Дописници МКДОпштински вести

Весници стари и над 50 години се уште можат да се најдат во депото на делчевската библиотека

Повеќе од 20 години во континуитет Јавната локална библиотека „Илинден“ од Делчево чува стари весници, најмногу дневен печат. Во депото на библиотеката можат да се најдат и весници уште од 1945 година.

Делчево, 5 март 2019 (МИА) – Повеќе од 20 години во континуитет Јавната локална библиотека „Илинден“ од Делчево чува стари весници, најмногу дневен печат. Во депото на библиотеката можат да се најдат и весници уште од 1945 година.

Повеќето многу стари весници, како што истакна директорката на библиотеката, Билјана Петровска, се уништени од забот на времето или изгубени при дислокацијата на библиотеката, меѓутоа во последните 20 години сите весници се зачувани.

– Јавната локална библиотека Илинден секој ден ги набавува весниците Нова Македонија, Вечер, Слободен печат и Независен весник. На крајот од месецот сите дневни весници се собираат, се врзуваат и се носат во таванските простории на библиотеката каде се чуваат весниците. Не е многу често, но се случувало да дојдат луѓе, да бараат весник со стара дата, сакајќи да копираат дел од весникот, прилог во кој биле застапени тие или нивни блиски, или пак да се препишат податоци за некој стар настан кои им требаат за да ги искористат за друга потреба, истакна Петровска.

Весниците додава се медиуми кои објавуваат разни вести од општествениот, политичкиот, културниот, спортскиот живот, извештаи од дневни случувања и приказни. Тие сведочат за некое минато време и генерации и од тие причини нагласува Петровска се посебно големо богатство кое треба да се чува.

Од ЈЛБ „Илинден“ ги информираат сите граѓани и своите членови дека како и сите книги, така и весниците им се достапни во секое време и доколку имаат потреба да ги разгледаат, прочитаат или копираат прилозите од старите весници тоа можат да го направат во читалната во библиотеката. вс/аа/

 

Таг
Back to top button
Close