Дописници МКДОпштински вести

Викендов шест пожари во Крива Паланка, опожарени 20 хектари површина

За време на викендот на подрачјето на општина Крива Паланка се случиле шест пожари, сите на отворен простор, а во истите опожарена е вкупна површина од околу дваесет хектари, стрништа, родни дрва и овоштарници,како и шумска вегетација.

Крива Паланка, 18 март 2019 (МИА) – За време на викендот на подрачјето на општина Крива Паланка се случиле шест пожари, сите на отворен простор, а во истите опожарена е вкупна површина од околу дваесет хектари, стрништа, родни дрва и овоштарници, како и шумска вегетација.

Според информациите од Територијалната противпожарна единица Крива Паланка, над седумдесет отсто од вработените викендов, од 15 до 17 март биле мобилизирани, а во интервенциите бил ангажиран целокупниот возен парк.

-Од вкупно шест пожари,пет се случија на отворен простор, додека еден е во приватен стан, во колективна станбена зграда. Во петок интервенирано е на пожар во зграда, предизвикан од неисправна електрична инсталација, при што се запали кујнски бојлер. За среќа, сопствениците биле во домот кога настанал пожарот, па избегната е поголема несреќа. Во пожарот причинета е материјална штета од околу петнаесет илјади денари. Во сабота,16 март, се случи еден пожар во селото Осиче, опожарена е површина од околу два хектари, гореше  дабова шума, неколку овоштарници со родни дрвца и една бандера на ЕВН. Вчера се случија вкупно четири пожари,сите на отворен простор и на различни локации во општината, во село Осиче, Мождивњак и два во село Луке. Пожарите настанаа во периодот од десет часот и дваесет минути до шеснаесет часот, а опожарена е вкупна површина од над 20 хектари, изјави Иле Коцевски, командир на Територијалната противпожарна единица од Крива Паланка.

Посочи дека во трите дена на интервенциите учествувале околу седумдесет отсто од вкупниот број вработени пожарникари во ТППЕ, интервенирале 11 пожарникари со вкупно шест возила.

– Возниот парк на ТППЕ Крива Паланка е релативно стар, со просечна старост на возила од четири децении. Сите интервенции беа на различни локации во градскиот и приградски реон, на оддалеченост од околу петнаесет до дваесет километри, поради што настанаа и повеќе дефекти на возилата кои тековно се решаваат и отстрануваат, додаде Коцевски.

И во текот на денешниот ден вработените во ТППЕ Крива Паланка интервенирале на пожар на отворен простор,во селото Конопница, каде се запалиле стрништа, а пожарот брзо се проширил кон куќите во околината,но брзата интервенција на пожарникарите спречила негово ширење и настанување на поголема материјална штета. ид/аа/

 

Таг
Back to top button
Close