Дописници МКДОпштество

Во Велес регионална смотра на клубовите на млади техничари и природници

Во организација на Здружението за техничка култура Народна техника Велес денеска во просториите на ООУ „Св. Кирил и Методиј“ во Велес се одржа 30-тата Регионална смотра на клубовите на млади техничари и природници на која во 23 дисциплини од природните и техничките науки се натпреваруваа над 120 основци од поширокиот велешки регион во кој се вклучени и ученици од општините Градско и Чашка.

Велес, 16 март 2019 (МИА) – Во организација на Здружението за техничка култура Народна техника Велес денеска во просториите на ООУ „Св. Кирил и Методиј“ во Велес се одржа 30-тата Регионална смотра на клубовите на млади техничари и природници на која во 23 дисциплини од природните и техничките науки се натпреваруваа над 120 основци од поширокиот велешки регион во кој се вклучени и ученици од општините Градско и Чашка.

Најдобрите во сите дисциплини од Регионалниот натпревар на 6 април ќе учествуваат на Државниот натпревар што ќе се одржи во Македонска Каменица.

Како што појасни Зоран Тодоров, извршен директор на Здружението за техничка култура Велес кој  воедно е  и  претседател на Народна техника на Македонија, целта на овие традиционални смотри, односно натпревари за учениците, е да се поттикнат најмладите за интерес кон техничките и природните науки.

-Во овој регион имаме доста талентирани деца кои редовно секоја година во повеќе области  се враќаат  со први места на државните натпревари. За тоа се заслужни и нивните ментори од секоја област  кои со нив напорно работат во текот на целата учебна година, потенцира Тодоров.

Најдобрите од Државниот натпревар на млади техничари и природници, посочи, потоа земаат учество на „МАКИНОВА“ и „ТЕХНОМА“  и  на меѓународни натпревари.

-Нашите деца се мошне талентирани за технички и природни науки. Тоа го докажавме и на минатогодишната смотра на Народна техника која се одржа во Скопје, каде нашите ученици беа прворангирани меѓу претставниците од седум земји од Источна Европа. Имаме одлично  изработени иновации на наши ученици и од природните и од техничките науки кои можат да најдат примена во индустријата, роботиката, автоматиката, применетата хемија и биологија, градежништвото, архитектурата, електрониката, сообраќајното и ракетното моделарство и другите области на науката, рече Тодоров.

Најдобрите ученици, додаде, имаат привилегија  преку нас да  конкурираат во Министертвото за образование и наука и да добијат  стипендија.

– Некои од нив освен на нашите факултети добиваат можност да студираат на престижни факултети во светот и да напредуваат во разни области од науката. Горди сме што преку клубовите на Народна техника сме поттикнале многу млади техниката и науката да станат нивна животна професија. Во изминатите 30 години преку клубовите на Народна техника во земјава годишно по околу 5.000 ученици се едуцираат и усовршуваат во областа на науката и техниката, информира Тодоров. ад/вј/

Back to top button
Close