0_МИА Истражува.ПорталИзбрано

Апсење на Асанж: Што ќе се случи со Викилис и „свиркачите“

Кога лондонските полицајци го изведоа Џулијан Асанж од амбасадата на Еквадор во Лондон, заврши седумгодишната сага во која најпознатиот „свиркач„ практично беше во домашен притвор.

13 април 2019

Би-Би-Си (српска редакција) – Лондон

Кога лондонските полицајци го изведоа Џулијан Асанж од амбасадата на Еквадор во Лондон, заврши седумгодишната сага во која најпознатиот „свиркач„ практично беше во домашен притвор.

Сепак, откако Еквадор го укина азилот на основачот на Викиликс, отворени се две нови и можеби поважни поглавја.

Дали Велика Британија ќе го екстрадира во Америка и со тоа ќе ја отвори вратата и други „свиркачи“ во иднина да бидат „ловени“ поради откривање на информации и дали судбината на Асанж ќе ги замолчи оние што мислеа дека одат по сличен пат.

Од одговорите на овие прашања, може да зависи судбината на слободниот говор и новинарството, велат активисти.

Американците го обвинуваат Асанж дека заедно со Челси Менинг, поранешна американски воена аналитичарка, дека „сковале заговор” и, наводно, заедно „даулодирале“ четири доверливи бази на податоци.

-Овој случај ќе биде опасен преседан, бидејќи тоа ќе значи дека секој новинар може да се соочи со екстрадиција и судење за објавување на вистински информации за САД од јавен интерес, изјави Филип Милошевиќ од Фондацијата Шер (Share) за Би-Би-Си на српски јазик.

Хрватскиот филозоф и политички активист Среќко Хорват тврди дека САД со таквото барање ја „отвораат Пандорината кутија”.

– Доколку Асанж, кој е австралиски државјанин, биде екстрадиран во САД, можеме да замислиме дека Кина или Русија ќе по бараат екстрадиција на германски или српски новинар, едноставно затоа што објавил документи за нивните злосторства, објаснува Хорват.

Кои се свиркачи?

Свиркачи се лица кои ја информираат јавноста за неморалните или незаконски активности на друго лице или организација.

Еден од првите познати свиркачи во светот беше човекот наречен Длабоко грло. Тој на новинарите од весникот „Вашингтон пост” им откри серија скандали околу администрацијата на американскиот претседател Ричард Никсон, што доведе до аферата Вотергејт во 1972 година.

Големо внимание од светската јавност доби и случајот на Едвард Сноуден, кој во 2013 година откри дека американската Национална безбедносна агенција (НСА) собирала податоци од граѓаните на САД преку една од водечките телекомуникациски компании со помош на таен судски налог.

Во Србија, во ноември 2014 година беше донесен Закон за заштита на свиркачи.

Уште во  2010 година, шведското обвинителство издаде налог за апсење на Асанж по обвиненија за силување и сексуално вознемирување.

Асанж, поради страв за сопствената безбедност, побара и доби азил во амбасадата на Еквадор, а по неколку години истрагите во Шведска беа запрени.

Сепак, тој беше уапсен поради неисполнување на условите под кои беше ослободен со кауција, бидејќи во 2012 година не се појави пред судот во Лондон. Максималната казна за ова дело е 12 месеци затвор.

Хорват тврди дека американското обвинение против Асанж истовремено е „бедно и опасно”.

-Асанж е обвинет дека ја поттикнувал Челси Менинг да објавува документи. Тоа е како да ве обвинуват дека ме поттикнувате да одговорам на овие прашања. Не е сосема исто, но ја сфаќате поентата, вели тој.

Филип Милошевиќ вели дека апсењето на Асанж може да предизвика страв и да доведе до „ефект на ладење” и автоцензура.

-Новинарите и активистите би можеле да забават и да престанат да работат, да не објавуваат информации од јавен интерес, за да не се соочат со истите последици.

И додека еден дел од светската јавност го осудува она што се случи во Лондон, британската премиерка Тереза Меј рече дека апсењето е доказ дека во Британија никој не е над законот.

Хорват тврди дека ако обвинувањата против Асанж се прифатат за легитимни, се доведува во прашање и фактот дека издавачот мора да го охрабри изворот„”меѓу другото, и дека ќе ја гарантира неговата тајност за да ги изнесе информациите од јавен интерес”.

Што е Викилкс?

Викиликс е медиумска организација основана од Џулијан Асанж во 2006 година со цел, како што објасни тој, да им овозможи на свиркачите да објавуваат информации.

Досега, Викиликс објави повеќе од десет милиони документи класифицирани како тајни.

Оваа организација тврди дека сака „да донесе важни вести и информации за јавноста … со цел читателите и историчарите можат да ги видат вистинските докази”.

Од првиот ден, Викиликснаиде на сериозни критики од владите на различни земји, како и безбедносните и разузнавачките агенции, кои ја обвинија оваа организацијата дека е неодговорна.

Викиликс ги чува податоците на сервери во неколку различни земји низ целиот свет, како што се Исланд и Шведска, каде законите го штитат откривањето на информации од јавен интерес. На овој начин, судските власти во САД не можат да ги затворат.

Со текот на годините, организацијата честопати беше критикувана поради нејзиниот наводен антиамерикански став, антисемитизам, блискост со руските власти, Републиканската партија, но и поради објавувањето лични податоци на „обичните” луѓе како што се медицински картони, приватни преписки, броеви на лични карти и пасоши.

Викиликс „отпорен“ на напади

Самото функционирањето на Викиликс по настаните во Лондон нема да биде доведено во прашање, веруваат и Милошевиќ и Хорват.

-Викиликс документите ги прави достапни преку сервери во различни меѓународни јурисдикции, вклучувајќи ги и оние во Шведска, Исланд и Белгија, кои имаат доста силни закони за заштита на новинарите, тврди Милошевиќ.

Хорват додава дека Асанж не е наивен и дека обезбедил Викиликс да продолжи да функционира. Сепак, тој очекува понатамошна дискредитација на Викиликс како хакерска организација.

-Тоа е и погрешно и опасно, бидејќи тогаш сите медиуми кои објавуваат факти или валканите тајни на моќните режими можат да бидат етикетирани како терористи или хакери, тврди Хорват.

Милошевиќ потсети дека дури и „неколку пресуди на Врховниот суд на САД потврдија дека Уставот на САД го штити реобјавувањето информации добиени по нелегален пат”.

А тоа е она за што конкретно се товари Челси Менинг.

-Платформата е активна, со повремени технички и финансиски проблеми кои се резултат на бројни напади и притисоци од различни „независни“ и непознати актери, вели Милошевиќ.

Хорват заклучува дека се случува „токму она на што Асанж предупреди”.

-Не поради Шведска, не поради Путин, тие го сакаат во САД, бидејќи ги откри американските злосторства во Авганистан, оцени тој. ссм/

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close