грција, ги пренесоа нивните впечатоци од разговорите кај нас, но говореа и за перспективите што се отвораат за двете земји на економско ниво по Договорот од Преспа, јави дописничката на МИА од Атина.

-Федерацијата, исполнувајќи ја нејзината институционална улога го следеше премиерот на неговото бизнис патување во Скопје, бидејќи сметаме дека е обврска на сериозна институционална организација да го следи Премиерот -кој и да е Премиер -во политичкиот и економскиот потег што го прави. Имаме целосно спротивен став со оние кои рекоа дека не сакаат да одат, а тие работи ги кажуваат бидејќи станува збор за предизборен период, објаснува потпретседателот на Федерацијата.

И претседателот и потпретседателот, без политички да го коментираат Договорот од Преспа, велат дека од економски аспект е позитивна разврска бидејќи се трга пречка во билатералните односи.

-Патувањето, од политичка страна сметаме дека е особено важно бидејќи тргнуваме од размислувањето дека Договорот од Преспа е нешто што требаше да се случи. Требаше ова отворено прашање што толку години го имавме со северниот сосед да се реши. Беше прашање кое ги ограничуваше дипломатските односи, но и општо сликата за Грција на целиот Балкан. Според тоа, патувањето, од политичка страна беше успешно. Од економска страна, да бидеме искрени, мислам дека никој не очекуваше дека ќе се склучеа огромни економски зделки или компаниите кои што се веќе активни таму дека ќе склучеа нови зделки, вели потпретседателот на Федерацијата во разговор со странските дописници во Грција.

– Суштината е една, зделките или беа направени или ќе се склучат во иднина, но од моментот кога почнуваат да се создаваат канали на комуникација и рамки на соработка, кои се попријателски во споредба со минатото, сметам дека е позитивно. Она што во суштина е важно е она што континуирано го кажувавме, и без да го оценуваме договорот на политичко ниво, туку на економско ниво, дека треба да се отстрани било која пречка што постои за бизнисите и создавање бизнис односи и дополнителен развој на екстровертноста, особено во држави во кои едниот пазар се смета за природно продолжение на другиот, коментира претседателот на Федерацијата, Савакис.

Потпретседателот, Јанис Ставру, вели дека кога постои особено позитивен пречек од другата страна се поставува основа за подобра дополнителна соработка. Потенцира дека пазарот на Северна Македонија е мал и не нуди некои големи можности, но како земја има и свои предности.

– Северна Македонија има некои особено важни предности. На пример има особено високо ниво на човечки ресурси во техничките области. Порано, факултетите во Скопје се сметаа за многу добри факултети во тогашна Југославија. Исто така постои уште еден феномен. Многу технички компании што работата во Скопје имаат работа во целиот свет. Знаеме за случаи во кои грчки компании преку технички канцеларии во Скопје, добиле работа во Либан или во други држави. Имаат човечки капитал кој е особено значаен и може да понуди помош во екстровертноста и во ширењето на бизнисите во трети земји поради вештините што се развиени, објаснува Ставру.

Од Федерацијата, во одговор на дописничката на МИА од Атина, изразуваат оптимизам дека конечно ќе биде исполнето нивното долгогодишно барање за потпишување договор меѓу двете земји за избегнување на двојното оданочување.

-Првата работа што ние ја кажавме по договорот, кога сите се караа дали е добар или лош, рековме дека треба да се склучи спогодба за избегнување на двојното оданочување за грчките бизниси да работата правилно и да се создаде БДП меѓу двете земји, вели Савакис и додава дека тоа е билатерална одлука и се однесува на министерствата за финансии на двете земји. ср/мч/

Back to top button
Close