Дописници МКДОпштински вести

Во Струмица одбележан Светскиот ден на бубрегот 

Здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“ денеска во Струмица го одбележа Светскиот ден на бубрегот.

Струмица, 14 март 2019 (МИА) – Здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“ денеска во Струмица го одбележа Светскиот ден на бубрегот.

Според претставници на Здружението, целта со одбележувањето е да се подигне свеста за подобрување на условите на дијализа и да има што повеќе трансплантации на бубрежно болните.

-Моментално трансплантациите од познат донор, односно од роднина или близок се одвиваат нормално и тука нема некое поголемо задржување и се чека два до три месеци. Но, правиме напори да заживее кадаверичната трансплантација, која беше во застој три години. Тоа е трансплантација на бубрези од починат донор со мозочна смрт. Со наше големо залагање, како и на сите чинители во трансплантацијата, но и со назначување болнички и национални координатори, конечно по три години имаме кадаверични трансплантации и за кусо време имавме три со што шест наши пациенти, кои почнаа да живеат нормален живот без дијализа, информираше претседателот на „Нефрон“, Душко Ѓорѓиев.

Додаде дека направен е значаен исчекор откако во дијализата се воведува концесионерство. Сега таа се прави на модерни машини, за разлика од порано кога таа се вршела во субстандардни услови.

Според лекарите расте бројот на пациенти кои користат дијализа и само во Струмица ги има 80.

-Бројот на пациенти на хемодијализа порано се движеше од 40 до 65, но можам да констатирам дека во последно време тој број расте, рече интернист Дитка Ивановска. Посочи дека е мошне значајна едукацијата на пациентите за да може да се избегне дијализата.

Меѓу присутните на одбележувањето на Светскиот ден на бубрегот во Струмица беше и Стојче Цековски од Крива Паланка, кој 40 години оди на дијализа.

– На дијализа сум од 1979 година. За да се живее толку време без бубрези треба човек да има самодоверба, самодисциплина во самиот себе, да води сметка за исхраната и да ги почитува советите на лекарите, но и понекогаш и сам да си биде лекар, рече Стојче Цековски, најстар пациент во државата на дијализа.

Инаку, хроничната бубрежна болест-ХББ зафаќа околу 850 милиони луѓе ширум светот и во моментов е шеста водечка причина за глобална смртност. Околу 3,5 милиони луѓе во светот страдаат од хронични бубрежни заболувања во петтиот стадиум и за нив е неопходно да се обезбеди третман со дијализа (хемодијализа или перитонеална дијализа) или трансплантација на бубрег.

Меѓу 2,3 и 7,1 милион луѓе во светот прерано умираат поради недостиг на пристап до дијализа и трансплантација, односно третмани за лекување на бубрежните болести. рт/рп/

Back to top button
Close